Грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за грчката телевизија „Антена“ порача дека нема да има предвремени парламентарни избори во Грција, односно ќе бидат одржани според планот, во октомври, пренесе „АНА-МПА“.
Ципрас изрази оптимизам дека неговата левичарска коалиција СИРИЗА ќе победи на претстојните избори за Европскиот парламент закажани за 26 мај.
– Целта на СИРИЗА и на формираната прогресивна алијанса е да му даде можност на грчкиот народ да се изрази, секако по четири години, и да ја поддржи Владата која успеа да ја извади земјата од меморандумите, да постигне важни победи во корист на многумина и што има јасен печат во цела Европа. Нашата цел е победа на европските избори, a не пораз со слаб резултат – изјави Ципрас во интервју за грчката телевизија „Антена“.
Рејтингот на СИРИЗА е во постојан пад во изминатите години, а тоа беше потсилено и од склучувањето на договорот од Преспа. Опозициската Нова Демократија силно се спротивставува на договорот, а според некои аналитичари, можно е таа партија да извојува тесна победа на следните парламентарни избори во Грција.
Коментирајќи го Преспанскиот договор, Ципрас рече дека била отворена добра можност да се реши спорот по 30 години и дека неговите претходници би го направиле истото да имале слични околности, бидејќи, како што вели, со договорот бил постигнат најдобриот можен исход за Грција.