Откажани настани и совет до граѓаните да останат дома – Москва го чека Вагнер

Со прогласениот режим во Москва, властите имаат можност да го ограничат движењето на луѓето и транспортот, да ги ограничат или следат комуникациите, да вршат претрес на возила и луѓе и да евакуираат население

Фото: Artem Beliaikin on Unsplash

Сите масовни настани закажани до 1 јули се откажани во Москва, понеделник е прогласен за неработен ден, а градоначалникот Сергеј Собјанин на граѓаните им препорача да се воздржат од патување во рускиот главен град, јавува Би-би-си. Во Москва и Московската област е прогласен „режим на антитерористичка операција“, при што борците од платеничката војска на Вагнер се приближуваат до градот.

Московскиот градоначалник Собјанин предупреди дека дел од патиштата или населби во градот е можно да бидат затворени за сообраќај. Со прогласениот режим во Москва, властите имаат можност да го ограничат движењето на луѓето и транспортот, да ги ограничат или следат комуникациите, да вршат претрес на возила и луѓе и да евакуираат население.

Би-би-си го верификуваше за точно попладневното видео објавено од мост блокиран со камиони, лоциран на околу 100 километри јужно од Москва. Борците на Вагнер и вечерва го држат под контрола јужниот град Ростов-на-Дон, којшто го зазедоа уште во текот на утринските часови.

Во Ростов-на-Дон е затворена меѓуградската автобуска станица, а на железничката станица владее хаос, поради тоа што огромен број на луѓе сакаат да го напуштат градот. Снимките покажуваат и паркирани тенкови во парковите, како и војници на Вагнер коишто шетаат низ градот.

Руската новинска агенција РИА Новости вечерва јавува за истрели од огнено оружје во реонот на седиштето на Јужниот воен округ на руската армија, кое утрово беше заземено од борците на Вагнер.