Анѓушев: Изградбата на автопатиштата и железницата ќе го раздвижат градежништвото


Скопје, 10 септември, 2018 - 10:24 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека зголемениот домашниот бруто-производ (БДП) од 3,1 проценти се должи на влијателните фактори како што се индустријата, градежништвото, земјоделството и трговијата, каде што се бележи најголем пораст.

– Во делот на градежништвото кога имавме пад од 40 проценти, БДП беше зголемен за 0,1 процент во првиот квартал. Градежништвото се уште има помали резултати во споредба со минатата година од 20 отсто, а веќе имаме 3,1 зголемен БДП во споредба со првиот квартал. Градежните проекти ги ставаме во колосек. Главните проекти се автопатиштата Кичево – Охрид, Миладиновци – Штип и новите кои почнаа да се градат како и железницата кон Бугарија и гасоводот, во кои што проекти има една милијарда евра. Тоа се проекти кои ќе го раздвижат градежништвото – појасни Анѓушев и нагласи дека со нивна реализација се очекува дополнително зголемување  на БДП.


Владата најавува интензивна изградба на автопатот Кичево – Охрид


Скопје, 6 септември, 2018 - 13:01 (META) 

Владата денеска усвои предлог-закон за нов анекс на Договорот за изградбата на автопатот Кичево – Охрид во должина од 57 километри со кинески „Синохидро“. На овој начин се овозможува ослободување на 205 милиони евра од претходно обезбедените финансии за проектот, со што ќе се интензивираат градежните активности на терен и ќе се овозможи исплата на домашните компании ангажирани како подизведувачи.

Со предлогот е предвидено со нов, трет анекс, пак, што би се склучил околу 10 следниот месец, да се утврдат цените за дополнителните градежни работи, неопходни за одблокирање на проектот што беше во застој поради проблеми со проектната документација, несоодветни геомеханички испитувања, нерешена експропријација на земјиштето.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по денешната седница на Владата најавија дека законот уште денеска ќе биде испрати во Собранието.

Со тоа, како што истакнаа, почнува да се решава проблемот за овој капитален проект, кој заедно со планираното интензивирање на работите за железничката делница Куманово – Бељаковце и за гасоводот треба да овозможи подобрување на состојбите во градежништвото по големиот пад во изминатиот период.

Сугарески информираше дека за изградбата на автопатската траса во должина од 57 километри ќе треба да се примени целосно нова технологија за изградба на тунелот кај Врбјани  во должина од четири километри, кој со првиот проект бил предвиден за градба на земјиште со прва категорија, наместо со шеста, односно на меко змејиште а не на карпест дел како што се препорачува од експретите. Воедно ќе треба да се градат девет нови клучки и регионални патишта, бидејќи со постојниот проект не е предвидено поврзување на околните населени места со автопатската делница.

Изградбата на автопатот стартуваше во февруари 2014 година и според постојниот договор требаше да чини  околу 400 милиони евра. Со продолжувањето на рокот за изградба автопатот треба да биде готов до средината на 2021 година.


Сугарески: Предвидени се 300 милиони евра инвестиции во патишта во Источниот регион


Штип, 5 април, 2018 - 15:06 (META) 

Должината на експресниот пат Штип – Кочани кој е во изградба, изнесува 28 километри и предвидено е да се гради во две фази, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески кој направи увид во градежните работи.

– Во тек е изградба на првата фаза од Штип до Крупиште во должина од 14,3 километри, инвестиција со вредност од преку 20 милиони евра. При изградбата на оваа фаза, наидовме на потешкотии при реализацијата на проектот, но успеваме да ги надминеме и во моментов вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 20 отсто – изјави Сугарески.

Во однос на втората фаза од реализацијата, во тек е одобрување на тендерската документација.

– Источниот регион е токму оној во кој се предвидени најголеми инвестиции во изградба и реконструкција на патната мрежа. Тука ќе реализираме инвестиции од околу 300 милиони евра во изградба на автопати, два експресни патишта и реконструкција на регионалните патишта. Вкупниот прогрес на градежните работи на автопатот Миладиновци – Штип изнесува 77 отсто и согласно анекс-договорот што го потпишавме, очекуваме да биде завршен до септември оваа година – додаде Сугарески.


НБРМ: Економијата закрепнува по падот во првата половина од 2017 година


Скопје, 14 февруари, 2018 - 18:08 (META) 

Економијата во четвртиот квартал од 2017 година закрепнала со подобро темпо во однос третиот, било заклучено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка.

„Во однос на активноста во економијата, по падот во првата половина на 2017 година и умереното закрепнување во третиот квартал, во четвртиот има закрепнување со нешто подобро темпо. На ваква констатација посочуваат податоците за најновите остварувања во индустријата и трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно задржување на довербата на економските субјекти“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во него се додава дека инфлацијата е во рамки на проекциите.


Последиците од кризата најмногу се почувствуваа во градежништвото


Скопје, 4 декември, 2017 - 15:28 (META) 

Градежните активности во првите девет месеци се намалени, а градежниците имаат помалку работа и во странство, информираа од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали.

Според претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, последиците од политичката криза најмногу се почувствувале во овој сектор, кој беше главен двигател на економијата во последните неколку години.

– Проблемите речиси и да не се решаваа, а постоеја административни пречки во донесувањето одлуки и решенија, кои имаа финансиска импликација врз проектите, додека доспеаните долгови тешко и нередовно се исплаќаа. Наведените причини најмногу придонесоа да дојде до стагнација на работењето и до намалена активност во однос на минатата година, имајќи предвид дека државните органи, односно Владата и локалната самоуправа, беа главните инвеститори и двигатели на градежните активности – рече Серафимовски.

Ваквиот тренд во градежништвото ќе продолжи до крајот на годината, а за следната година градежниците се надеваат дека секторот повторно ќе влијае на порастот на домашниот бруто-производ.


Економијата во Турција ќе ги надмине предвидувањата од 4,4 проценти пораст на БДП


Анкара, 12 септември, 2017 - 14:26 (META) 

Домашниот бруто-производ (БДП) во Турција во периодот април-јуни се зголемил за 5,1 отсто во однос на претходните месеци, покажуваат податоците на турскиот Институт за статистика.

Пораст на економијата е евидентиран во сите клучни области, при што земјоделското производство се зголемило за 4,7 отсто, индустриското за 6,3 отсто, градежништвото за 6,8 отсто,  а трговските дејности за 5,7 отсто.

За оваа година, владата во Анкара предвидува економски пораст од 4,4 проценти, а турскиот премиер Бинали Јилдирим најави дека предвидувањата ќе бидат надминати.


Просечната месечна нето-плата во јуни изнесувала 22.808 денари


Скопје, 23 август, 2017 - 13:47 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јуни изнесувала 22.808 денари, а бруто-платата 33.509 денари, објави Државниот завод за статистика. Платата во јуни во однос на лани истиот месец е зголемена за 2,7 проценти.

Ваквото зголемување на нето-платата се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите уметност, забава и рекреација (20 проценти), стручни, научни и технички дејности (9,8 проценти) и рударство и вадење на камен (7,4 проценти).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во однос на претходниот месец е
забележано во секторите рударство и вадење на камен (7,5 проценти), градежништво (4,1 проценти) и трговија на големо и трговија на мало (3 проценти).

Во јуни, 1,1 процент од вработените во Република Македонија не зеле плата.


Груевски: Економијата стагнира, нема нови инвестиции и градежни активности


Дебар, 19 август, 2017 - 17:35 (META) 

Економијата стагнира, нема нови инвестиции, запрена е изградбата на автопатиштата и има силен пад на градежништвото, оцени денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при посетата на Реканскиот регион.

– Изградбата на патот помеѓу Кичево и Струга е речиси целосно запрена со работа. Сериозно е намалена градежната активност на патот од Скопје кон Штип. А патот од Смоквица до Демир Капија не се пушта во употреба за да помине некое време и да може новата власт да каже дека и таа нешто направила во овие месеци. Секаде наоѓаат некакви ситни проблеми, кои што, во времето кога ние ја водевме владата ги решававме во рок и не ги замаравме луѓето со нив – изјави Груевски.

Тој додаде дека девизните резерви се намалиле за 172 милиони евра, а од друга страна, нема капитални инвестиции.

Груевски оцени дека не само што изградбата на автопатиштата е запрена, туку истото се случува и со изградбата на голем број капитални објекти.


Компаниите извршиле градежни работи во странство за 139 отсто повеќе од лани


Скопје, 16 мај, 2017 - 14:32 (META) 

Во првите три месеци од годината, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 39.062.103 долари, што е за 14,1 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Од јануари до март, градежната оператива од Македонија во странство извршила градежни
работи во вкупна вредност од 6. 318.534 долари, што е за 139,1 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Во истиот период е забележан зголемен обем на извршените градежни работи во Холандија, Босна и Херцеговина и во Германија.


Тевдовски: Економијата може да влезе во рецесија


Скопје, 18 април, 2017 - 14:36 (META) 

Три индикатори даваат предупредување дека економијата во Македонија може да влезе во рецесија ако нешто сериозно не се преземе, изјави на прес-конференција претседателот на Комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски.

Според него, податоците за почетокот на 2017 година покажуваат пад во градежништвото, намален обем на индустриското производство и намалена побарувачка на купувачите.

– Трговијата на мало има пад од 2,5 проценти во јануари и во февруари 2017 година во однос на истиот период лани. Тоа се должи, пред сè, на намалената побарувачка од купувачите. Ова е податок добиен токму од фирмите, кои во извештајот за деловните тенденции во трговијата на мало на Државниот завод за статистика, како најограничувачки фактор на почетокот од 2017 година ја означиле токму слабата побарувачка од купувачите – изјави Тевдовски.

Тој додаде дека индустриското производство во првите два месеци бележи пад од 1,9 отсто во споредба со истиот период во 2016 година.

„Тоа се должи, пред сè, на падот на преработувачката индустрија од 4,1 отсто, пад има и кај рударството, од 6 проценти, а сериозен пад имаат повеќе оддели на преработувачката индустрија. Градежништвото бележи намалување за 24 проценти во јануари 2017 година во однос на истиот месец во претходната година“, додаде Тевдовски.

Тој истакна дека во програмата на новата влада е предвидена поддршка за домашните претпријатија, пораст на платите и социјална праведност.