Немири во Франција: властите ја истражуваат смртта на 27-годишен маж за време на протестите

Обвинителите во вторникот изјавија дека веројатната причина за смртта во Марсеј е силен удар во градите со муницијата за растерување протести што го користела полицијата, но не прецизираа кој пукал или кој го поседувал пиштолот.

Фото: Damien Checoury on Unsplash

Француските обвинители започнуваат истрага во врска со смртта на 27-годишен маж кој бил погоден од муниција за растерување протести за време на немирите во саботата, потврди обвинителството во Марсеј. Како што пренесува Гардијан, човекот починал во саботата вечер, додека Марсеј бил преплавен од насилните протести, но обвинителството вели дека не било возможно да се утврди дали починатиот бил само поминувач или пак учесник во немирите.

Обвинителите во вторникот изјавија дека веројатната причина за смртта во Марсеј е силен удар во градите со муницијата за растерување протести што го користела полицијата, но не прецизираа кој пукал или кој го поседувал пиштолот. Ударот довел до срцев удар и ненадејна смрт.

Речиси цела недела траат немирите низ Франција како последица на убиениот тинејџер со северноафриканско потекло. Убиството го изврши припадник на полицијата за време на рутинска сообраќајна контрола во предградие на Париз.

Најголемиот протест се случи во саботата во Марсеј, каде полицијата употребила солзавец и водела улични битки со младите во текот на ноќта.

Муницијата за растерување протести е дизајнирана да биде несмртоносна алатка за контрола на бунтови која не продира во кожата, но употребата од страна на француската полиција е спорна бидејќи моницијата довела до слепило, повреди на глава и други физички трауми.

Од вторникот бунтовите почнаа да се смируваат, а претседателот Емануел Макрон се сретнал со повеќе од 300 градоначалници чии општини биле допрени од насилството за да ја открие „подлабоката причина” за настаните.

„Дали е ова трајно враќање на мирот? Ќе бидам претпазлив но врвот што го видовме во изминативе денови помина”, изјави Макрон за време на состанокот во Елисејската палата во Париз.