Во пожарот што утринава избувна во поранешната зграда на Комерцијална банка оштетени се шест простории на првиот кат каде е сместен Инспекторатот за животна средина, а опожарен е и надворешниот дел на вториот кат. Во зградата се сместени и Секретаријатот за европски прашања и Медиумската информативна агенција и за среќа нема повредени.
„Пожарот е пријавен во 06:50 часот. Дојавен е како пожар во Секретаријатот за европски прашања од страна на чуварот. Пристигнати се екипи во пет минути до седум и со самото пристигување на првите две возила, побарани се уште дополнителни две возила, но на самата интервенција имавме девет возила и 24 пожарникари. Станува збор за сложена интервенција затоа што се работи за стара поранешна Комерцијална банка, која внатре е преградена со ходници, гипс картони и стаклени врати. Не работи ниту еден хидрант. Тоа ни претставуваше дополнителен проблем, бидејќи не можевме да интервенираме од внатрешна страна и моравме да интервенираме однадвор,“ изјави командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.
Причина за пожарот, според првичните проценки на Симоновски, е електрична инсталација.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денеска побараа итна и независна истрага за причините за пожарот.
„Самиот факт што е запалена архивата на државен орган и тоа во неработно време по неработен ден отвора огромни сомнежи за можни злоупотреби и криење од јавноста на документи кои што според оценка на власта не би требало да се дознаат. Да потсетиме дека ова не е прв случај каде што се уништија документи на државни институции, во минатото бевме сведоци на поплава во СЈО, како и пожар во Министерството за правда. Расчистување на овие случаи до сега македонската јавност не виде,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.