Сили на Вагнер се движат во Липецкиот регион меѓу Вороњеж и Москва

Принтскрин од видео на конвој на Вагнер што се движи низ регионот Липецк во правец кон Москва; Видео верификувано од тимот на проферка на факти на Би-би-си (24 јуни 2023)

Гувернерот на Липецкиот регион Игор Артамонов ја потврди информацијата дека сили на платеничката војска Вагнер преместуваат воена опрема во регионот, пишува Би-би-си. Британскиот радиодифузен сервис потврди дека конвој на Вагнер патува низ Липецкиот регион, којшто се наоѓа меѓу Вороњеж и Москва, односно се приближува до рускиот главен град.

Артамонов напишал дека руските служби за спроведување на законот ги преземаат сите неопходни мерки за да се осигура безбедноста на населението и им препорача на жителите да не ги напуштаат своите домови и да избегнуваат да патуваат на било кој начин.

Регионот Липецк се наоѓа на само 400 километри јужно од Москва, што укажува на фактот дека платениците на Вагнер продолжуваат со обид да стигнат до рускиот главен град. Засега не е јасно колку припадници на Вагнер се наоѓаат во овој конвој, ниту пак колкав е бројот на платеници од приватната војска на Пригожин што се наоѓаат на локациите во Липецк, Вороњеж и Ростов.

Навлегувањето на силите на Вагнер во Липецкиот регион доаѓа откако претходно неколку воени објекти во регионите Вороњеж и Ростов беа заземени од силите на Евгениј Пригожин. Самиот Пригожин изјави дека неговите сили ја презеле контролата врз милионскиот град Ростов-на-Дон, вклучувајќи го и седиштето на рускиот Јужен воен округ.

Би-би-си веќе информираше дека борците на Вагнер презеле воени објекти и во регионот Вороњеж, а нивните проверувачи на факти ги оценија како вистинити снимките од експлозијата на нафтеното депо во Вороњеж и нападот на руската армија врз конвојот на Вагнер што се случи во регионот Вороњеж. Ниту една страна засега не објавува информации за бројот на загинати и повредени цивили.

Во меѓувреме, Би-би-си ја потврди и автентичноста на видеото објавено утрово од Вагнер, на кое се гледа како Евгениј Пригожин се сретнува со заменик-началникот на руската военоразузнавачка служба Владимир Степанович Алексеев и заменик-министерот за одбрана на Русија, Јунус-Бек Јевкунов.

Вагнер тврди дека состанокот се случил утрово во седиштето на Јужниот воен округ во Ростов-на-Дон, но засега Би-би-си не може да го потврди вистинскиот тајминг на оваа средба.

Инаку, гувернерот на Ростовскиот регион ги повика граѓаните да избегнуваат собири на луѓе во населените места во овој регион и да се држат што е можно подалеку од локациите каде што се наоѓа воена техника.