!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Борисов предупреди дека е можен терористички напад по немирите во бегалскиот камп


Софија, 25 ноември, 2016 - 15:48 (META) 

Состојбата во бегалскиот камп во Харманли на југот на Бугарија се нормализира по безредијата и немирите, кои избувнаа вчера и продолжија во текот на ноќта. Повеќе од 400 мигранти се задржани во притвор поради вандалско однесување, а во нередите се повредени 24 полицајци, од кои најтешко настраданиот има скршеница на раката.

Од Министерството за внатрешни работи на Бугарија соопштија дека се формирани две предсудски постапки за лицата кои учествувале во нередите.

Бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов, кој ноќеска за време на немирите пристигна во бегалскиот камп, соопшти дека против сите што учествувале во безредијата ќе бидат поднесени обвиненија.

Тој повика и предупреди да се внимава на повиците за напади и на она што се објавува на социјалните мрежи бидејќи вакви настани вообичаено се проследени со терористички напади.

„Обично, онаму каде што има зголемување на насилствата, секогаш има и терористички акт, секогаш се активираат ќелиите со спијачи… Мрежите на Исламска држава многу внимателно го следат „Фејсбук“ и она што излегува во медиумите. Таквите, кои се прават големи херои, треба да знаат дека со вакво поведение можат да изложат на ризик огромен дел од населението“, изјави премиерот во оставка.

Претседателката на Агенцијата за бегалци, Петја Прванова, истакна дека најверојатно постои поврзаност меѓу мигрантските протести во Бугарија со оние во камповите во другите европски земји.

„Кога се запали кампот во Кале (Франција), инциденти имаше и во Харманли, кога имаше инцидент во Германија, имаше и тука. Вчера се запали камп на островот Лезбос, сега и тука. Очигледно има врска меѓу овие настани“, изјави Прванова за БТВ.

Немирите во кампот во Харманли биле предизвикани главно од мигранти од Авганистан.

„Групи Авганистанци тепаа Сиријци, за да излезат да се бунтуваат“, изјави Борисов.

Според него, постои можност бунтот да е организиран од надвор. Како аргумент за ова, тој го посочи фактот дека самите мигранти преку мобилни телефони пуштале снимки на социјалните мрежи.

Во декември треба да почне екстрадицијата, односно враќањето назад во нивната земја, на мигрантите од Авганистан. Како што соопшти Борисов, веќе бил нарачан авион од Кабул, а летот е организиран од бугарските власти во координација со Европската агенција за гранична и крајбрежна заштита.

По нередите, кампот во Хармални е целосно оштетен. Нанесена е сериозна материјална штета, а според зборовите на Борисов, не е останат ниту еден здрав прозорец.

Во моментов во центарот во Хармални има околу 2.700 лица, кои се разделени и групирани според нивната националост за да не дојде до нови судири. Во кампот има околу 600 деца и од 400 до 500 жени, кои, како што соопшти Прванова, се сместени на безбедно.


Жестоки судири меѓу полицијата и анархистите во Атина


Атина, 18 ноември, 2016 - 9:11 (META) 

Полицијата уапси 13 лица и приведе петмина во синоќешните немири во Атина, на протестот за одбележувањето на годишнината од Политехнио, бунтот против воената хунта во 70-тите години на минатиот век. Атинската бунтовна населба Ексархија со часови наликуваше на воено поле поради постојаните судири меѓу групи анархисти и полицијата.

Анархистите со часови напаѓааа со молотови коктели, камења, па дури фрлаа и столови, а полицијата одговараше со солзавец и со шок-бомби. Цела вечер владееше хаос, на моменти ситуацијата изгледаше како да е надвор од контролата на полицијата, а дел од полициските припадници во еден момент дури и беа принудени да бегаат од група анархисти, кои ги бркаа низ улиците на Ексархија.

Анархистите, според информациите, еден ден претходно го окупирале просторот на Политехничкиот факултет, кој е симбол на бунтот против воената хунта и од каде со студентски протест почна бунтот во 1973 година, складирајќи ја целата своја „муниција“ и блокирајќи го просторот околу факултетот за полицијата да не може воопшто да им се приближи.

Доцна вечерта, за да стави крај на судирите, полицијата даде наредба новинарите и фоторепортерите да си заминат од просторот. Судирите завршија нешто пред 2 часот утрото по локално време. Во инцидентите е причинета голема материјална штета на просторот околу факултетот, а уништен е и дел од инвентарот од факултетот.

Освен во Атина, немири имаше и во Солун, Јанина и во Волос.


Бунт и пожар во бегалскиот центар на Лезбос


Атина, 24 октомври, 2016 - 14:34 (META) 

Бавната процедура за азил во Грција предизвика нови немири во бегалскиот камп Морија на Лезбос. Група од стотина бегалци, главно од Пакистан, подметнаа пожар во дел од кампот, во кој целосно се уништени осум од вкупно 12 контејнери на Европската служба за азил.

Во кампот владее хаос и паника, пожарникарските служби се обидуваат да го стават пожарот под контрола, а присутни се и специјалните полициски сили во обид да воспостават ред во бегалскиот центар.

Вработените во службата за азил, според информациите во Грција, го напуштиле кампот кога почнал бунтот на бегалците. Нивните канцеларии, сместени во контејнери во кампот, потоа се нашле на мета на групата мигранти од Пакистан, кои почнале да ги вандализираат и да ги палат.

Бунтот на бегалците се должи на нивниот гнев и незадоволство од бавното разгледување на барањата за азил, што значи дека уште долг период ќе мора да останат заглавени во камповите во неизвесност што и како ќе се случува со нив.

Минатата недела од исти причини, разочараност што службата за азил разгледува само по пет барања дневно, бунт почнаа и бегалците во центарот во Хиос. Тие го блокираа влезот во кампот и не им дозволуваа ниту на вработените, ниту на полицијата да влезат во центарот.


Бунт на мигрантите во Мадрид


Мадрид, 19 октомври, 2016 - 13:04 (META) 

Во притворски центар за странци во Мадрид избил бунт на мигранти. Десетина мигранти се качиле на покривот од зградата, соопштија градските власти, додавајќи дека полицијата се обидува да преговара со нив.
– Не го знаеме точниот број, но има 30 или 40 – рече портпаролката на градоначалникот на Мадрид, Мануела Кармена, додавајќи дека никој во бунтот не е повреден.

Во утринските часови мигрантите се собрале пред центарот извикувајќи „Слобода, слобода“, додека петнаесетина и понатаму се на покривот и покрај поројниот дожд.

Шпанскиот весник „Паис“ наведува дека мигрантите првин ги онеспособиле безбедносните камери во зградата и го искршиле мебелот.

Одредени организации за човекови права повикуваат на затворање на ваквите притворски центри во Шпанија поради лошите услови.

Во центрите најчесто се сместени странски државјани кои немаат дозвола за престој.


Гватемала: Осум загинати во бунт во затвор


Гватемала, 2 јануари, 2016 - 12:38 (META) 

Најмалку осум затвореници загинаа, а 24 се повредени во бунт во затвор во Гватемала, кој избил за време на новогодишната ноќ, јавуваат денеска локалните медиуми.

Бунтот во затворот во североисточниот град Пуерто Бариос, според затворските власти, најверојатно избил по неуспешниот обид за бегство.

Во затворот, во кој е предвидено да се сместат 146 осуденици, има 944 затвореници. За време на бунтот избиле и неколку пожари.


Бунт на мигрантите во прифатниот центар во Гази Баба


Скопје, 10 јуни, 2015 - 19:53 (META) 

Мигрантите сместени во прифатниот центар во скопската населба Гази Баба, денеска попладне кренале бунт, јавува „Нова ТВ“.

Информацијата за порталот ја потврдиле и од Министерството за внатрешни работи (МВР), но не соопштиле детали за тоа што преземаат и дали ситуацијата е смирена.

– Мигрантите бараат да бидат префрени во Центарот за азил во Визбегово, но мора да се почитуваат процедурите. Ние се трудиме максимално, но процедурите се такви – изјавила кратко за „Нова ТВ“, Деана Недељковиќ, советничка за односи со јавноста во МВР.

Народниот правобранител, Иџет Мемети, најавил дека уште попладне стручно лице од институцијата ќе го посети Центарот за мигранти во Гази Баба за да види што се случува таму и да отвори предмет, а утре екипа од Народниот правобранител детално ќе истражува што го предизвикало бунтот на бегалците.

„Утре ќе испратиме цела екипа, но случај ќе отвориме уште денеска. Имаме информации дека нешто се случува таму“, изјавил Мемети за „Нова ТВ“.

Народниот правобранител Мемети истакнал дека уште во 2012 година ги воочиле и регистрирале сите проблеми со кои се соочуваат мигрантите, од законските процедури, до лошите услови во прифатниот центар.