fbpx

Не е точно дека личните документи треба да бидат со новото име, откако ќе почнеме преговори со ЕУ

Граѓаните, согласно Договорот од Преспа, требаше да ги сменат личните документи со новото име на државата до 12 февруари 2024 година. Овој датум произлегува од Договорот кој го потпишаа С. Македонија и Грција

-

Граѓаните, согласно Договорот од Преспа, требаше да ги сменат личните документи со новото име на државата до 12 февруари 2024 година. Овој датум произлегува од Договорот кој го потпишаа С. Македонија и Грција. Покрај пасошот, граѓаните треба да ги сменат и личните карти и возачките дозволи (чијашто важност за внатрешна употреба е продолжена до крајот на годинава), бидејќи тие можат да се користат надвор од државата и се опфатени со техничкиот период наведен во Договорот кој почнува пет години од неговото стапување во сила, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која во описот користи недоличен говор и споделува фотографија од напис со наслов:

Според Преспанскиот Договор, личните документи треба да бидат „северни“ откако ќе почнеме преговори со ЕУ

Написот  е објавен на порталот Република од 16.08.2023 година.

Тврдењето дека личните документи требале да се сменат со новото име Северна Македонија, откако државата ќе почне преговори со ЕУ, не е точно.

Имено, написот кој го споделува објавата,  се повикува на членот 10 од Договорот од Преспа, меѓутоа  погрешно го интерпретира.

Maкедонија на никој начин не е принудена личните документи на граѓаните да ги промени до февруари следната година. Договорот од Преспа јасно предвидува дека промената на личните документи треба да го следи отворањето на поглавјата со ЕУ и тоа да заврши пет години оттогаш, се наведува на почетокот од текстот.

Понатаму, текстот го цитира членот 10 од Договорот од Преспа и наведува дека во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“.

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во членот 1, став 3 од оваа Спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа Спогодба. б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш, стои во написот.

Точно е дека во членот 10 од Договорот од Преспа кој се однесува на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од македонските власти, наведени се два преодни периода, „технички“ и „политички“, но тие се погрешно интерпретирани во написот споделен во објавата што ја анализираме.

Според тоа, датумот 12 февруари е измислен од Владата и на никој начин не е поврзан од неопходноста за промена на личните документи-пасоши и лични карти со новото уставно име. Уште помалку тоа треба да се врзува со учество на избори, бидејќи документите се важечки и личната карта е исклучива за внатрешна употреба како и што е наведено во Договорот од Преспа, пишува во написот.

Но, ваквото објаснување не кореспондира со она што е наведено во Договорот. Имено, менувањето на личните документи со новото име на државата, не е поврзано со отворањето на поглавјата со Европската Унија. Во членот 10 од Договорот од Преспа јасно стои: „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во членот 1, став 3 од оваа Спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа Спогодба.

Значи оваа одредба се однесува на документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата, а такви документи се личната карта, пасошот и возачката дозвола. Тие треба да се сменат во рок од пет години од влегување на сила на Договорот. Имајќи предвид дека Договорот стапи во сила во февруари 2019 година, документите требаше да се променат до 12 февруари 2024 година.

Личната карта и возачката дозвола се менуваат затоа што тие се документи за внатрешна употреба, но можат да се користат и надвор од државата. Граѓаните на Северна Македонија со лична карта можат да патуваат во Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Што се однесува до македонската возачка дозвола таа е важечка во неколку земји, односно, според склучените договори имаат важност во некои европски земји каде се признаени и тие се јасно наведени на веб-страницата на МВР.

Политичкиот период од  Договорот од Преспа се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Македонија и тој зависи од отворањето и затворањето на преговорите со ЕУ.

Вреди да се спомене дека во меѓувреме личните карти без „Северна“ како лични документи коишто се за внатрешна употреба, продолжија да важат и по 12 февруари. Исто така и возачките дозволи без „Северна“ ќе важат до крајот на годинава. Собранието на 12 февруари, едногласно со 89 гласа „за“ и едногласно според Бадентеровиот принцип, ги донесе измените на Законот за безбедност во сообраќајот. Според предлогот што беше потпишан од повеќе пратеници како предлагачи, возачките дозволи со старото име на државата сега имаат важност до 31 декември годинава, а не како што е наведено во законот донесен во 2021 година, според кој, овие документи беа со важност до 12 февруари.

Граѓаните, согласно Договорот од Преспа, требаше да ги сменат личните документи со новото име на државата до 12 февруари 2024 година. Овој датум произлегува од Договорот кој го потпишаа С. Македонија и Грција. Покрај пасошот, граѓаните треба да ги сменат и личните карти и возачките дозволи (чијашто важност за внатрешна употреба е продолжена до крајот на годинава), бидејќи тие можат да се користат надвор од државата и се опфатени со техничкиот период наведен во Договорот кој почнува пет години од неговото стапување во сила. Тврдењето дека личните документи треба да се сменат со новото име Северна Македонија, откако државата ќе почне преговори со ЕУ, не е точно.

Според тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...