Државниот инспекторат за животна средина ќе вработи тројца нови инспектори, потребни се уште повеќе

Недозволено загадување на реката Вардар; Фото: Архива на Мета.мк

Државниот инспекторат за животна средина и годинава ќе добие тројца нови инспектори, откако на огласот кој беше распишан минатата година беа вработени двајца. Сепак и со нив, оваа институција ќе биде многу далеку од бројот на вработени кој навистина ѝ е потребен за да може ефикасно да функционира.

Илјадници објекти низ целата држава во моментов треба да ги контролираат 22 инспектори, од кои 21 вршат надзор, а еден е на подолго неплатено отсуство, што треба да заврши до август годинава. Од нив, 19 инспектори се за животна средина, двајца се водостопански и само еден е инспектор за природа. Заедно со административната служба, Државниот инспекторат има вкупно 26 вработени, а треба, според новата систематизација, да има 53.

Пред повеќе од една година, Инспекторатот бараше 13 нови вработувања, но беа одобрени многу помалку. Нови инспектори од лани добија Велес и Крива Паланка, а претходно вработениот државен инспектор во Тетово, по едногодишниот период под менторство, го положил практичниот испит за лиценца и од мај ќе започне со самостојни инспекциски надзори.

„За годинава планирани се шест нови вработувања и пет унапредувања. За новите вработувања планирано е да се распишат јавни огласи, а за унапредувањето, интерни огласи. Планирано е нови вработувања на еден помлад инспектор за природа во Секторот за инспекциски надзор во природата, двајца помлади водостопански инспектори во Секторот за водостопански инспекција и три административни вработувања во Секторот за координација, општи и правни работи и јавни набавки“, вели Дарко Блинков, Раководител на Одделението за поддршка, аналитика и меѓународна соработка на ДИЖС.

За следните две години на оваа институција ќе ѝ бидат потребни уште најмалку четири инспектори за животна средина и уште по еден за води и природа, како и уште 3 административци. Планирањето на инспектори, посочува Блинков, зависи од бројот на субјекти на надзор по региони, заради што во секоја општина нема потреба да има државен инспектор.

На инспекторите, освен колеги им недостасуваат и работни простории, откако нивните канцеларии и огромен дел од архивата беа уништени во пожар пред две години. Тие немаат ниту доволен број возила, особено теренски, па контролите на објекти на непристапен терен се речиси невозможни. Таков е случајот и со инспекциите на малите хидроцентрали, случај што беше нотиран и од Државниот завод за ревизија.

Имено, во извештајот „Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија за период од 2012 до 2021 година“, објавен лани во декември, пишува дека: „ДИЖС континуирано се соочува со недостиг на кадар, особено на водостопански инспектори. Во периодот до јули 2019 година функционира со еден водостопански инспектор за целата територија на државата, кога е вработен уште еден. Во месечните планови за работа за 2020 година на државните инспектори за животна средина, воопшто не се планирани инспекциски надзори на МХЕ“.

Ревизорите констатирале дека инспекторите кои сакаат да извршат контрола на ваков објект мора да се најават кај концесионерите за тие да им обезбедат возила. Тоа дава можност тие да се подготват и да ги маскираат недостатоците пред посетата, па контролите ја губат смислата.

„Поради немање теренски возила инспекторите се приморани да ги користат возилата на инспектираните субјекти т.е. мораат претходно да се најават и договорат термин за теренска посета, со што се намалува можноста да се утврдат неправилности, особено во делот на испуштањето на потребната количина вода за одржување на биолошкиот минимум на реката, со што се намалува и ефикасноста на извршениот надзор“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.