Инспекторатот со дрон го снимал и следел дивото фрлање и палење отпад


Скопје, 1 февруари, 2018 - 11:23 (META) 

На подрачјето на Скопје состојбата со загадениот воздух е веќе под прагот на алармирање, извести Државниот инспекторат за животна средина на својата Фејсбук страница, повикувајќи се на податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот од 31 јануари.

„Се прекинува епизодата за надминување на прагот за алармирање за две мерни места во Скопје Лисиче и Ректорат за два последователни дена, бидејќи концентрациите за PM10 се под дефинираниот праг согласно легислативата“, соопшти Инспекторатот.

Оваа институција вчера вршела набљудување со изнајмен дрон над местата од кои може да се создава загадување на воздухот и откривање на прекршителите.


Алаѓозовски: Музичките субвенции биле алатка за купување послушност на уметниците


Скопје, 12 јануари, 2018 - 15:30 (META) 

Министерството за култура испратило инспектори во Македонската радио-телевизија (МРТВ) во врска со одлуките за субвенции за поддршка на домашната музичка продукција, кои констатирале дека роковите за носење на овие одлуки биле „длабоко пробиени“ и поради тоа треба да бидат поништени, соопштија од Министерството од каде велат и дека не само што нема да одобрат исплата на парите за избраните композиции, туку дека ќе спроведат истрага и за претходните конкурси.

Како што изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски во Битола, инспекторите го предупредиле раководството дека се соочува со кривична одговорност поради незконски донесени одлуки, со кои се создава „штета по буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата“.

Истоа така било констатирано дека во комисиите наместо музички уредници со работно искуство на таа позиција од најмалку пет години, дел од членовите воопшто не го исполнувале тој критериум, односно никогаш не работеле како музички уредници.

Алаѓозовски вели дека на некои автори им било овозможено да добиваат пари и преку категоријата „изведувачи“, а некои други за истата причина биле одбивани од конкурсот, а биле забележани и случаи на судир на интереси каде што сопружници биле членови на комисија, која доделила средства на група во која членувал нивниот син.

– Со оваа настаната ситуација уште еднаш се покажа колку бил штетен овој закон, кој постојано создавал долгови по буџетот на граѓаните, бил спроведуван на несоодветен начин и со неправилности, а воопшто не ги постигна декларираните ефекти, ниту пак придонесе за зголемување на квалитетот, развој на музичката индустрија и поголема присутност на домашните артисти на нашите медиуми, туку се претвори во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници – изјави Алаѓозовски.


Од големите загадувачи, инспекторите утврдиле проблеми и ја казниле само „Дрисла“


Скопје, 4 јануари, 2018 - 14:06 (META) 

Инцинераторот, односно направата во која гори медицински отпад во скопската депонија „Дрисла“ е единствениот од 15-те големи капацитети контролирани од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), за кој во последниов период се изречена казнени мерки.

„Дрисла“ доби казна од 8.500 евра и обврска до средината на февруари да вгради соодветни филтри.

Директорот на инспекторатот, Мирослав Богдановски денеска, презентирајќи ги програмата за работа и буџетот на Инспекторатот во 2018 година ги повика граѓаните на бројот 193 да ги пријавуваат сите случаи на оган на отворено, но и на други извори на загадување на животната средина, порачувајќи дека со зголемениот буџет државниот инспекторат годинава ќе работи засилено.

Инспекторите и по неколку пријави за загадување на територијата на општина Карпош не утврдиле прекршоци, објасни директорот на ДИЖС.

– Во последниот период се направени 15 вонредни контроли на големи капацитети е притоа е изречена една мерка – рече Богдановски.

Буџетот на Државниот инспекторат за животна средина за 2018 година е поголем за 10 милиони денари, односно 60 отсто повеќе отколку во 2017 година, што ќе овозможи вработување нови 6-7 инспектори, а ќе се набави и нова опрема.

За малењето на медицинскиот отпад во Дрисла тој рече дека ќе се врши до средината на февруари само по три часа дневно, и тоа само кога има поволни метеоролошки услови.

– Не можеме целосно да го затвориме, оти тоа е единствениот таков капацитет во земјава, и ќе се јави голем проблем ако се натрупа медицински отпад – рече Богдановски.

 


Инцидент меѓу полицаец и инспектори од СВР Битола


Битола, 16 декември, 2017 - 17:45 (META) 

На ден 15.12.2017 година во 23.30 часот Полицаецот И.Д. од Битола синоќа во 23.30 часот во СВР Битола пријавил дека истиот ден околу 21.45 часот на крстосница од ул. „Партизанска“ и ул. „Методија Андонов Ченто“ во Битола управувајќи го сопственото патничко возило „ауди“ бил сопрен од полициските службеници Б.Б. и А.Ј. од СВР Битола кои со приватно возило „цитроен“ вршеле службени дејствија.

Откако претходно возеле зад него и му давале светлосен знак да сопре, во моментот кога на крстосницата во намерата да сврти лево бил сопрен од истите со попречување на патот. При тоа во обид да им се легитимира на инспекторите кои лично ги познавал и се обидувал да им се претстави дека и тој е полициски службеник, инспекторот В.Б. го извлекол од неговото возило, укажувајќи му дека во моментот извршуваат службени дејствија по одредена акција истиот го оттурнал кон возилото и, според пријавеното, го удрил. Веднаш после тоа го напуштиле местото на настанот и се упатиле во непознат правец.

Полицаецот И.Д. настанот го пријавил во СВР Битола за што приложил и медицинска документација за повредите за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службени дејствија“, а инспекторите В.Б. и А.Ј. во 01.30 часот во СВР Битола пријавиле кривично дело „спречување на службено лице во вршење на службени дејстија“ за истиот настан со појаснување дека додека се упатувале кон местото каде требало да постапуваат за друг настан , истите биле најпрво попречувани да го престигнат возилото „ауди“, а потоа им бил попречен патот кај споменатата крстосница.

Откако му се легитимирале на возачот кој им соопштил дека и тој е полициски службеник, јасно му укажале дека се на службена задача и дека ги спречува во акција која е во тек. Освен вербалната комуникација истите го негираат нападот кој го пријавил полицаецот И.Д. За настанот на ден 15.12.2017 година во 23.50 часот известен е јавен обвинител од Битола и Одделот за внатрешна контрола,криминалистички работи и професионални стандарди Скопје, стои во извештајот на МВР.


Kомуналните инспектори во Аеродром ќе работат во две смени


Скопје, 28 ноември, 2017 - 12:37 (META) 

Од утре комуналните инспектори на Општина Аеродром ќе работат во две смени, секој ден од 8.30 до 22.30 часот, вклучувајќи ги и викендите, информираат од локалната самоуправа. .

Како дел од проектот „Пријави загадувач“ за почист воздух во општината, ќе биде ангажирана целата инспекциска служба, односно осум комунални инспектори и четири комунални редари, а активирана е телефонска линија за пријавување загадувачи, ‎075/316-515.

Од Општината велат дека двосменското работење на инспекторите е по барање на граѓаните за поголема ефикасност на инспекциските служби.

„Целта на акцијата „Пријави загадувач“ е што побргу да се детектираат и соодветно да се регулираат загадувачите на територијата на Општина Аеродром. Ги охрабруваме граѓаните активно да учествуваат и редовно да пријавуваат загадувачи на општинските инспекциски служби“, велат од Општината.


Забрана за работа на 84 работодавци кои не ги почитувале препораките за топлотен бран


Скопје, 7 август, 2017 - 15:11 (META) 

Министерството за труд и социјална политика информираше дека од 4 до 6 август државните инспектори за труд од областа безбедност и здравје при работа, извршиле вкупно 207 инспекциски надзори кај работодавци за почитување на препораките за топлотен бран, при што донеле 84 забрани за работа на работодавци кои не ги почитувале препораките да не се работи на отворено од 11 до 17 часот.

Инспекциски надзори кај работодавци биле вршени во дејностите градежништво, земјоделство, отпади, комунални услуги, конфекциски погон.

Најголем број од казните се за работодавци во градежништвото (67) и земјоделска дејност (13, пред сè овошни насади), додека по две забрани има во преработувачката индустрија и на локации за вадење мермер и песок, додаваат од Министерството.

Забраната за работа се однесува на конкретниот ден кога е регистрирано непочитување на препораките, потоа следи контрола и ако се увиди дека препораките повторно се кршат, следи прекршочна постапка.


МТСП: Работодавците да ги почитуваат препораките за заштита од топлото време


Скопје, 1 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денеска ги повика работодавците да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките за заштита на работниците во деновите со неповолни временски услови за работа, односно од топлотниот бран кој ја зафати земјава.

На работодавците, како што стои во соопштението од МТСП, им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Од Министерството информираат дека Државниот инспекторат за труд, во текот на овој викенд ќе работи со дежурни екипи од 30 инспектори. Прекршувањата на препораките може да се пријават на телефонскиот број 075 402 856, додаваат од МТСП.

„Потсетуваме дека согласно акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз населението во Република Македонија, а со цел заштита на здравјето на луѓето, се препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години“, стои во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Министерството за здравство, исто така, препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на деца (детските градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.


Запленети 7 килограми хероин на граничниот премин Богородица


Гевгелија, 18 април, 2017 - 11:44 (META) 

Царинските инспектори од одделението за оперативни работи за време на велигденските празници на граничниот премин Богородица заплениле 7 килограми хероин, соопштија денеска од Царинската управа.

Како што информираат оттаму, дрогата е запленета во саботата, а била сокриена во возило што го управувал државјанин на Србија, кој бил пријавен за влез во земјава.

„При контрола на возилото во два акумулатори, од кои едниот бил сместен под хаубата, а другиот во багажниот простор, царинските службеници пронајдоа вкупно 14 пакувања облепени со леплива лента, наполнети со кафеава прашкаста материја, за која по извршеното тестирање на тестер за дрога е утврдено дека се работи за хероин со вкупна тежина од 6,9 килограми“, стои во соопштението на Царината.

Оттаму информираат дека осомничениот го набавил хероинот во Истанбул и требало да го пренесе до Нови Пазар во Србија.

Против него Царинската управа до надлежното јавно обвинителство во Велес поднело кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори.


Затворен бугарскиот граничен премин Лесово кон Турција, 30 цариници приведени


Бургас, 2 ноември, 2016 - 23:44 (META) 

Бугарската полиција спроведе акција на граничниот премин со Турција, Лесово, при што се приведени повеќе од 30 царински службеници, јави дописничката на „Мета“ од Софија.

Првиот човек на специјализираното јавно обвинителство Иван Гешев истакнал дека на граничниот премин била спроведена истрага поради основано сомневање за постоење на организирана криминална група која ја сочинувале царински инспектори.

Акцијата била спроведена од 300 специјалци на безбедносните сили, а уапсените биле осомничени дека земале поткуп во различен износ. Спред Гешев, тие биле следени неколку месеци и притоа биле користени различни разузнавачки методи.

Вечерва на пунктот Лесово, но и во градовите Бургас и Јамбол се вршеле претреси и имало заплена на службени простории и na станови.

Сведоците биле испрашувани од двајца судии од специјализиран kривичен суд. Истрагата ќе продолжи и во следните денови.

Бугарската гранична полиција препорачува патниците кои патуваат кон Турција да ги користат другите гранични премини, Капетан Андреево и Малко Трново.

Поради акцијата на граничниот премин Лесово, била создадена трикилометарска колона, а полицијата ги пренасочувала возилата на другите гранични премини.


Финансиската полиција ги проверува јавните набавки на Општина Струмица


Струмица, 28 јуни, 2016 - 16:43 (META) 

Четворица инспектори на финансиската полиција денеска влегле во Општина Струмица и почнале со проверки на документацијата за јавни набавки на Општината. Од Општината засега не прецизираат за кои јавни набавки се интересирале инспекторите.

Во писмена рекација оттаму велат дека од страна на Општината и на нејзините служби, обезбедени и дадени на увид биле сите неопходни документи.

„Не е првпат Општина Струмица да биде под инспекциски надзор од разни државни инспекциски служби. Тоа е дел од секојдневието во Општина Струмица, па така е и овојпат. Сите досегашни инспекциски контроли во Општина Струмица во изминатите години го покажаа законското работење на Општината и на градоначалникот, со што беше потврден епитетот на најтранспарентна општина во Република Македонија“, стои во реакцијата од Општина Струмица.

Оттаму не потврдуваат дали денешната посета на инспекторите од финансиската полиција е поврзана со тендерите за превоз на ученици за кои пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Васил Пишев, изминатите десетина дена оддржа повеќе прес-конференеции на кои обвини дека Општината плаќала неколкукратно повисоки суми за превозот на ученици.