fbpx

АНАЛИЗА: Увозот на работна сила – меч со две острици

Новите податоци покажуваат дека во 2022 во однос на 2021 година, бројот на активно население е намален за скоро 12.000. Не запира трендот на одлив на работна сила, но во најава е и „увоз“ од странство

-

Се намалува бројот на активно и работоспособно население во земјава. Новите податоци покажуваат дека во 2022 во однос на 2021 година, бројот на активно население е намален за скоро 12.000. Не запира трендот на одлив на работна сила, но во најава е и „увоз“ од странство, пишува Порталб.мк. Пазарот на труд се соочува со тектонски промени.

За една година активното население намалено за скоро 12.000

Се намалила бројката на работоспособно, но и на активно население во земјава. Врз основа на новите податоци од Пописот 2021, состојбата на пазарот на труд е загрижувачка. Новата анкета за работна сила на Заводот за статистика покажува дека лани во споредба со 2021 бројот на активно население е намален за 11.814, а на работоспособно за 4.241 – бројки коишто според експертите покажуваат дека државата се соочува со незапирлив тренд на одлив на работоспособно и, пред сѐ, наталитетно население кое треба да биде столб и на економијата и на демографијата.

Податоците покажуваат дека на годишно ниво во апсолутни бројки се намалува бројот на невработени, но и бројот на вработени, којшто во 2022 година во однос на 2021 е намален за речиси 1.500. Пописот 2021 ги стопи бројките на вработени во земјава, коишто се спуштија под 700.000. Така, лани во земјава биле вработени 692.034 лица, од нив 515.425 се во приватниот сектор, а останатите во фирми со државна или друга мешовита сопственост. Најголем број вработени во приватниот сектор апсорбираат дејностите во кои има најголем дефицит на кадар, односно од каде има и најголем „извоз“ на работна сила.

Во приватниот сектор, преработувачката индустрија е водечка, па таа лани вработувала 134.568, на второ место е трговијата со 107.252, а речиси 43.000 работат во градежништвото. Илјадници вработени има и во земјоделството.

Бизнисот бара либерализација на увозот на работна сила

Фирми од градежниот сектор, трговијата, угостителството алармираат дека се соочуваат со недостиг на работна сила и оти се подготвени да ја увезат од странство. На пазарот на труд, преку посреднички агенции, веќе се воспоставува контакт меѓу странските работници и домашните фирми. За бизнисмените чии фирми се, пред сѐ, од трудоинтензивните дејности, единствено решение за дефицитот на кадар е увоз на работна сила. Овој проблем ќе станува сѐ поизразен со најавата за изградба на автопатите во државата – ќе има проекти, ама ќе нема кој да ги реализира.

„Потребно е постепено либерализирање на пазарот на трудот со увоз на странски работници, затоа што многу компании од градежната индустрија имаа проблеми, особено лани, кога квотата за вработување странци беше исполнета многу пред истекот на годината“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, и самиот сопственик на текстилна фирма во која има дефицит на кадар.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) побараа од Владата да ги измени условите за влез на работа сила од странство, а либерализацијата да важи за Косово.

„Треба да се зголемат квотите за увоз на работна сила дури и од Азија, бидејќи има недостиг на работна сила во земјава, особено во угостителството, туризмот и градежништвото. Пред тоа да се направи, мора да се искористат сите капацитети кои ги имаме во земјава“, вели Менди Кира претседател на СКСЗМ, со барање до власта да се намалат придонесите за плата, за да се остави простор на приватниот сектор да ги зголеми платите, како еден од механизмите за задржување на работната сила.

Од Владата веќе најавија дека дефицитот на работна сила ќе се амортизира со „увоз“ на странци, но, според познавачите, ова ќе биде само моментално решение кое може да донесе нов проблем – дел од странските работници да ја искористат земјава како „отскочна штица“ кон европските дестинации.

„Носењето работна сила од странство чини 2.000 евра, дополнително ќе треба да се обезбеди и здравствено осигурување, сместување. Ќе го кажам примерот со Албанија, каде во државата беа примени работници од Египет. Дури 70 отсто од нив потоа набргу ја напуштија земјата, со што Албанија остана без завршени проекти и дополнително доби пенали од Европската Унија“, вели Зоран Кочоски од агенцијата за посредување при вработување „Коузон“.

Решението за проблемот со кој се соочува македонскиот пазар на труд, според бизнисмените и аналитичарите, сепак треба да се бара во системски мерки за задржување на работоспособното население – коишто значат не само повисоки плати, туку и квалитетно образование, битка со корупцијата, неселективно судство.

ИзворПорталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...