Претседателот Стево Пендаровски на пленарната сесија на тема: „Ресетирање на синергијата ЕУ-САД кон Западен Балкан“ во рамките на „Преспа форум за дијалог“ рече дека е време за ресетирање и напредок на земјите од Западен Балкан во делот на евроинтеграциите.
„Конечниот резултат е дека Западниот Балкан, особено во минатата деценија заостанува во економска смисла зад Европската Унија и повеќе отколку во претходната деценија, а евидентен е и падот на сите демократски индикатори. Во демократска смисла, Западниот Балкан е поназад отколку што беше пред 15 или 10 години и Западниот Балкан има 18 милиони население на хартија, а во реалноста има 4 милиони помалку“, истакна претседателот Пендаровски.
Неговиот колега од Црна Гора, Мило Ѓукановиќ на сесијата рече дека има застој во политиките на проширување на Европската Унија кон Западниот Балкан, додавајќи дека најпрво се говорело за замор, а потоа таа реторика малку стивнала, но лошата динамика на таа политика останала.
„Денеска логично зборуваме за падот на евроентузијазмот на Западниот Балкан и ми се чини дека често во разговорите кои ги имаме меѓу лидерите на Западен Балкан и функционерите од Брисел, едни со други си приговараме и слушаме дека недоволно е владењето на правото во Балканот и дека реформите го изгубиле темпото, а ние предупредуваме дека лошите пораки од одредени европски адреси предизвика пад на евроентиузијазмот“, нагласи црногорскиот претседател Ѓукановиќ.
Поранешниот еврокомесар за проширување и актуелен комесар за буџетски прашања на ЕУ, Јоханес Хан на денешната сесија рече дека непочнувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија за пристапување кон Европската Унија е јасен неуспех за ЕУ.
„Многу беше кажано за неспособноста на ЕУ да ги започне преговорите за пристапување кон Унијата за Северна Македонија и Албанија. И јасно е дека нема што да кажам во врска со ова. Ова е јасен неуспех од наша страна и жалиме дека сме таму и зошто е така. Јасно и потврдено е дека ЕК донесе многу извештаи дека овие земји испорачаа резултати и отсекогаш велевме откако тие ќе испорачаат, мораме и ние да испорачаме резултати, а ние тоа не го направивме досега. Затоа се надевам дека словенечкото претседателство, иако шест месеци е кратко време, но во политиката некогаш може и да биде доволно, за да се постигне нешто“, рече еврокомесарот Хан.
Тој додаде дека дека политичарите се тие кои треба да носат одлуки, а не експертите и научниците. Притоа, рече Хан, клучната надлежност на добар политичар и добар водач е да се постигне договор, компромис кој е победничка ситуација за сите.
Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер рече дека процесот на европска интеграција на земјите од регионот ги поставува основите за мирен демократски развој.
„Одлуката на ЕУ да започнат преговори со Северна Македонија и Албанија беше инспиративна, меѓутоа сега Унијата нема кредибилитет доколку не се преземат конкретни активности за почеток на преговорите. Се надеваме дека Европската Унија ќе ги одржи првите меѓувладини конференции со двете земји и ќе се случи ова“, изјави Филип Рикер на сесијата.
На денешната пленарна сесија учествуваа претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Р. Словенија, Борут Пахор, помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, eврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, францускиот сенатор Ален Ричард и генералниот секретар на заедницата на демократии, Томас Гарет.