Image by Frank Nürnberger from Pixabay

Американскиот претседател Џо Бајден го претстави најголемиот буџет на САД по Втората светска војна во висина од 6.000 милијарди долари, кои ќе бидат првенствено наменети за нови социјални програми и за борбата на САД против климатските промени, пренесува Би-би-си. 

Планот вклучува постепено зголемување на стапката на даноци за побогатите Американци, која што пак ќе треба да ги полни со финансии новите програми за заштита на сиромашната и на средната класа во САД.

Меѓу останатите ставки во предложениот буџет, над 800 милијарди долари САД би одвоиле за борба против климатските промени, вклучувајќи инвестиции во обновливи извори на енергија. За претшколска грижа за сите деца на возраст меѓу 3 и 4 години, ќе се обезбедат средства во висина од 200 милијарди долари, додека за бесплатен двегодишен колеџ за сите Американци се планирани 109 милијарди долари. Обемните инвестиции во американските граѓани вклучуваат и обезбедување на широкопојасен интернет за сите домаќинства, инвестиции во мостови, патишта, јавен превоз и железници, како и новата програма за семејно и медицинско отсуство на вработените.

Крупниот исчекор напред што го предлага актуелниот претседател Бајден ќе го има својот вистински тест во американскиот Конгрес, којшто ќе треба да го одобри ваквиот план. Републиканскиот конгресмен Линдзи Грахам го осуди предложениот буџет на Бајден како „неверојатно скап“.

Според планот на претседателот Бајден, американскиот државен долг ќе достигне 117 отсто од БДП во 2031 година, што ќе ги надмине нивоата на задолженост на САД во Втората светска војна.

Бајден порача дека неговиот буџет ќе инвестира директно во американските граѓани и ќе ја зајакне економијата на САД.