Шестмина студенти од „Пелагонија“ се затруле со храна, инспекторите испитуваат дали е од студентската менза

фото: Државен студентски дом „Пелагонија“ / dsdpelagonija.mk

Шестмина студенти кои се станари во студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела Вода, денеска пријавиле симптоми на труење со храна, потврди за Мета.мк директорот на домот, Агим Фејзулаху. Храната што била послужена вчера за ручек и за вечера, а за која има сомнежи дека не била безбедна за консумирање, ја јаделе вкупно 600 студенти станари во домот. Во текот на вчерашниот ден на мени за ручек имало грашок со свинско и телешко месо, а студентите вечерале виршли, јајца, сирење и јогурт.

„Ние имаме законска обврска да ги чуваме примероците од таа храна. Затоа денеска дојдоа инспектори и земаа мостри. Додека не добиеме одговор од нивните испитувања, не можеме да знаеме дали труењето е предизвикано од храната која се подготвува кај нас“, вели Фејзулаху.

Двајца од студентите кои пријавиле дека имаат симптоми на труење, се хранеле и со пица која ја купиле во маркет, па затоа во овој момент не се знае со сигурност која храна го предизвикала труењето.

Во домот денеска биле претставници на Институтот за јавно здравје, на Центарот за јавно здравје, како и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во врска со овој случај попладнево реагираа и од движењето Студентски отпор.

„Згрозени сме од фактот што во моментот многу студенти се жалат и се завршени на инфективните клиники. Прашуваме јавно, ваков ли студентски стандард и студентски оброци ветуваа луѓето од власта или студентите ги гледаат само како пропаганден материјал за користење, како тоа што беше фамозниот „ручек со студентите’’ на премиерот?“, наведено е во нивното соопштение до јавноста.

Јајца за кои студенти тврдат дека им биле послужени како вечера во студентскиот дом Пелагонија стигна до редакцијата на Мета.мк

До редакцијата на Мета вчеравечер стаса фотографија од студент кој престојува во домот, а на која се гледаат потемнети варени јајца во ќеса и за кои  се тврди дека им биле послужени на студентите за вечера.