fbpx

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и мултилатералните договори на државата, не е круцијална за оценката делумна вистина. Таа не кажува колку и какви проблеми ќе се отворат повторно

-

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и мултилатералните договори на државата, не е круцијална за оценката делумна вистина. Таа не кажува колку и какви проблеми ќе се отворат повторно и во кои сè институции и меѓународни организации, доколку еден ден официјално Скопје реши да ги раскине договорите, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Кандидатката за претседател Билјана Ванковска во дебата на МТВ искажа делумна вистина споменувајќи ги договорите на С. Македонија со Бугарија и со Грција:

Така што ние во овој мултиполарен момент, кој е круцијален и во петгодишниот мандат на новиот претседател, светот ќе се промени уште многу, се надевам не на најлошо туку на полошо, значи (ни) треба одговорен човек кој ја гледа целата слика. Така што, тука мислам дека треба да се ослободиме од илузиите. Прво, тегот што не води надолу – бугарскиот договор кој најлесно се раскинува, Преспанскиот е малку потешко, меѓутоа мораме и од него да се ослободиме…

[Извор: MТВ/Дебата – Б. Ванковска (39.50 мин)датум – 21.04.2024]

 

Образложение:

Ванковска дебатирајќи за иднината на С. Македонија надвор од ЕУ и НАТО, искажа став дека треба да се раскинат договорите со Бугарија и со Грција и дека првиот најлесно се раскинувал, а вториот потешко, што е делумна вистина.

Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија е потпишан во 2017 година и е релативно краток билатерален договор, прв помеѓу двете земји од таков тип. Тој договор содржи 14 члена, од кои во член 13, став 3 се опишани начините како може да се измени или раскине:

Секоја Договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата Договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување.

Ова значи дека теоретски Влада која има стабилно мнозинство во Собранието би можела да донесе одлука за раскинување на договорот и да ја извести официјална Софија. А, според одредбата 13, обврските од Договорот ќе престанат да важат една година по таквото известување.

Преспанскиот е меѓународен договор, бидејќи со него е завршен речиси тридецениски спор меѓу Скопје и Атина за разликите во името, таканаречно „нејм ишју“, кое во 1993 г. доведе до прием на Република Македонија со привремен акроним ФИРОМ и две резолуции на Советот за безбедност на ООН за Македонија. Токму поради ова, при потпишувањето на договорот кој официјална се вика КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 г. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ, сведок потписник беше и специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ООН за ова прашање Метју Нимиц, а присуствуваа и еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан.

Спогодбата е многу посложена од Договорот со Бугарија, а во Завршните одредби пишува што може да се менува, и колку:

  • Разликата и преостанатите прашања наведени во Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН ќе се сметаат за решени по влегувањето во сила на оваа спогодба.
  • Што е можно поскоро по влегувањето во сила на оваа спогодба, Страните или една од Страните ќе го извести генералниот секретар на Обединетите нации за влегувањето во сила на оваа спогодба, како и за датумот на кој истата влегла во сила, а со цел нејзино спроведување во Обединетите нации.
  • Првата страна ќе ја применуваа оваа спогодба во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија и нејзиното членство во други меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации, како и во согласност со други меѓународни инструменти. Слично, Втората страна ќе ја применува оваа спогодба во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации, вклучително и оние поврзани со Европската Унија, по предлогот за нејзино пристапување во членство
  • Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од член 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба.
  • Оваа спогодба ќе биде регистрирана во Секретаријатот на Обединетите нации во согласност со член 102 од Повелбата на Обединетите нации, веднаш штом влезе во сила.

 Како што може да се види, Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на оваа спогодба е „малку потешко“ да се реализира. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко е раскинуваат билатералните и мултилатералните договори на државата не се круцијални за оценката делумна вистина.

Она што не го кажува Ванковска е дека со раскинувањето на договорите не решаваме, туку отвораме стари или создаваме нови проблеми. На пример, со Бугарија ќе треба одново да се преговара за нов договор, а прашање е дали ќе се постигне решение, со оглед на веќе големите разлики меѓу двете земји што настанаа особено од 2019 година, поради инсистирањата на официјална Софија на т.н. историски и идентитетски прашања, говор на омраза и правата на Бугарите во С.Македонија. Ванковска, исто така, не спомена дека со раскинувањето на Спогодбата со Грција се враќа проблемот со името во ООН, се проблематизираат односите на државата во тековната фаза во Европската унија, а ќе се проблематизира позицијата на државата во сите други меѓународни организации, со оглед на враќање на старите антагонизми на највисок тон. Без оглед дали според меѓународните правни норми, правото и правдината се на наша страна или не.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...