!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев – Хемшкерк: Светска банка е подготвена да ги поддржи реформите во Македонија


Скопје, 30 ноември, 2017 - 21:37 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска имал средба со извршниот директор од одборот на директори на Светска банка, Франк Хемшкерк, на која ги претставил приоритетите на Владата околу реконструирањето и подобрувањето на инфраструктурата во Македонија, како основен услов за развој на економијата, соопшти владината прес-служба.

Тој на средбата посочил дека Светска банка е традиционален партнер на Македонија и дека Владата е подготвена да ја продолжи соработката со оваа финансиска институција.

– Мора да најдеме одржливо решение за планираните инфраструктурни проекти, затоа што добрата инфраструктура сама по себе е охрабрување за потенцијалните инвеститори – нагласил Заев.

Хемшкерк, на средбата ги презентирал можностите за понатамошна соработка и поддршка на владините реформи во делот на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетската ефикасност, како и во делот на поддршка на владините напори за привлекување на странски и на домашни инвеститори.

Тој истакнал дека ќе се заложи Македонија да ги добие најдобрите услови за понатамошна соработка со Светска банка, што ќе значи и сигурност за сите потенцијални инвеститори.


Анѓушев: Владата треба да креира поволна бизнис-клима, а не конкуренција на фирмите


Скопје, 1 ноември, 2017 - 16:46 (META) 

Владата нема да креира фирми со кои ќе им се прави конкуренција на приватните компании, туку ќе работи на креирање поволна бизнис-клима со која ќе се овозможи пораст на компаниите и економски развој на земјата.

Ова денеска го истакна вицепремиерот за економија, Кочо Анѓушев, на панел-дискусијата „Научени лекции и како да се имплементираат најдобрите практики во Македонија и во регионот“ на самитот на „Македонија 2025“.

– Со поттикнување на компаниите ќе работиме на зголемување на извозот, со тенденција тој да учествува во создавање на домашниот бруто-производ (БДП) со 60-70 проценти, а годишната стапка на пораст на БДП да изнесува од 5 до 6 проценти – нагласи Анѓушев.

Тој додаде дека задача на Владата е да реализира капитални инвестиции, како изградба на патна, електро-енергетска и гасоводна инфраструктура.

– Наша цел е да имаме одржлив економски развој. За таа цел ја поттикнуваме соработката помеѓу домашните и странските компании, да се искористат домашни капацитети како можни доставувачи на странски компании. Воедно ќе се работи на поттикнување на иновативноста, односно истражувањето и развојот во приватниот сектор, кој во моментов учествува во креирање на БДП со минорни 0,02 отсто – додаде Анѓушев.


Владата денеска ќе одржи невообичаено кратка седница


Скопје, 27 октомври, 2017 - 9:30 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 33. седница, која, за разлика од претходната, е со невообичаено краток дневен ред со само четири точки по кои министрите треба да расправаат.

Прва точка на дневниот ред е иницијативата за задолжување за проектот „Пречистителна станица за отпадни води Скопје“.

Министрите ќе расправаат и за склучување билатерален договор за кофинансирање на проектот „Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадни води за градот Скопје“ помеѓу Европската комисија и Владата на Република Македонија.

Освен по овие две точки, на седницата денеска ќе се расправа и за одредени кадровски прашања и предлози.


Железничките делници на Коридорот 8 се заеднички приоритет на земјите од регионот


Варшава, 25 октомври, 2017 - 14:15 (META) 

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денеска учествуваше на втората министерска конференција за транспорт што се оддржува во Варшава, Полска.

На конференцијата на која присуствуваат министрите за транспорт од земјите од Централна и од Источна Европа и од Кина, се разговара за развојните стратегии во насока на реализација на инфраструктурните и транспортни проекти и нивното регионално значење.

Апостолска ја нагласила потребата од изградба и модернизација на коридорите 8 и 10, како најважни транспортни врски со земјите од Централна и од Југоисточна Европа.

„Во моментов сме фокусирани на изградба на нови автопатишта и патишта, нови железнички пруги, како и реконструкција и модернизација на старите. Коридорот 10 е стратешки многу важен бидејќи наjголем дел од стоките што доаѓаат од странство се транспортираат главно низ овој коридор. Затоа неговата функционалност е од суштинска важност“, изјавила Апостолска.

На оваа конференција, Апостолска информирала дека стратешката цел на Владата е финализирање на оската Исток-Запад, конкретно железничките делници на Коридорот 8, што е заеднички приоритет за сите земји во регионот, а кој ги поврзува транспортните текови од Јадранското и од Јонското Море во Европа со Црното Море и со Азија.


Булц: Поврзувањето на регионот е клучно за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ


Скопје, 16 октомври, 2017 - 12:26 (META) 

Западен Балкан има пореални можности за влез во Европската Унија во однс на изминатите 10 години, порача еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, која имаше специјално обраќање на „Самит 100“ за бизнис-лидери на Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје.

Таа рече дека ЕУ има стратегија за проширување и тоа треба да биде голем мотив за земјите од Западен Балкан.

– „Самит 100“ е од клучно значење за регионот за поврзување на државите. Направете единствена плафрома на која ќе ги споите политичарите и бизнисмените, поставете ги приоритетите и работете на нив. Резултатите ќе будат неизбежни. Однесувајте се како да сте веќе членки на ЕУ – порача Булц.

Еврокомесарката за транспорт зборуваше за значењето на транспортот и за инфраструктурната поврзаност на регионот. Во тој поглед, таа нагласи дека целта на ЕУ е декарбонизација, односно намалување на загадувањето со јаглерод диоксид. Најави дека во ЕУ во ноември ќе се донесат девет закони поврзани со транспортот и со загадувањето.

На државите од регионот таа им порача да создадат поефикасен јавен превоз бидејќи, како што кажа, богатите држави и богатите луѓе користат јавен превоз.

– Губиме илјадници животи и финансиски средства поради загадувањето на животната средина. Во ЕУ се губат по 20 милијарди евра годишно како резултат на негативните последици од загудувањето. Илјадници животи се губат како последица, исто така, на загадувањето и на бучавата – рече Булц и додаде дека поради сето ова следува период на декарбонизација на транспортот.

Таа порача државите од регионот да инвестираат во електрификација пред да влезат во ЕУ, бидејќи оваа тема не познава граници.

Зелена енергија, односно електрификација на регионот, позната уште и како „Проект Едисон“, е една од главните теми на овој „Самит 100“, кој денеска и утре првпат се одржува во Скопје.


Порастот на економијата во Кина ќе изнесува повеќе од 6,5 проценти


Пекинг, 10 октомври, 2017 - 12:02 (META) 

Порастот на економијата во Кина за оваа година ќе изнесува повеќе од 6,5 проценти, а владините мерки за сопирање на пазарот со недвижнини и понатаму ќе останат на сила.

Аналитичарите исто така проценуваат дека економскиот пораст на Кина за цела 2017 година може да ја надмине целта на владата, откако втората најголема светска економија во првата половина од оваа година остварила поголема економска експанзија од очекуваните 6,9 проценти, поттикната од силната инфраструктурна потрошувачка на државата и експанзијата на пазарот на недвижности.

Благодарение на тоа, кинескиот економски пораст би можел да забрза првпат по седум години, по минатогодишниот забавување на 6,7 проценти, што е најниска стапка во последните 26 години.


Анѓушев: Секој инвеститор ќе може да добие помош во висина до 50 отсто од инвестицијата


Ерусалим, 4 септември, 2017 - 16:38 (META) 

Владата подготвува нов концепт за привлекување инвеститори, кој се очекува да биде презентиран во средината на септември, истакнал вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на бизнис-форумот во Ерусалим.

Тој концепт, како што истакнал, ќе обезбеди транспарентност и еднаков третман на странските и на домашни инвеститори со што позитивно ќе влијае на економскиот развој на земјата.

„Освен основната поддршка, која подразбира ослободување на инвеститорите од даночни и од царински давачки за определен период, креираме и мерки за директна државна помош на инвеститорите, кои ќе бидат транспарентно објавени и подеднакво ќе важат и за домашните и за странските компании. Секој инвеститор ќе може да добие државна помош во висина до 50 отсто од инвестицијата, а ќе се стимулира отворање на работни места, особено работни места за високообразованиот кадар, кој сакаме да го задржиме во Македонија. Како особено важна ќе се земе предвид и соработката на странските со домашни компании“, изјавил Анѓушев.

Тој нагласил дека паралелно со процесот на привлекување на нови инвеститори, Владата посветено ќе работи и на изградба на современа инфраструктура, со која Македонија подобро ќе се поврзе со соседите, а компаниите ќе го подигнат нивото на конкурентност.


Сугарески: ЕУ додели грант од 35,4 милиони евра за изградба на патот Градско – Дреново


Скопје, 23 август, 2017 - 14:55 (META) 

Министерството за транспорт и врски во име на Владата потпиша нов билатерален договор со Европската Унија за ко-финансирање на проектот за „Изградба на експресниот пат на делницата Дреново – Градско, како дел од крак 10-Д на патниот Коридор 10“, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека овој нов договор со ЕУ е од исклучително значење за модернизирање на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион.

– Европската Унија, подржувајќи ги напорите на новата Влада, донесе одлука да се вклучи во финансирањето на експресниот пат од Градско до Дреново со грант, а не заем, во износ од 35,4 милиони евра. Со договорот се предвидува градежните работи на оваа делница долга 15 километри да започнат до крајот на 2017 година и да се завршат во рок од две години. Делницата Градско – Дреново ќе се гради на ниво на експресен пат кој ќе ги задоволи сите сообраќајни и безбедносни стандарди – изјави Сугарески.

Тој додаде дека изградбата на патот Градско – Дреново е прва фаза. Втората фаза која предвидува изградба на делницата од Фаришка до Дреновска клисура е во тек, но се соочуваат со проблеми на кои секојдневно работат за да се надминат.

– За третата фаза од Тројаци до Плетвар, вклучително и влезот во Прилеп, сме во напредни преговори повторно со Европската Унија за да обезбедиме дополнителни средства. Очекуваме некаде крајот на 2019, почетокот на 2020 година да имаме комплетно нов експресен пат од Градско до Прилеп – додаде Сугарески.

Министерот за транспорт и врски информираше дека во рамките на Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020, од страна на Европската Унија, одвоени се вкупно 108,9 милиони евра за проекти за подобрување на патната и железничката инфраструктура долж мрежата на европски транспортни коридори кои поминуваат низ територијата на Македонија.

Од овие 108,9 милиони евра планирано е, 60 милиони евра да бидат искористени и за изградба на пругата кон Бугарија конкретно делницата Крива Паланка – Деве Баир. Дел од овие средства ќе се искористат и за изградба на последната фаза од експресниот пат до Прилеп.


Ципрас, Вучиќ и Борисов: Стабилна Македонија со решено име е услов за целосна поддршка


Солун, 13 јули, 2017 - 20:09 (META) 

Стабилизација во Македонија и суштински дијалог за наоѓање заемно прифатливо решение за спорот за името се услов за целосна поддршка од Грција, Србија и од Бугарија за евроатлантските перспективи на Македонија. Ова е ставот околу кој се согласиле грчкиот премиер, Алексис Ципрас, неговиот бугарскиот колега, Бојко Борисов, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, на денешната трилатерална средба во Солун.

Заедничкиот став околу Македонија го соопшти грчкиот премиер, на прес-конференцијата со Борисов и со Вучиќ.

Ципрас, како што пренесуваат грчките медиуми, истакнал дека Европската комисија ја поддржува европската перспектива на Балканот, додавајќи дека Грција, Бугарија и Србија можат да одиграат значајна улога како стаблизирачки фактор во регионот.

На средбата се разговарало за железничката поврзаност на Солун со Бургас и со Белград, како и за енергетската соработка меѓу трите земји.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференцијата по средбата истакнал дека трите земји кога се заедно се не само трипати, туку десетпати посилни, отколку кога настапуваат поединечно. Тој нагласил дека Србија е подготвена заедно со Грција и со Бугарија да учествува во различни проекти, кои се од економски, но и од политички интерес за трите земји и нации.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, посочил дека е негов сон да ги види трите земји инфраструктурно поврзани со патишта и со железница и дека тоа ќе биде еден од приоритетите за време на бугарското претседавање со Европската Унија.


СДСМ: Владата ќе ја санира инфраструктурата, но ќе бара одговорност за штетните договори


Скопје, 24 јуни, 2017 - 12:39 (META) 

Пропустите во изградбата на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип предизвикаа огромни штети врз потребите и интересите на граѓаните и врз угледот на државата, стои во денешното соопштение на СДСМ.

„Брзајќи да ги добијат своите договорени провизии, за кои слушна целата јавност, Никола Груевски и неговите соработници ги погазија интересите на граѓаните, предизвикувајќи долгорочни последици и дополнителни финансиски импликации. Зад таканаречените проекти на ВМРО-ДПМНЕ во инфраструктурата постојат единствено криминал и корупција, а доказ за тоа се истрагите на Специјалното јавно обвинителство токму за автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, како и обвинението за проневера и за перење пари при изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, случај кој беше под истрага и на Европската агенција за борба против корупцијата, ОЛАФ“, се вели во соопштението.

Од партијата истакнуваат дека новата влада активно работи во интерес на граѓаните и на поправање на штетите што ги создаде ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и на автопатот Кичево – Охрид.

„Ќе има санација на сите штети, но и одговорност за секое работење спротивно на интересите на граѓаните и на државата и за секоја злоупотреба на парите на граѓаните“, велат од СДСМ.