Пригожин им нареди на своите сили да се вратат во своите бази

Руските државни медиуми јавуваат дека разговорот меѓу Пригожин и Лукашенко бил договорен со Путин. Договорено било да се најде „прифатлива варијанта за деескалација на ситуацијата со безбедносни гаранции за борците на Вагнер“

Владимир Путин и Евгениј Пригожин во 2010 година. Фото: Влада на Руската Федерација, CC BY 3.0, Викимедија комонс

Лидерот на руската платеничка војска Вагнер, Евгениј Пригожин им нареди на своите борци да го сопрат движењето кон Москва и да се вратат назад во своите бази, јавува Би-би-си. Пригожин разговарал со белорускиот претседател Александар Лукашенко, а за време на разговорот тој се согласил да го сопре движењето на своите сили и да ја деескалира ситуацијата.

Руските државни медиуми јавуваат дека разговорот меѓу Пригожин и Лукашенко бил договорен со Путин. Договорено било да се најде „прифатлива варијанта за деескалација на ситуацијата со безбедносни гаранции за борците на Вагнер“.

Платеничката војска Вагнер има околу 25.000 борци, додека регуларната руска војска брои околу 800.000 војници. И покрај ова, силите на Вагнер изминатава ноќ успеаја за само неколку часа да ја преминат украинско-руската граница и да навлезат на руска територија, а потоа и да воспостават контрола над милионскиот град Ростов-на-Дон на југот на Русија. Конвој од борците на Вагнер се упати кон Москва во текот на денешниот ден, минувајќи ги областите Вороњеж и Липецк на стотици километри северно од Ростов-на-Дон.

Инаку, Пригожин ја обвини руската војска дека извршила смртоносен ракетен напад врз војниците на Вагнер што се наоѓаат во Украина, нешто што руското Министерство за одбрана го негираше. Пригожин претходно во текот на денов објави дека неговите сили ќе се упатат кон Москва доколку министерот за одбрана Сергеј Шојгу и генералот Валериј Герасимов не се сретнат со него.