fbpx

Каков „економски багаж“ ќе легне на „грбот“ на новата Влада?

-

По серија на месечни падови, во јули за прв пат од почетокот на ковид-19 здравствената криза, се појавија првите симптоми на заздравување на домашната економија, односно приходите од ДДВ се во пораст.

Дел од економистите што ги консултираше Порталб.мк велат дека последиците од повеќемесечната економска криза ќе се прелеат и во следните месеци. Идната Влада ќе има тежок “економски багаж“ со кој ќе треба да се справи.

Точно е дека јулските податоци навестуваат процес на заздравување на економијата, но допрва ќе се бројат штетите од неработењето на дел од секторите и индустриите, како што е туристичкиот сектор кој целосно е колабиран во ек на летна сезона но и градежништвото, кое е во застој, коментираат економистите. Сметаат дека кондицијата на економијата е влошена, а состојбата се “амортизира“ со земените заеми.

“Новата Влада ќе се соочи со исклучително лоша економско-финансиска состојба, предизвикана пред сè од состојбата на пандемија, но не и само поради тоа. Дека состојбата во стопанството е многу лошa покажуваат објавените податоци за периодот јануари-април 2020 година. Иако месец април се смета за почеток на соочување со пандемијата, негативните импликации се видливи, особено во секторот индустрија, градежништво, угостителство и туризам, трговија на големо и на мало и други. Од вкупно 27 гранки на индустријата, во 24 гранки бележиме пад на индустриското производство. Падот на производството започнува некаде на почеток на месец март и продолжува и во месец април со уште поголема динамика. Падот на индустриското производство во месец април 2020 година, во однос на истиот месец од претходната година изнесува 30 проценти, додека во периодот јануари-април 2020 година, во однос на истиот период од претходната година падот на индустриското производство изнесува 11,2 отсто. Во секторот градежништво, бројот на дозволи за градба во месец април 2020 година, во однос на месец април од претходната година се помали за 27,9 отсто“, вели професорот Сами Бислими.

Очекуваните негативни економски трендови кои ќе ја одбележат целата оваа календарска година ќе бидат „жежок“ костен во рацете на новата Влада, велат познавачите.

„Речиси сите влади во светски размери се соочуваат со идентични проблеми на наведените сектори, за кои владите ќе треба да преземаат директни мерки за да ги поддржат. Според последните објавени податоци во крајот на мај во споредба со мај претходната година имаме речиси застој т.е за 99,2 проценти е намален бројот на туристи, додека пак периодот јануари-мај 2020 во споредба со истиот период 2019 имаме намалување од 63,2 отсто. Исто така и кај градежништвото бележиме големо опаѓање, но туризмот и угостителството се најпогодени. Кондицијата генерално на економијата е влошена и новата Влада ќе има големи предизвици пред себе со кои ќе треба да се соочи“, коментира економскиот истражувач Милаим Ахмети.

Во јули, според податоците од Министерството за финансии, се регистрирани и првите знаци на заздравување по здравствениот шок. Вкупните даночни приходи во однос на лани се намалени за 1,7 проценти.

„Кај данокот на додадена вредност првпат од почетокот на кризата се забележува раст во однос на минатата година од 1,2 проценти, што следи по падот во јуни од 7,5 проценти и високиот пад во мај и април од -33 и -43,5 проценти. Се забележува и висок раст на увозните давачки од 18,3 проценти, понатаму раст на персоналниот данок од 0,4 проценти, додека помала наплата има кај акцизите и данокот на добивка. Придонесите забележуваат раст од 11,9 проценти во однос на истиот месец лани“ – соопшти ресорното министерство.

Сепак економистите се претпазливи и велат дека закрепнувањето ќе оди бавно, илјадници луѓе останаа без работа и со почетокот на есента новата Влада може да се соочи и со отворено незадоволство од губење на работните места, иако со мерките дел од работниците беа задржани на работа.

„Ваквиот негативен тренд во стопанската активност и во надворешно трговската размена ќе предизвика влошување на состојбата во приливот на приходи во буџетот, врз состојбата на тековната сметка, како и врз состојбата на билансот на плаќањата. Имено, буџетските приходи во периодот јануари-април 2020 година, во однос на истиот период од претходната година бележат пад од 4,9 отсто, додека намалувањето на даночните приходи, во истиот споредбен период се помали за 9,1 процент. Треба да се има предвид дека, ваквите бројки се однесуваат за период кога сеуште не бевме сериозно соочени со пандемијата“, вели професорот Бислими.

Економистите се согласни дека идната Влада ќе се соочи со предизвикот за справување со една од историски најтешките економски кризи и затоа е потребно новиот владин кабинет да се формира што поскоро.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...