Инспекторатот за животна средина на мака: Работат 29 луѓе, а треба да има 53

Директорот на Државниот инспекторат Сретен Стојковски вели дека минатата година им биле дозволени три вработувања, па ангажирале двајца помлади водостопански и еден инспектор за природа. Сепак, еден од нив не се појавил воопшто на работа и добил отказ

Недозволено загадување на реката Вардар; Фото: Архива на Мета.мк

Од тројца нововработени инспектори во Државниот инспекторат за животна средина минатата година, еден воопшто не се појавил на работа. Добил веднаш отказ, а другите двајца продолжиле на обука за да добијат лиценца за работа. Малерите за институцијата која хронично кубури со кадар не завршуваат тука, бидејќи оваа година нема да имаат можност за нови вработувања.

Во оваа институција во моментов работат 29 луѓе, од кои 24 се инспектори, а треба да има 53. Но и покрај тоа, нивното барање до Владата и годинава да им се дозволи да го зголемат бројот на вработени било одбиено. Инспекторите сè уште не знаат ниту дали ќе добијат теренски возила, кои им се неопходни за надзори во помалку пристапни локации, бидејќи на барањето што го упатиле до Агенцијата за управување со одземен имот, никој не им одговорил.

Директорот на Државниот инспекторат Сретен Стојковски вели дека минатата година им биле дозволени три вработувања, па ангажирале двајца помлади водостопански и еден инспектор за природа. Сепак, еден од нив не се појавил воопшто на работа и добил отказ. Двајцата што останале треба да ја поминат обуката и да полагаат, па за да излезат на терен ќе треба да помине најмалку една година.

„Планиравме за годинава да го зголемиме бројот на инспектори за животна средина, кои ни се најпотребни, но барањето не ни беше одобрено. Можеме да вработуваме само со преземање од други институции, побаравме еден од Градежниот инспекторат еден што би можел да биде водостопански инспектор, но немаме одговор ниту на тоа барање“, вели Стојковски.

Во моментов во ДИЖС работат 19 инспектори за животна средина, тројца водостопански и двајца за природа. Едно од можните решенија за пополнување на бројот, според директорот Стојковски, е создавање единствен систем на инспекција во кој ќе се вклучат и околу 80 општински инспектори. На тој начин, смета тој, контролите ќе бидат многу поредовни, а општинските инспектори ќе имаат помал притисок од локални моќници и политичари.

Освен со кадар, Стојковски вели дека имаат и проблем со недостаток на возила за да може редовно да се на терен, а немаат ниту канцеларии. Имаат вкупно 16 возила, од кои десет се донација од Европската Унија. Само едно е теренско, а инспекторите мораат да одат и на планини за да прават контроли, како што е примерот со малите хидроцентрали. Од Агенцијата за одземен имот биле побарани четири, од кои две да се теренски, но досега немаат одговор на барањето.

Во септември 2020 година изгореа и канцелариите каде што беше сместен Инспекторатот, заедно со речиси целата пишана документација и повеќе компјутери и од тогаш инспекторите се сместени во зградата на Државниот завод за ревизија. Директорот Стојковски вели дека изгорените канцеларии во моментов се санираат и дека очекуваат да се вратат таму.