Живка Ѓурчиновска: На младите земјоделки им требаат услови и финансиска поддршка за да бидат рамноправни

Фото: Живка Ѓурчиновска приватна архива

Живка Ѓурчиновска е жена на која воопшто не ѝ претставува проблем да вози трактор. Таа е вредна земјоделка и мајка на три деца, која со своето семејство живее во Гостиварското село Тумчевиште, во северозападниот дел на Македонија.

Фото. Живка Ѓурчиновска приватна архива

Ѓурчиновска е веќе 11 години е регистрирана земјоделка, а со оваа професија се занимава веќе 20 години. Произведува пченка, пченица, грав, компир и друг зеленчук, а има и крави. Таа и нејзиниот сопруг, за кого вели дека ја поддржува во нејзините амбиции, на предлог на нивните деца, решија да пробаат да одгледуваат лешници. Тие сега имаат три вида лешници на 8.000 м2 земјиште под закуп.

Фото. Живка Ѓурчиновска приватна архива

Вели дека за да се одгледува лешник треба да се има многу трпение затоа што лешниците не даваат лешници во првите седум до осум години.

„Првиот круг лешници го добивме пред две години. Има многу работа во производството на лешници. Сè уште ги собираме рачно, од леска и од земја. Тогаш исто така рачно ги сортираме различните видови и потоа ги сушиме. Во зависност од побарувачите најчесто го продаваме лешникот некршен,“ за Мета рече Ѓурчиновска и додаде дека набргу очекува дека ќе ѝ се олесни работата.

Фото. Живка Ѓурчиновска приватна архива

Таа добила грант преку мерката за жени регистрирани како земјоделски производители од Националната програма за земјоделство и рурален развој со кој набавила машина за сортирање и кршење лешници.

„Кога ќе стаса машината ќе биде многу полесно, ќе се намали голем дел од процесот кој го работиме на рака. Но, заради ковид пандемијата машината малку ни касни“, рече Ѓурчиновска.

Фото. Живка Ѓурчиновска приватна архива

Таа нагласува дека финансиската поддршка за жените од руралните средини, но финансиска поддршка скроена по мерка според потребите на жените земјоделки е многу важна. Според неа потребно е родово-одговорното буџетирање во земјоделството и руралниот развој.

„На тој начин, преку економско јакнење на жените од руралните средини ќе им се овозможи квалитетен живот кој што ќе им ги даде сите предуслови да бидат еднакви со мажите без оглед на местото на живеење“, објасни Ѓурчиновска.

Покрај финансиските проблеми со кои се соочуваат жените земјоделки проблем во успешното работење им претставува и инфраструктурата.

Фото. Живка Ѓурчиновска приватна архива

„За да се мотивираат младите жени да се занимаваат со земјоделство треба да имаат услови. На пример во нашето село потребна е детска градинка. Основното училиште е само до пето одделение. Нема ни канализација. Кај нас нема ни превоз за да можеме да стасаме во градот. Нема превоз ниту кога имаме потреба да одиме на доктор или во општина. Сите се снаоѓаме со возила и гледаме да завршуваме по две три работи оддеднаш“, се пожали и рече дека кога на младите жени би им се овозможиле овие услови би им било многу полесно отколку на неа во изминатите 20 години.

Според извештајот на Руралната коалиција за родовата еднаквост во земјоделството и руралниот развој пандемијата со ковид-19 ги изнесе целосно на површина сите предизвици со кои што се соочуваат жените во руралните средини и ја даде реалната слика за родовата рамноправност во руралните средини.

„Негативните ефекти од здравствено, економската криза во државата предизвикана од ковид – 19 влијаат врз жените во руралните средини, бидејќи нивниот обем на работа сега е зголемен и дома и на поле, а нивниот труд и понатаму не е доволно вреднуван. Во глобални рамки, жените се најчесто вклучени во неформалната економија и нивниот труд не е признаен и платен“, е наведено во извештајот.

Според Руралната Коалиција, уште поалармантен е фактот дека само 38% од жените во руралните средини се сметаат за економски активни, а останатиот дел влегуваат во т.н. неформална економиjа каде што не е регулиран статусот на жената во однос на здравствената и социjална заштита. Поради тоа директно се зголемува jазот на веќе постоечката дискриминациjа и ги прави жените од руралните средини уште поранливи.

Во анализата на ова невладина организација, насловена „Каде води патот на родово-одговорното буџетирање во секторот земјоделство и рурален развој?“ се вели дека од вкупно 177.845 регистрирани земјоделци, 18.632 се жени, а за нив горлив проблем претсавува тоа што скоро и да немаат имот на свое име. Ова претсавува административна пречка за добивање на кредити, добивање на поволности во однос на програмите за поддршка и слично.