Со „Документите Пандора“ Ѓукановиќ повторно во фокусот

Фото;: МАНС

Во „Документите Пандора“, што беа објавени вчера, црногорскиот тридеценициски водач Мило Ѓукановиќ повторно излезе во фокусот на интерес на балканската јавност.

Со вкупно 12 милиони „откопани“ документи, Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (International Consortium of Investigative Journalists -ICIJ), заедно со повеќе новинарски организации ја направија досега најголемата објава на документи што го прикажуваат скриеното богатство на светските моќници – политичари, светски водачи и милијардери.

Од балканските лидери во најновиот случај се вклучени долгогодишниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ и српскиот министер за финансии и поранешен градоначалник на Белград, Синиша Мали.

Скриениот имот на околу 35 сегашни и поранешни лидери, над 100 милијардери и повеќе од 300 јавни функционери е прикажан во досиејата од офшор-компании, наречени „Документите Пандора“(Pandora Papers).

Меѓу документите е и името на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и членови на неговото семејство. Наводно, Мило и Блажо Ѓукановиќ склучиле тајни договори за управување со нивниот имот во 2012 година, криејќи се зад комплицирана мрежа на поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Според документите, синот на претседателот на Црна Гора ја искористил оваа структура за да формира две скриени компании со фирми-ќерки во Лондон и Црна Гора.

Меѓу документите што ги проучуваа истражувачките новинари на МАНС, пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо Ѓукановиќ го склучиле на 21 јуни 2012 година со CM Skye 2 (PTC) Limited, регистриран на Британските Девствени Острови.

Според документите, Ѓукановиќ го формирал Victoria Trust, а неговиот син Capecastel Trust. Тие наведуваат минимален основачки влог и прецизираат дека во фондовите, во кој било момент можат да бидат внесени имоти од самите основачи и од други лица.

Фондовите се воспоставени за период од 80 години, а компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании, да отвора нови компании и жиро сметки, да дава и зема заеми и да извршува разни други задачи.

Во документите е и името на актуелниот министер за финансии на Србија и поранешен градоначалник на Белград Синиша Мали.

Новинарите од КРИК и мрежата OCCRP во 2015 година открија дека Синиша Мали, наводно купил 24 луксузни апартмани во бугарското летувалиште Свети Никола на Црното Море. Вредноста на становите била околу пет милиони евра. Мали ги обвини дека лажат и призна дека купил еден стан, оној што бил регистриран на негово име.

Српскиот претседател Александар Вучиќ со години го брани својот близок соработник од сомненија за вмешаност во корупција, исто така, тврдејќи дека КРИК лаже.

– Имам апсолутна доверба во министерот Синиша Мали, рече Вучиќ претходно оваа година.

Но, како што пишува КРИК, Пандорините документи докажаа дека Синиша Мали бил сопственик на станови и две офшор компании. Мали ги купил становите во 2012 и 2013 година, во време кога беше економски и финансиски советник на тогашниот прв вицепремиер на Србија, Александар Вучиќ.

Според објавата, Мали купил 24 апартмани во Бугарија од компанија на Срѓан Дабиќ, поранешен кошаркар и директор на српската филијала на познатата руска нафтена компанија Лукоил.

Мали не одговорил на повикот на новинарите на КРИК за интервју или на деталните прашања што му ги испратиле.