Кластер 4: Зелена агенда и одржлива поврзаност – Актуелно, но дали и приоритетно?

Фото: Влада на РСМ
Автор: Малинка Ристевска Јорданова

„Зелените“ приоритети одамна се на врвот на приоритетите на Европската Унија, што само е потврдено и за овој мандат на највисоките тела на ЕУ (2019-2024 година). Со годините се развиваа и надоградуваа мноштво политики и законодавство, кои  се меѓу најтешките за спроведување – особено во областа на заштитата на животната средина, а бараат и значителни инвестиции.

Ова е кластер со најмал број поглавја кои се сосема логично поврзани меѓу себе – како заеднички именител ги имаат поврзаноста со инфраструктурата и животната средина. Очигледна е поврзаноста меѓу развојот на инфраструктурата и неговото влијание врз животната средина – оттаму кластерот е ем „зелен“, ем „одржлив“. Кога велиме „поглавја поврзани со инфраструктурата“ не значи дека она за што се преговара се инвестициите во инфраструктурата.

Се преговара за тоа како да се вградат политиките и законодавството на ЕУ на национално ниво и како тие ефикасно да се спроведуваат  и извршуваат. Единствено поглавјето 21. Трансевропски мрежи подиректно се однесува на инфраструктурното европско поврзување.

Поглавја од кластерот 4: Зелена агенда и одржлива поврзаност

  • Сообраќајна политика
  • Енергетика
  • Трансевропски мрежи
  • Заштита на животната средина и климатски промени

И во поглавјето сообраќајна политика и во поглавјето енергетика основен предмет на преговори е либерализацијата на пазарот во контекст на внатрешниот пазар на ЕУ на транспорт односно енергија и правилата на државната помош и конкуренцијата. Кога се зборува за либерализација на пристапот до големите мрежи, тоа автоматски не значи приватизација, туку овозможување еднаков пристап на пазарот. Во сообраќајната политика се преговара и за техничките, безбедносните и социјалните стандарди. Во поглавјето енергетика, значајно е и законодавството за енергетска ефикасност, како и за нуклеарната безбедност и заштита од радијација.

Поглавјето 21, пак, е суштинско за поврзувањето со главните трансевропските мрежи (покрај транспортните и енергетските, опфатени се и телекомуникациските мрежи). Тие се поддржани и со заеднички проекти на ЕУ, што значи и заеднички вложувања– како од средства на ниво на ЕУ, средства на државите членки, така и од европските финансиски институции.

Во областите на сообраќајот и енергитиката, покрај спогодбите за стабилизација и асоцијација, во сила се повеќе регионални договори со ЕУ, што правната рамка за државите од Западниот Балкан ја чини уште посложена. Тие се членки и на Европската заедничка воздухопловна област. Покрај тоа, Договорот за транспортната заедница и Договорот за енергетската заедница меѓу ЕУ и државите од регионот предвидуваат обврски за постепено преземање на правото на ЕУ. Овие регионални договори, кои имаат комплетна институционална структура, се значајни и од аспект на приоретизација на инфраструктурните проекти во регионот, поддржани со средства на ЕУ.

Конечно, веројатно најсложеното поглавје не само од овој кластер, туку воопшто во преговорите – 27. животна средина. Не само што има многу области (хоризонтално законодавство, квалитет на вода и воздух, управување со отпад, заштита на природата, контрола на индустриско загадување и управување со ризици, хемикалии и генетски модифицирани организми (ГМО), бучава и шумарство), туку и самото законодавство е многу технички сложено, со поставени високи стандарди за животната средина, кои бараат стриктно спроведување и бескомпромисно извршување. Згора на тоа, испреплетени се надлежностите на многу институции, па и на централното и локалното ниво. За жал, гледано на подолг рок – од стекнувањето на кандидатскиот статус, степенот на усогласеност и динамиката на реформите во ова поглавје назадуваат. Во минатиот извештај, оценката на Европската комисија беше дека поглавјето е само со „одредено ниво на подготовка“ (2 од 5), а напредокот со години по ред се оценува како „ограничен“ (1 од 5). Тоа фигуративно повеќе би значело дека во зеленово поглавје сме повеќе „поцрвенети“ одошто „позеленети“.

Според Европската комисија, поглавјата 14. Сообраќајна политика и 15. Енергетика се со „умерено ниво на подготовка“ (3 од 5), додека 21. Трансевропски мрежи е со „добро ниво на подготовка“ (4 од 5).

Јасно е дека без позначителна финансиска помош од ЕУ транзицијата кон зелена агенда и одржлива поврзаност не е можна. Како пример ќе дадеме само една област од поглавјето Животна средина. На една неодамнешна конференција во рамките на кампањата „Разбистри сѐ“ македонската експертка за животна средина Јадранка Иванова посочи дека само за имплементација на Директивата за третман на урбани отпадни води се потребни 1.2 милијарди евра за инвестиции. Анализата за спроведување на Директивата за вода за пиење кажува дека се потребни 520 милиони евра. Според досегашните проценки, овие две директиви би можеле да ги спроведеме до 2041 година.

Логичен е заклучокот дека патот кон една вистински зелената агенда за нашата држава е тежок и скап. Тој бара сериозна политичка посветеност, силен институционален капацитет и реална приоретизација.