Владата одлучи да ја отстрани оградата, новиот Клинички ќе се гради во Ѓорче Петров


Скопје, 6 февруари, 2019 - 10:46 (META) 

На својата вчерашна 118-та седница, Владата ја одредила најповолната локација за новиот Клинички центар, а тоа е месноста Веле Поле во Ѓорче Петров, а донела и одлука да ја отстрани железната ограда околу владиното седиште. Исто така е донесена одлука да се отворат амбасада во Атина и генерален конзулат во Солун.

Владиниот кабинет го прифатил извештајот на работната група во кој за највисоко рангирана е утврдена локацијата во општина Ѓорче Петров – месноста Веле Поле, а донела и препорака до Општина Ѓорче Петров да го започне спроведувањето на сите потребни активности за донесување на урбанистичка документација за локацијата.

На вчерашната седница исто така е донесена одлука„ за отворање амбасада на Република Северна Македонија во Грција, со седиште во Атина, како и одлука и за отворање Генерален конзулат на Република Северна Македонија во Грција, со седиште со Солун, кои ќе започнат да се применуваат со влегувањето во сила на Одлуката за прогласување на амандманите на Уставот на Република Македонија, соопшти Владата.

Откако на претходната, 117. седница, беше донесен план за извршување на Договорот од Преспа, на вчерашната 118. седница е донесена и одлука за  формирање на Меѓуресорска работна група за извршување на Преспанскиот договор, која ќе ја следи динамиката на реализацијата и извршувањето на Националниот акциски план.

Членови на „Преспанската“ работна група ќе бидат генералниот секретар на владата, неговиот заменик,  државните секретари во Министерството за надворешни работи, во Министерството за правда, во Министерството за внатрешни работи, во Министерството за финансии, во Министерството за транспорт и врски, во Секретаријатот за европски прашања, како и секретарот на Секретаријатот за законодавство, потоа и шефот на канцеларијата на премиерот, како и директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата и двајца советници од канцеларијата на премиерот.


Јункер, Могерини и Хан го поздравија ратификувањето на Преспанскиот договор


Брисел, 25 јануари, 2019 - 15:03 (META) 

Со заедничка изјава, претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, високата претставничка за заедничка надворешна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја поздравија ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент.

„Со радост го поздравуваме најновиот клучен чекор во ратификацијата на Преспанскиот договор, со денешното гласање во грчкиот парламент.

Од самиот почеток Европската Унија силно го поддржуваше историскиот договор потпишан од премиерите Ципрас и Заев, по преговорите под покровителство на ОН. Беа потребни политичка храброст, лидерство и одговорност од сите страни за да се разреши еден од најдлабоките спорови во регионот. Двете земји ја искористија оваа уникатна можност која поставува пример за помирување во Европа како целина и ќе даде дополнителен поттик на Европската перспектива на регионот.

Додека со радост ги исчекуваме следните процедурални чекори што ќе доведат до целосно спроведување на договорот, можеме со сигурност да кажеме дека Атина и Скопје заедно испишаа нова страница на нашата заедничка иднина во ЕУ“, гласи изјавата на Јункер, Могерини и Хан.


Во Солун се делат „некролози“ за Македонија


Солун, 25 јануари, 2019 - 12:35 (META) 

Малубројни противници на Договорот од Преспа денеска во Солун, пред Министерството за Македонија и Тракија, на минувачите им делеа „некролози“ со името „Македонија“, изразувајќи го на тој начин својот протест против, како што велат „предавството кон грчка Македонија“.

„Денеска ја погребуваме Македонија“ стои во текстот, а како потписници се „Мајка Грција, децата Македонки и Македонци“.

Во 14.30 часот денеска грчкиот парламент треба да гласа за ратификација на Договорот од Преспа, со што тој официјално ќе стапи на сила, а Македонија со направените уставни измени ќе добие ново официално име за севкупна употреба – Северна Македонија.

Инаку, исто како и во Солун денеска, и на протестите против ратификцијата на Преспанскиот договор и уставните измени во македонското собрание се делеа „некролози“ за Македонија, во кои се обвинуваа македонските политичари и пратеници дека ја предале Македонија.

Во Македонија и претходно се правеа „некролози“ – по жестокиот говор на тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред Државната изборна комисија (ДИК), кога остро нападна некои амбасадори дека премногу се мешаат во внатрешните работи на Македонија, на интернет се појавија некролози на тогашните два дена откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одржа говор пред Државната изборна комисија, во кој истакна дека некои амбасадори почнале премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. На тоа реагираа САД и ЕУ, како и македонските дипломати.


Грчкиот парламент во жешка атмосфера попладнево гласа за договорот за името


Атина, 25 јануари, 2019 - 11:13 (META) 

Иако во грчкиот парламент требаше да се гласа ноќеска за ратификација на Преспанскиот договор, постапката се развлече поради огромниот број пријавени пратеници за збор, поради што најверојатно за ратификацијата ќе се гласа денеска околу 14.30 часот по локално време.

Сè уште е неизвесно каков ќе биде исходот, оти последните анкети во Грција покажуваат сериозна предност на опозициската Нова Демократија, која остро се противи на Договорот од Преспа,  пред владејачката СИРИЗА.

Од вкупно 300 пратеници, за дискусијата збор побарале 230. Додека вчера траеше дебатата, околу 5 илјади членови на националистички организации беа собрани на протести пред парламентот во Атина но и во Солун извикувајќи „Македонија е само грчка“. Дел од нив фрлаа со пиротенички материјали и камења врз полицијата. Припадниците на полициските сили употребија заслепувачки гранати, спреј и палки за растерување на насилните демонстранти.

Лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, го обвини грчкиот премиер дека ги „игнорира патриотските чувства“ на милиони Грци. Тој се закани дека ќе го блокира членството на Македонија во ЕУ доколку неговата партија биде победник на изборите.

– Приклучувањето на Скопје во ЕУ не е поврзано со Преспанскиот договор. Грција во секој момент ќе може да стави вето на приклучувањето на Скопје во ЕУ. А, јас лично, ве уверувам дека нема да се откажам од ова национално право – рече лидерот на опозицијата.

Одговарајќи им на сите кои се противат зборот Македонија да биде во името на северниот сосед, грчкиот премиер Алексис Ципрас синоќа во парламентот ги потсети грчките комунисти на „славомакедонскиот буквар и Славомакедонката Мирка Гинова“. Тој во говорот одговори и на сите критики од неговиот политичкиот опонент – лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, а потсети на отстапки што ги направиле неговите претходници и политичари од претходни гарнитури, но и некои политичари што го критикуваат за „национално предавство“.

Според Ципрас „токму инерцијата и одложувањето кои станале доктрина за надворешната политика на Грција, завршувале со постојани дипломатски порази за грчката страна и резултирале со тоа повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, соседната земја да ја нарекуваат Македонија“.

– Каде бевте во 2008-2009 година, кога беше договорено визна либерализација за пасоши на македонски граѓани во Шенген-зоната? – ги праша Ципрас своите политички опоненти.

Грчкиот премиер им се обрати и на пратениците од Комунистичката партија, спомнувајќи ја антифашистичката хероина Мирка Гинова, (родена во село Русилово, Воденско, и осудена на смрт со стрелање на 26 јули 1946 година во Ениџе-Вардар). Тој ја именуваше со македонското име, и со името (Ирини Гини) со кое ѝ се обраќале членовите на грчката Комунистичка партија.

-Не сакам да ја критикувам историјата на Комунистичката партија на Грција, онаа која се однесува на славомакедонскиот буквар кој ваши членови им го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на ДАГ. Ниту 70.000 цивилни бегалци кои грчката држава ги лиши од правото да се вратат во својата татковина во 1983 година. Ниту Славомакедонката Ирини Гини, Мирка Гинова, првата жена стрелана во граѓанска војна. Вие и вашите луѓе соочете се со тоа – рече Ципрас.

Тој ги осуди и нападите против одредени грчки пратеници кои се залагаат за Договорот за Преспа.

Како и да е, сè уште е неизвесно како ќе гласаат независните пратеници, ако се земат предвид најновите анкети што ја затресоа Грција, покажувајќи дека остриот противник на Преспанскиот договор, опозициската Нова Демократија, значително води пред СИРИЗА во однос на расположението на гласачите за изјаснување на парламентарни избори.

Инаку, според најновата анкета направена од „Пулс“ за телевизијата Скај, Нова Демократија води пред СИРИЗА со 10,5 отсто, додека во анкетата направена за in.gr, предноста на опозицијата пред владејчката партија е 9,8 отсто.

Според „Пулс“, Нова Демократија има 33 отсто доверба, што е пад за половина процент во однос на претходната ваква анкета. СИРИЗА има доверба од 22,5 отсто, што исто така е половина процент помалку отколку на претходната анкета на „Пулс“, а треба е ултрнационалистичката „Златна Зора“ со 8 отсто. Таа доживеала пораст на довербата од 1 отсто во однос на претходната анкета, a по неа е КИНАЛ, коалицијата на ПАСОК, со 6,5 отсто доверба, а Комунистичката партија има 5,5 отсто, а  на претходната анкета на „Пулс“ забележала 6 отсто доверба.

Во проценките кој би победил на парламентарни избори ако се одржат сега, води Нова Демократијат на Киријакос Мицотакис со 59 отсто (на претходната анкета 57 отсто), а шанса за победа на СИРИЗА дале само 22 отсто од испитаниците (на претходната анкета 25 отсто).

Претседателот на Независни Грци, Панос Каменос, на „Твитер“ напиша дека бара оставки од 101 пратеник за да се спречи ратификација на Договорот од Преспа кој треба да се гласа денеска во грчкиот Парламент.

Каменос најпрво самиот понудил оставка, а потоа побарал уште 100 пратеници да го сторат истото.

„Најпрво ќе ја поднесам мојата оставка. До 14 часот ќе можеме да ја спречиме ратификацијата на Договорот од Преспа со 101 оставка во парламентот и да со тоа да ставиме крај на овој договор“, напиша Каменос.


Ќе се гласа за доверба на владата на Ципрас


Атина, 16 јануари, 2019 - 11:57 (META) 

Во парламентот на Грција денеска треба да продолжи  седницата на која ќе се гласа за доверба на владата на Алексис Ципрас. Гласањето би требало да се одржи попладнево.

На вчерашното прво продолжение на седницата, имаше тензична атмосфера и жестока дискусија.

Гласањето за доверба е на иницијатива на грчкиот премиер, кој се обидува да обезбеди доволно гласови за ратификација на Преспанскиот договор, што му беше отежнато по раскинувањето на владината коалиција во текот на викендот, кога Панос Каменос, лидер на Независни Грци и доскорашен министер за одбрана даде оставка и ја напушти владината коалиција.

Имаше одредени најави дека некои пратеници од Независни Грци ќе гласаат за ратификација на Преспанскиот договор и затворање на 28-годишниот спор со Македонија за името, а Ципрас најави можност договорот да го поддржат и некои независни пратеници, со кои би обезбедил мнозинство од 151 глас.

Денешното гласање доверба ќе биде тест кој ќе покаже дали навистина гласајќи за доверба на владата, доволен број пратеници ќе го поддржат Договорот од Преспа.


Иднината ќе ја потврди исправноста на Договорот од Преспа, и порача МНР на Москва


Скопје, 15 јануари, 2019 - 15:04 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи (МНР) во реакција на вчерашното соопштение на руското МНР порача дека постапката за донесување на уставните измени во склад со Договорот од Преспа е со целосно почитување на предвидената собраниска процедура и Уставот на Република Македонија, и изрази жалење што Русија „во негативен контекст става автентични политички процеси во две соседни земји, кои водат кон решавање на проблеми, зацврстување доверба и градење пријателство“.

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија со жалење констатира дека и покрај толку горливи проблеми во денешниот свет, Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација повторно, во негативен контекст, апострофира автентични политички процеси во две соседни земји, кои водат кон решавање на проблеми, зацврстување доверба и градење пријателство. Измените на Уставот согласно Договорот од Преспа, усвоени во Собранието со целосно почитување на предвидената собраниска процедура и Уставот, кои ја рефлектираат консензуалната определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија, добија неподелена поддршка од пошироката меѓународна заедница, како чин на политичка храброст, одговорност и лидерство, со кој се решава долгогодишен билатерален проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу Македонија и Грција“, стои во реакцијата од македонското МНР.

Преспанскиот договор придонесува за регионалната стабилност и претставува модел за решавање на отворени прашања меѓу државите, се вели во реакцијата.

„Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите. МНР е уверено дека иднината ќе ја потврди исправноста на овој пристап, кој претпочита политичко визионерство и лидерство, како и дека придобивките за регионалната стабилност и просперитет ќе бидат прифатени и валоризирани од сите страни, вклучително и од пријателската Руска Федерација“, порачува македонското МНР.


Груби: ВМРО-ДПМНЕ први да постават двојазична табла на своето седиште


Скопје, 15 јануари, 2019 - 12:53 (META) 

Пратеникот на ДУИ и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, на прес-конференција во Собранието порача дека Законот за јазиците денеска стапува на сила и дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се надмине себеси и да биде првиот фактор што ќе постави двојазична табла.

Тој рече дека институциите веднаш треба да се придружуваат до законските одредби и да ги применат. Нагласи дека, за разлика од претходното законско решение, новото предвидува формирање на Инспекторат што ќе ја контролира примената на Законот.

-Сите институции во земјава мора да го почитуваат Законот. Нелегитимниот претседател во заминување има уште два месеци во неговата канцеларија. Прочитајте ги законите, Уставот и Деловникот. Објавата на Законот за јазиците во „Службен весник“ е според законот. Да појаснам тој има законска обврска да го потпише само прогласот на законот, додека самиот закон се потпишува од претседателот на Собранието. Објавата на законот заедно со законот за ратификација на договор со Грција е целосно согласно законите. Сметаме дека Иванов и ВМРО-ДПМНЕ треба да се надминат и да бидат први кои ќе напишат ВМРО-ДПМНЕ пред нивното седиште и на албански јазик – рече Груби.

Претседателот Иванов пак во писмена изјава денеска порача дека постапката да се објават двата закона е основа за кривично гонење.

„Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење“, стои во обраќањето.

Шефот на државата вели дека сега на потег се Уставниот суд, Обвинителството и судот.


Иванов: Законот за јазиците и ратификацијата се објавени противуставно


Скопје, 15 јануари, 2019 - 12:38 (META) 

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни, порача претседателот на државата, Ѓорге Иванов во писмено обраќање.

Тој вели дека постапката да се објават двата закона е основа за кривично гонење.

„Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење“, стои во обраќањето.

Претседателот Иванов вели дека сега на потег се Уставниот суд, Обвинителството и судот.

„Ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото“, вели Иванов.

Шефот на државата, исто така, во завиена форма се обраќа и до претставниците на меѓународната заедница, порачувајќи дека поддржувањето на ваков преседан би нанело штета на правото и правната држава.

„Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави?“, стои во дописот до медиумите.


Службен весник: Законот за јазиците е објавен согласно Уставот


Скопје, 15 јануари, 2019 - 12:17 (META) 

Од „Службен весник на Република Македонија“ со соопштение објавено на веб-страницата денеска порачаа дека согласно Уставот, биле задолжени да ги објават Законот за ратификација на Преспанскиот договор и Законот за јазиците, кои не беа потпишани од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

„Двете објави се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Македонија најдоцна во рок од 8 (осум) дена од денот на нивното донесување). Согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска“, се вели во соопштението.

Претходно имаше бурни реакции во јавноста и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека законите се објавени спротивно на правото и Уставот. Од Службен весник велат дека сите обиди да се наруши угледот на оваа институција ќе бидат проследени со тужби.

„ЈП Службен весник на Република Македонија е професионално јавно претпријатие и нема да дозволи мешање на политиката во неговото работење и нарушување на неговиот углед. За секој обид за нарушување на угледот на Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија ќе биде поведена соодветна судска постапка“, порачуваат од ова јавно претпријатие.

Инаку, законите се објавени без потписот на претседателот Иванов, а на местото каде треба да стои неговиот своерачен потпис е само неговото име, со фуснота дека  дека претседателот на државата е должен да го потпише законот, бидејќи на 14 март 2018 година и вторпат бил усвоен со мнозинство гласови од пратениците, според член 75, став 3 од Уставот.

Вториот дел од фуснотата објаснува дека „поради неизвршување на горенаведените обврски од страна на Претседателот на Републиката“, а поради обврската од член 52 од Уставот, претседателот на Собранието е должен да го достави Законот за јазиците во Службен весник за негово објавување.


Москва: Уставните измени не се по волја на народот, Советот за безбедност на ОН да расправа за името


Москва, 14 јануари, 2019 - 17:19 (META) 

Одделот за информирање и печат на руското Министерство за надворешни работи (МНР) изгласувањето на новите амандмани на македонскиот Устав за промена на името на земјава го нарече „вештачка промена на името на државата со цел форсирано внесување на Скопје во НАТО“ и порача дека проблемот со преименувањето на земјава да се разгледува од Советот за безбедност на Обединетите нации во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845 на Советот.

„Станува збор за продолжување на процесот на вештачко менување на името на државата под странски притисок со цел насилно внесување на Скопје во НАТО. Тоа е прекршување на македонските закони. Ставот на шефот на државата и ставот на мнозинството од населението кои го отфрлаат Преспанскиот договор се игнорираат. Постојаните протести во Скопје и другите македонски градови покажуваат длабока поларизација на општеството. Очигледно е дека ваков начин на решавање на прашањата од национално значење за иднината на земјата не е одраз на волјата на нејзиното население и не може да служи како алатка за долготрајно решение за проблемот со имемто на земјата“, се вели во соопштението.

Од руското МНР велат дека и развојот на настаните во Грција, односно оставката на Панос Каменос, досегашниот министер за одбрана и претседател на Независни Грци, коалицискиот владин партнер на СИРИЗА, зборува за „експлозивноста на ситуацијата“. Дополнително, се обвинува и дека во Грција се спроведува истата формула како во Македонија – притисок за усвојување на Преспанскиот договор преку газење на волјата на грчкиот народ.

„Ставот на Руската федерација за проблемот со името на македонската држава останува неизменет: мора да се најде одржливо решение без надворешни притисоци, наметнати решенија и услови од надвор, кое ќе се заснова на широка јавна поддршка – и во Република Македонија и во Грција – и единствено во рамките на правото. Сметаме дека ова прашање мора да се разгледува од од Советот за безбедност на Обединетите нации во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност.