САД, Франција и Германија ја следат ситуацијата во Русија, Украина вели ова е само почеток

Финскиот претседател Саули Ниинисто за финската новинска агенција СТТ изјави дека циркулираат непотврдени информации за ситуацијата во Русија, додавајќи дека „ситуацијата е нејасна“

Припадници на Вагнер пред зградата на руското Министерство за одбрана во Ростов-на-Дон; Извор: Принтскрин од видео на руската независна телевизија Дожд

САД, Франција и Германија ја следат ситуацијата во Русија откако утрово силите на платеничката војска Вагнер започнаа бунт против руското воено раководство. Францускиот претседател Емануел Макрон „внимателно“ ги следи настаните во Русија, соопштија од неговиот кабинет, пренесува Јуроњуз.

И во Берлин, германската влада соопшти дека „внимателно ги следи настаните во Русија“, не соопштувајќи дополнителни информации.

Си-ен-ен го пренесува ставот на американското раководство предводено од претседателот Џо Бајден, во кое се вели дека внимателно ја следат ситуацијата во Русија откако шефот на платеничката војска Вагнер Евгениј Пригожин вети дека ќе му се одмазди на руското воено раководство поради ракетен напад извршен врз негови војници во Украина.

Финскиот претседател Саули Ниинисто за финската новинска агенција СТТ изјави дека циркулираат непотврдени информации за ситуацијата во Русија, додавајќи дека „ситуацијата е нејасна“.

Осврнувајќи се на саботниот говор на Владимир Путин, Ниинисто рече дека самиот говор ја покажува сериозноста на ситуацијата во Русија. Тој додаде дека случувањата се „внатрешна работа на Русија“, но развојот на настаните внимателно се следи во Финска и во другите земји.

Советникот на украинскиот претседател Володомир Зеленски, Михаило Подољак ја коментираше утрово состојбата во Русија, тврдејќи дека ова е само почеток на она што ќе се случува таму.

Подољак тврди дека силите на Пригожин веќе успеале да го заземат Ростов-на-Дон, неколку автопати во Русија, седиштето на Јужниот воен округ на руската војска. Тој додава дека некој ќе мора да изгуби, или Пригожин за кого ова би било фатален крај или групата околу Владимир Путин и военото раководство, пренесува Укринформ.