ДВ: Преспанскиот договор е новата реалност и за ВМРО-ДПМНЕ тоа е завршена работа?

Фото: Ванчо Џамбаски

Во изјава за Дојче веле, повеќе партиски функционери навестуваат дека новите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитуваат Преспанскиот договор со кој уставното име на земјата се промени во Република Северна Македонија.

Како што објави Дојче веле во текст со наслов „Дали ВМРО-ДПМНЕ на мала врата го ‘проголта’ Преспанскиот договор?“, двајца функционери на опозициската партија посочиле дека за ВМРО-ДПМНЕ Преспанскиот договор е завршена работа, односно дека тоа е новата реалност.

Во текстот се вели дека „висок партиски функционер на опозицијата е дециден дека Преспанскиот договор за ВМРО-ДПМНЕ е завршена работа“.

Во изјава за Дојче веле, Димче Арсов од ВМРО-ДПМНЕ вели: „Преспанскиот договор е новата реалност која ја донесе Заев. Дали таа реалност ни се допаѓа? Одговорот е не, не ни се допаѓа“.

Според него, вистинското прашање било дали се случи тоа што го ветувал Заев кога ја донел оваа нова реалност, „дали подобро живееме, дали имаме повеќе пари во џеб, дали имаме европско здравство и образование итн…“.

Германскиот медиум кој објавува содржини на македонски јазик понатаму го цитира Игор Јанушев кој за ТВ24 најави дека новите градоначалници од редовите на опозицијата, тогаш кога мораат, ќе потпишуваат документи со името Република Северна Македонија.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не е променет. Градоначалниците ќе потпишуваат документи каде што нема да биде возможно потпишување без придавката, но ќе има простор како што ќе може да покажат пркос“, вели Јанушев.

Инаку, Министерството за надворешни работи (МНР) денеска јавно реагираше на некористењето на уставното име на конститутивните седници на Советите на општина Штип и општина Аеродром, односно при потпишувањето на свечената изјава од страна на новоизбраните советници.