Фото: Архива на Мета.мк

Речиси и да нема поголеми градежни проекти на кои работат македонските градежни компании во странство, а состојбата на овој план постепено се влошува низ годините. Статистичките податоци покажуваат скромни договорени и извршени зделки на странските пазари од македонската оператива.

Во 2020 година, само околу 2,6 милиони евра изнесуваат извршените градежни работи во странство од страна на македонските градежници. Ова е за 42,7 отсто помалку во споредба со годината пред тоа. Најголем дел од градежните зделки реализирани лани биле изведени во Германија, во вредност од околу 1,5 милиони евра.

Наспроти ова, некогашниот југословенски пазар речиси целосно е изгубен за македонските компании. Во Косово лани биле извршени градежни работи во вредност од околу 150.000 евра, а во Србија македонските градежници реализирале градежни проекти од скромни 5.000 евра. Дури и во Босна и Херцеговина, извршените градежни активности во 2020 година биле намалени на околу 310.000 евра, додека во Црна Гора нашите градежници реализира проекти вредни околу 450.000 евра.

Дека состојбата не е розова состојбата со работењето на градежната оператива на странските пазари покажуваат и договорените градежни работи во текот на 2020 година. Од јануари до декември 2020 година, на странските пазари била договорена изведба на градежни проекти во вредност од над 3,4 милиони евра. Исто како и кај извршените градежни работи, и кај договорените зделки, најголем пазар за нашите градежници останала Германија, а по неа следат Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Инаку, индикатор за тоа колку е драматична состојбата со договорените и извршените градежни работи во странство се статистичките податоци. Пред една деценија, на пример, македонските градежници во странство во 2010 година успеале да договорат градежни работи во вредност од 60,3 милиони евра, додека извршените градежни работи надвор од земјава се мереле во износ од дури 37 милиони евра.