Зад и над сите сомнежи и евентуални релативизирања на Преспанскиот договор, тој е недвојбено признат од практично целата светска заедница и посочуван како пример кој треба да се следи од земјите кои имаат проблеми со соседите. Никому, засега, не му успева да го повтори тој чекор, иако меѓусоседски проблеми има многу, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.

Две години од потпишувањето на Преспанскиот договор, акт кој е историски и чие создавање, но и потоа, чие восприемање кај јавноста на двете страни на границите беше ставено во големо искушение, пред сѐ, за позициите на оние во чии раце беше пенкалото во селото Нивице, на брегот на Преспанското Езеро.

Истражувањето на „Вима“ од почетокот на 2019 година  покажа дека „мнозинството Грци се против договорот“. Во пренeсениот текст кај нас стои дека дури 69 отсто од Грците се против договорот од Преспа, според тамошното, тогаш свежо испитување на јавното мислење. Истовремено, 71 отсто од испитаниците во анкетата изјавиле дека Македонија нема да ја викаат Северна Македонија или ПЈРМ, туку само Скопје, по главниот град на државата, наведуваат светските агенции.

Референдумот, со кој нашето население требаше да се изјасни по ова прашање во септември 2018 година, мина во атмосфера на организиран бојкот на опозицијата. Сите знаеме низ какви „Танталови маки“ мина изгласувањето на уставните промени, кои беа од големо значење за усвојување на договорот во македонскиот Парламент.

Не беше помалку драматично ни во Атина, кога Владата на тогашниот премиер Алексис Ципрас помина низ „иглени уши“ во однос на прашањето дали договорот ќе биде прифатен од грчкиот Парламент. Но, затоа Ципрас, модерниот европски политичар и левичар ги изгуби редовните избори, иако ја спаси својата земја од најтешкиот товар која таа го имаше со долговите кон западните кредитори!

Во сите други слични ситуации кај нас, како што беа претседателските избори во земјава, се виде дека владејачкото мнозинство не е комотно и треба да се бори за секој глас, пред сѐ, затоа што некои пароли со својата едноставност и засновани на лажен патриотизам многу лесно минуваат, многу се попропулзивни во однос на ситуацијата на откочување на земјата и приклучување кон историските процеси од кои со децении беше изземена.

КОИ СЕ ПОЛИТИЧКИТЕ ПРИДОБИВКИ ЗА МАКЕДОНИЈА ОД ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА?

Како најголема придобивка, која потписниците на Договорот од Преспа ја наведуваат и како главна причина за неговото креирање, е отворањето на патот за евроатлантските интеграции на Македонија, односно членството во НАТО и во ЕУ, кој токму поради наметнатиот спор за името беше блокиран од страна на Грција, речиси 28 години.

Членството во НАТО и почетокот на преговорите за влез во ЕУ, според одредени аналитичари, би требало да ѝ донесат на земјата поголеми безбедносни гаранции, да отворат и одредени економски перспективи и развој, а во самата спогодба од Преспа е предвидено интензивирање и збогатување на соработката меѓу двете земји.

Според пишувањата и коментарите на домашната стручна јавност, првите ефекти од договорот со Преспа настанаа токму на 6 феврури 2019 година во Брисел, кога амбасадорите на земјите-членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на нашата земја во членството со новото уставно име Република Северна Македонија. Со овој чин, 29-те земји-членки ја изразија својата согласност земјава да стане дел од системот и процедурите на НАТО и да учествува во работата на телата на Алијансата како поканета земја-членка без право на глас.

Веднаш по согласноста за Протоколот за пристапување во членство на нашата земја во НАТО, започна процесот за негова ратификација во парламентите на секоја од земјите-членки на Алијансата. Грција прва го ратификуваше Протоколот (на 7 февруари минатата година), по што Договорот од Преспа стапува во сила и уставните амандмани влегуваат во сила. Сепак, до полноправното членство во НАТО стигнавме. Не сосема без нервоза, откако заврши процесот за ратификација на протоколот во сите 29 земји-членки, што се случи по многуте перипетии околу составувањето на шпанскиот Парламент и неговото позитивно изјаснување.

Што се однесува до членството во ЕУ, и покрај Договорот од Преспа, надежите беа во 2019 година да добиеме  датум за почеток на преговорите за членство. Ова не се случи, пред сѐ, заради противењето на францускиот претседател, Емануел Макрон, кој бараше реконструирање на Унијата по многу сегменти. Еден од нив беше и приемот на нови членки, кој требаше да се одложи без одредување на рок. Северна Македонија и Албанија се најдоа измамени, стоејќи на целната црта.

Како што се ближеше и есента 2019 година датумот беше неопределен, ама видливо беше дека притисокот на голем број моќни земји во ЕУ донекаде го скршија отпорот на Франција кон прием на нови членки.

Европскиот совет одлуката за отворање на преговорите  со Унијата ја донесе на 25 март оваа година, а деновиве, на први јули, Европската комисија ја усвои Предлог-преговарачката рамка за земјата.

Сепак, во изјавите на голем број аналитичари и авторитети од дома и од странство постојано се нагласува дека Договорот од Преспа е само еден услов за добивање датум за почеток на преговори, при што се потсетува на реформските задачи кои треба да ги исполни земјата.

Важно е да не се заборави дека добрососедските односи се предуслов за интеграција и членство во ЕУ и во НАТО. Ние знаеме дека Преспа беше компромис, имаше тешки преговори кои подразбираа отстапки од двете страни. Но, она што Преспа го направи е што конечно го откочи патот за Северна Македонија да стане НАТО-сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Уште поважно, ѝ помогна на Северна Македонија да се придвижи напред од позиција на стагнација каде не можеше да се развива политички, економски со иста брзина како многу од своите соседи, во смисла на ЕУ интеграцијата. Затоа мислам дека е многу важно да се има на ум дека не само што ЕУ го препознава значењето на одржувањето добри односи со соседите како дел од изгледите на Северна Македонија за ЕУ, туку навистина се работи за иднината на оваа земја, за тоа дали лидерите ќе можат да обезбедат таков економски раст и можности, работни места, трговија, странски инвестиции, какви што би сакале да се реализираат. Многу е важно да не се загрозува оваа извонредна трансформација која се случува. Дури и магазинот ,Економист’ на крајот на годината ја издвои Северна Македонија како најтрансформирана земја во 2019 година, главно поради решавањето на отворените прашања со соседите. Да се заштити таа трансформација, да се продолжи движење напред и да не се загрозат сите овие достигнувања со гледање наназад е нешто што се надеваме дека луѓето ќе го сфатат многу сериозно – изјави американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз.

Американската амбасадорка смета дека дополнителен придонес за забрзување на интеграцијата на земјата ќе даде усвојувањето на некои закони како што е Законот за ЈО и засилената борба против корупцијата.

Во меѓувреме дојде и до закажување на вонредни парламентарни избори за 12 април 2020 г., кои потоа се одложија поради пандемијата со коронавирусот, па по многу договарања меѓу власта и опозицијата тие треба да се одржат на 15 јули годинава.