Одговорните во ЦУК проверија 14 мостови во државата, повеќето се опасни за преминување [галерија]

Многу од нив, вклучувајќи го мостот „Око“ во центарот на Скопје, се во загрозувачки лоша сотојба - почната е санација за дел од нив

Фото: Центар за управување со кризи

Во државата има мостови кои се во лоша состојба и претставуваат опасност за граѓаните, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, на прес-конференцијата која ја одржа денеска.

Вработени во Центарот извршиле инспекција на 14 мостови во државата и констатирале дека повеќето од нив се опасни по безбедноста на граѓаните. 

„Ако има пукнатини на столбовите, ако има паднат столб, не треба да бидете експерт за да знаете дека тој мост не е најстабилен, а можеби не е воопшто стабилен“, кажа Ангелов. 

Како една од поалармантните случаи, беше речено дека претставува мостот во село Ланце. На тој мост имало видлива вертикална пукнатина кој влијаела на стабилноста на мостот. Сепак, Ангелов кажа дека затворањето на мостот не би било едноставна процедура поради големиот број граѓани кој го користат за земјоделски работи. 

И мостот на реката Пчиња бил во исклучително лоша состојба.

„Стапивме во комуникација со градоначалникот од Куманово, веднаш ангажира стручни лица и го извести МВР. Ангажира експерт од Институтот за сеизмички градби и климатски промени. Според Институтот, мостот мора да се санира или да се руши и изгради нов. Сè додека не се преземат мерки за санација, мостот е ризичен и треба да се забрани за користење,“ рече Ангелов.

Тој дополнително потенцира дека е почнат процес на санација на нестабилниот мост во Башино село. 

Во врска со стаклената подлога на мостот „Око“ во центарот на главниот град, тој кажа дека стаклото е скршено.

„Мостот е стабилен, но стаклата се напукнати. Откако го констатиравме тоа, го известивме град Скопје, а претставници оттаму тврдат дека стаклата се безбедни. Ни рекоа дека работат на нивна замена. Не е лошо граѓаните да не газат по пукнатините, иако од градот укажуваат дека нема да се скршат“, рече Ангелов.

Фото: Центар за управување со кризи

Ангелов апелираше до граѓаните ако констатираат какво било оштетување на мостовите да го пријават на бројот 112.