fbpx

Не е вистина дека се ништат 9.000 свињи поради Агенда 30

Во постот прво се манипулира со бројката на свињи кои се уништени, потоа не е наведена причината за убивањето на свињите, туку невистинито се тврди дека тоа се прави поради Агенда 30 на Обединетите Нации

-

Не е прв пат да се ерадицираат свињи во С. Македонија и во регионот поради заболувањето со африканска свинска грозница или чума, популарно име на болеста. Но, во објавата на Фејсбук се измамуваат читателите дека компанијата Агриа ќе ги уништи 9.000-те илјади свињи, зашто веќе била обесштетена според Агенда 30 на ООН. Ова е неточно, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека една фарма ништи 9.000 свињи и притоа ја убедува јавноста дека ова се случува поради Агенда 2030. Ова е не е вистина.

Агрија ништи 9000 свињи

Не се секирајте за газдата платени му е за да немате месо за јадење

Да живее ВМРО и СДС агенда 2030😈

Во објавата на Фејсбук се измамуваат читателите со пласирање на невистина, дека компанијата Агриа, која се занимава со производството и дистрибуцијата на свинско месо, ќе ги уништи 9.000 свињи, зашто веќе била обесштетена според теоријата на заговор, Агенда 30. Ова е неточно.

Патем, оваа невистина започна да се споделува на социјалните мрежи откако во изјава за медиуми, Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека во Карбинци ќе бидат уништени 10.000 свињи, поради нивно заболување со африканската свинска чума.

Во фарма Овчеполка Агриа во село Таринци, Општина Карбинци кај 10.000 грла е регистрирана африканска свинска чума и истите мора веднаш да бидат уништени, а под сериозна здравствена закана е целокупната популација на свињи во Република Македонија, односно над 150.000 свињи колку што во моментот изнесува бројната состојба, рече Трипуовски.

Но, Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш потоа ја демантираше оваа информација, велејќи дека Трипуновски неаргументирано лицитира со бројки, тврдејќи дека на фарма во карбинско Тарици од свинска чума се заболени 10 илјади свињи. Од АХВ велат дека станува збор за 9 свињи.

Како одговорна институција одговорно тврдиме дека станува збор за изолиран случај на 9 заболени животни во една одгледувачница кај кои е потврдено присуство на вирусот на болеста африканска свинска чума. АХВ навреме презема мерки за спречување на ширење и ставање под контрола на болеста во согласност со законските и подзанонските акти и препораките на еминентни светски ветеринарни организации. Впрочем, потврдувањето на жариштето на болеста на фарма во селото Таринци утврдено е во рамките на пасивниот надзор на болеста африканска чума кај свињите што го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство. АХВ уште од првиот ден е во интензивни контакти со сите релевантни институции и со локалната самоуправа, која има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску можна до жариштето, во која ќе бидат закопани евтаназираните животни, велат од АХВ.

Нешто подоцна, директорот на АХВ Николче Бабовски потврди дека, сепак, ќе се евтанизираат сите 9.000 грла поради превенција за нешириње на болеста, иако се заболени само 9 грла.

 

АГЕНДА 30 НЕ ПРЕДВИДУВА УНИШТУВАЊЕ НА ЖИВОТНИ

Во објавата која што е предмет на оваа рецензија, исто така, се манипулира со причината за уништувањето на свињите. Се тврди дека тоа се прави поради Агенда 30 и за да немаме месо за јадење. Но, вистината е дека се тоа се прави согласно законските прописи за постапување кога животните ќе се заболат со африканска свинска чума.

Африканска чума кај свињите е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кај сите старосни категории кое предизвикува големи економски загуби.

Фото: Од брошурата на АХВ/веб

Вирусот се излачува преку крв, ткива, секрети и екскрети од болни или угинати животни. Болеста се пренесува и шири со:директен контакт помеѓу здраво и болно животно, трупови од угинати животни и луѓе; индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека; биолошки пренос од векторот- мек крлеж од родот Ornithodoros. Болеста се манифестира со треска, општа слабост, анорексија, летаргија, губење на апетит. Смртноста кај домашните свињи може да биде и 100 проценти.

Целосна манипулација е дека уништувањата на свињите се прави поради Агенда 30, која се користи за на големо да се шират разни теории на заговор.

На 25 септември 2015 година, 193 земји од Генералното собрание на ОН ја усвоија Агендата за развој за 2030 година насловена како „Трансформирање на нашиот свет: Агенда за одржлив развој 2030 година“. Генералната идеја за Агенда 2030 е да се цели кон носење на консолидирани меѓунационални политики и стратегии за зачувување на квалитетот и подолг живот за луѓето во светот и намалување на сиромаштијата во целина.

Во Aгендата 2030 целите се да се стави крај на сиромаштијата и гладот, да се обезбеди сигурност на храната и подобра нутритивност, да се промовира одржлива агрикултура, да се обезбедат здрави животи и добросостојба на сите возрасни групи, да се обезбеди квалитетно образование и доживотно учење за сите, да се постигне родова еднаквост, да се обезбеди вода за пиење и санитарни услови за сите, пристап до модерна енергија, економски раст, добра инфраструктура, иновација, да се направат градовите инклузивни и безбедни, да се намали нееднаквоста меѓу земјите, борба против климатските промени, правда за сите, итн. Нема ништо во Агенда 30 кое што може да се толкува како било каква обврска да се убиваат животни и дека тоа би се правело „за да немаме месо да јадеме“. Како што веќе утврдивме, евтаназирањето се прави поради високозаразна болест, а не поради некаква Агенда и план.

Поради сите горенаведени факти сметаме дека во постот што го рецензираме се споделуваат невистини. Имено, во постот прво се манипулира со бројката на свињи кои се уништени, потоа не е наведена причината за убивањето на свињите, туку невистинито се тврди дека тоа се прави поради Агенда 30 на Обединетите нации.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...