fbpx

АНАЛИЗА: Градежништво, туризам, преработувачка индустрија – оцени и очекувања на бизнисмените

-

Статистиката ги измери и првите „црни“ бројки за дел од економските сектори – во туризмот целосен колапс, во градежништвото драматичен пад на вредноста на објектите кои се планирани да се градат, но и на бројот на одобренија за градба. Бизнисмените пак од преработувачката индустрија се со оцени дека економската состојба се влошува, пишува „Порталб.мк“.

Преработувачка индустрија – оцени и очекувања на бизнисмените

Недоволната странска побарувачка станува доминантен фактор кој ги подгрева песимистичките очекувања на бизнисмените од преработувачката индустрија за третиот економски квартал од годинава. Имено, според менаџерите од овој сектор најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството има недоволната странска побарувачка со 20,6 отсто, потоа следува факторот недостиг на квалификувана работна сила со 17 отсто, неизвесното економско опкружување со 16,5 отсто и недоволната домашна побарувачка со 13,1 отсто.

Во најновата статистичка публикација на Државниот завод за статистика се нотира дека се „топи“ довербата на бизнисмените од преработувачката индустрија.

„Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јуни 2020 година е намален за 0,8 процентни поени во однос на мај 2020 година и изнесува 12,2, а во однос на јуни 2019 година е намален за 9,1 процентен поен. Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јуни 2020, во однос на мај 2020 година, е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени“ – наведуваат од Државниот завод за статистика.

Со оглед на веќе пенетрираната економска криза, оценката за економската состојба на деловните субјекти во јуни 2020 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на јуни 2019 година.

Туризам – колапс во секторот, без домашни и странски туристи

Целосна колабираност на туристичкиот сектор – и официјалната статистика ги потврди црните очекувања. Во мај, месец кој се смета за вовед во топлото лето, вкупниот број на туристи во однос на истиот месец лани е намален за 99,2 отсто, а бројот на ноќевања за цели 97,6 отсто. Во мај земјава ја посетиле само 183 странски туристи. Не само странските, од одмори и патувања апстинирале и домашните туристи чиј број во мај изнесувал 655 што во споредба со истиот месец лани претставува намалување за 97,8 отсто.

Најголем број или 60 странски туристи дошле од Унгарија, 21 од Полска, 18 од Австрија, 17 од Србија и 16 од Словенија. Од останатите земји државава ја посетиле по помалку од десет туристи.

Според очекувањата на бизнисмените од овој сектор, благо амортизирање на лошата состојба се очекува во јули и во август, но проблем остануваат домашните туристички агенции кои се во „банкрот“ поради неможноста и воздржаноста за летувања во странство.

Градежништво – пад на бројот на издадени одобренија за градба

И градежништвото е во групата на сектори кои претрпеа и сè уште трпат штети од ковид-19 кризата. Бројките покажуваат дека во мај – кој важи за еден од месеците во кои треба да се регистрира градежен пик, евидентиран е пад. Според податоците на Државниот завод за статистика, во петтиот месец од годинава се издадени 161 одобрение за градење, што е за 27,5 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година.

„Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 1.559,061 илјада денари, што е за 60,9 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година“ – велат од Државниот завод за статистика.

Од сите 161 издадено одобрение за градба, само 81 се однесуваат на високоградба – односно изградба на станбени згради на територијата на целата држава, 28 одобренија се за нискоградба, главно патишта, а останатите 52 се за реконструкција.

Бројките покажуваат драматичен пад во овој сектор – во однос на мај, лани. Бројот на одобренија за високоградба се намалени за дури 60 отсто, за нискоградба за 75,7 отсто, а за реконструкција дури за 104 отсто, што укажува, не само на забавување, туку и на целосен застој во одредени сегменти во градежништвото.

Според очекувањата на дел од економистите, по екипирање на новиот владин кабинет се очекуваат нови пакети на економски мерки со кои ќе се таргетираат одредени сектори за дополнителна финансиска помош. Со оглед на тоа што здравствената криза продолжува и во пикот на летото, се очекува влошување на состојбите од септември, со почеток на есента.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...