Инспекторатот за животна средина ќе се дигитализира, предметите за загадувачите ќе бидат на увид на јавноста

Foto; DIZS

Државниот инспекторат за животна средина ќе се дигитализира до крајот на годината, а сите извештаи за извршените контроли кај загадувачите и доделените казни ќе бидат достапни на јавноста. Директорот на ДИЖС, Сретен Стојковски, денеска на прес конференција најави дека со проектот Е-инспектор, освен трансперентност и увид на јавноста, ќе им се овозможи на инспекторите на безбеден начин да ги сочуваат предметите, откако пред три години во пожар во нивните простории беше уништен голем дел од архивата.

Процесот на целосно дигитализирање и автоматизација на инспекциската постапка во државните инспекторати, започна минатата година и ќе треба да овозможи електронска трансформација на сите инспекторати, што се дел од Инспекцискиот Совет. Воведувањето на новите технологии треба да ја подобри транспарентноста во работењето на овие служби и да ги намали шансите за корупција.

Според Стојковски, дигитализацијата на ДИЖС е веќе започната со изработката на регистрите на А и Б-интегрираните дозволи и елаборати за заштита на животна средина, кои се достапни за јавноста.

„Останува да се завршат обуките на инспекторите за електронско водење на постапките, изработка на записници и решенија, а сите ќе добијат и можност и за електронски потпис. Целата документација за предметите, со соодветна заштита на личните податоци, ќе им биде достапна на граѓаните на увид во секое време, со што транспарентноста ќе биде на највисоко ниво“, вели Стојковски.

Државните инспектори за животна средина во првите четири месеци од годинава направиле 738 контроли, од кои 89 биле вонредни. Изрекле казни од над 300.000 евра, од кои највисоките биле за Цементарницата УСЈЕ од 180.000 евра и за фабриката „Пејпермил“ од 110.000 евра.