Инспекторите за животна средина се селат во странство, директорот Стојковски бара да му одобрат нови вработувања

Foto; DIZS

Само 21 инспектор има Државниот инспекторат за животна средина, иако според систематизацијата треба да има 53 вработени. Тоа е една од причините што во првите шест месеци од годината редовните инспекциски надзори се намалени за 47, во однос на претходниот шестмесечен период.

До крајот на годината Инспекторатот треба да вработи тројца нови инспектори, двајца водостопански и еден за природа, кои се веќе одобрени со годишниот план за вработување преку Министерството за финансии. Сепак, тоа нема многу да ја поправи сликата во институцијата бидејќи годинава веќе еден вработен во администрацијата се пензионирал, еден инспектор заминал во странство, а еден е отпуштен од работа.

„Еден инспектор си даде отказ и се пресели во Германија. Петмина се на две години пред пензија. Во администрацијата ни останаа само двајца вработени. Во моментов имаме 24 вработени, а треба да имаме 53, значи капацитетот ни е само 45 отсто пополнет“, рече директорот Сретен Стојковски на денешната прес конференција.

Институцијата ќе бара нови вработувања и за идната година, а Стојковски вели дека Годишниот план е веќе готов и ќе го испратат до Министерството за финансии на одобрување. Ќе бараат и средства за две теренски возила бидејќи немаат ниту едно. Заради тоа контролите во непристапните терени мора да ги најават на компаниите за да им обезбедат возило, па инспекцијата и не ја исполнува целта. Инспекторатот нема ниту свои простории, откако старите изгореа, заедно со архивата и огромен број предмети.

„За идната година бараме четири нови вработувања, ни недостасуваат инспектори за животна средина. Се надеваме дека ќе ни одобрат“, вели Стојковски.

Посочува дека и покрај сериозниот недостаток на кадар се трудат посетите на терен редовно да се извршуваат. Во првите шесет месеци ДИЖС планирал 865 инспекциски надзори, од кои 739 редовни инспекциски надзори, 12 вонредни надзори и 114 контролни инспекциски надзори. Реализирани се 1.057 инспекциски надзори од кои 692 биле редовни, 185 вонредни и 180 контролни надзори. Преку нив утврдени биле 233 неправилности, за кои се изготвени 212 решенија со кои се наредуваат или забрануваат одредени активности. Во првите шест месеци примени се и 66 претставки од граѓани, од кои само 19 се однесувале за инспектори на ДИЖС.

„Во овој шестмесечен период инспекторите постигнале 15 спогодби, изрекле осум платни налози, 12 прекршочни и една кривична постапка. За овие мерки над 170.000 евра влегле во буџетот на Министерството за животна средина“, изјави Стојковски.