Преспанскиот договор уредува кодот за нашата земја на регистарските таблички на возилата да биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО). Затоа, патните исправи кои содржат Северна Македонија и код МКД се валидни и нема никаков проблем со нивното користење и важност, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
И СЕВЕРНИТЕ ДОКУМЕНТИ НЕМА ДА ВАЖАТ. Грчката држава издаде јавно соопштение до сите членки на ЕУ и соседните земји на “Нашата земја”, дека патните исправи на Република Северна нема да важат без разлика што се со променет назив и го содржат новото име! Имено северните документи нема да важат затоа што ги носат назнаките МК и МКД, а Грците инсистирале дека мора да имаме нова кратенка за меѓународна употреба НМК. Советот на ЕУ го уважил барањето на Грција?! Значи овие Русиве многу гадни се покажаа, не растурија, од позиција на сила ја уништуваат демократијата која владее во ЕУ. И нема да застанат со ова? Кога ќе завршат со нас, ќе им го променат идентитетот на Пољаците, Финците и Литванците…Секоја среќа што барем нас малите има кој да не заштити! #WeAreNATO
Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).
Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно, напишаа од Министерството за внатрешни работи во соопштение.
Македонската информативна агенција (МИА) објави дека на 13 февруари, „грчките погранични служби на граничниот премин Богородица-Евзони не им дозволиле влез на патници од нашата држава, кои имале сообраќајни дозволи со старото име на државата“.
Тие биле вратени, а покрај сообраќајните дозволи детално ги прегледувале и останатите патни исправи. На овој граничен премин до 12 часот поминале околу 300 патници и нема поголеми задржувања за поминување на границата, објави МИА.
Значи, доколку граѓаните на Република Северна Македонија имаат пасош со новото име на државата, во него кодот е МКД и тоа се смета за нов пасош за кој без проблем може да се влезе во која било држава. Не е вистина дека патните исправи на Република Северна Македонија нема да важат ако се со променет назив и го содржат новото име. Тие се важечки и ги содржат ознаките МК и МКД согласно Преспанскиот договор во кој е наведено дека кодот на земјата останува МК или МКД освен за регистарските таблички. Не постои ниту едно известување од грчка страна или од страна на Советот на ЕУ во кој се вели дека „уважиле барање на Грција да има нова кратенка за меѓународна употреба НМК“. МНР извести дека од грчка страна добиле уверување дека кодот МКД на новите сообраќајни дозволи не е проблем.
Објавата, исто така, на крајот на индиректен начин ја обвинува ЕУ за менување на идентитетот, со ироничен наратив кој е проруски. Ова е направено неосновано, базирано на комплетно невистинита информација.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.