Фото: Исечок од постот

Новинарката и теоретичарка на заговор Линда Мултон Хау во својата приказна има многу недостатоци. Таа не го идентификува изворот на информациите, не го кажува името на фабриката каде што се случил наводниот масакр, ниту пак посочува некое од имињата на научниците кои наводно биле убиени. Иако таа тврди дека извештаите за овој инцидент биле сокриени од Владата, сепак, како што пишува сајтот за проверка на факти Сноупс, веста за убиството или исчезнувањето на 29 врвни научници, не би можела туку така да биде сокриена, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој тврди дека четири роботи контролирани со вештачка интелигенција убиле 29 научници во лабораторија во Јапонија во 2018 година. Ова не е вистина.

Новинарката Линда Мултон вели дека четири роботи контролирани со вештачка интелигенција убиле 29 научници во лабораторија во Јапонија во 2018 година. Во декември истата година, таа ја раскажа приказната на Conscious Life Expo во Лос Анџелес, каде што одржа говор. Медиумите ја обиколија приказната, се вели во објавата.

Постот се повикува на изјава од новинарката и теоретичарка на заговор Линда Мултон Хау. Таа во февруари 2018 година на Conscious Life Expo во Лос Анџелес одржала говор и раскажала приказна според која четири роботи контролирани со вештачка интелигенција убиле 29 научници во лабораторија во Јапонија. Видеото од оваа приказна набрзо почнало да се шири на социјалните мрежи и за кратко време станало вирално. Сега, оваа приказна, четири години подоцна, повторно се актуелизира и се споделува од страна на теоретичарите на заговор.

Презентацијата на Хау главно била за опасностите од вештачката интелигенција, но, исто така, била испреплетена со приказни за средби со вонземјани, киднапирања и алтернативни димензии. Приказната за роботите кои убиле 29 научници, Хау наводно ја слушнала од поранешен маринец кој работел со договор за владини агенции како што се ЦИА, НСА и ДИА (Агенција за одбрана за разузнавање ).

Оваа информација, сајтот за проверка на фактите Сноупс ја има дебанкирано уште во 2018 година.

Во саботата на 26 август 2017 година, не многу одамна, добив телефонски повик од свиркач во светот на Интел што го познавам околу година и половина. Тој е почесно отпуштен маринец, но продолжува да работи на договори со агенциите на ЦИА, НСА, ДИА. Секогаш чувам тетратки низ мојата куќа, мојата канцеларија, мојот автомобил, насекаде за да можам да запишам телефонски повик што не можам да го снимам. Затоа го запишав ова речиси од збор до збор. Во една врвна компанија за роботика во Јапонија оваа недела, четири роботи кои беа развиени за воени апликации убиле 29 луѓе во лабораторија. И тоа го направија со пукање со метални куршуми. Најстрашното е што лабораториските работници деактивираа два од роботите, го разделија третиот, но четвртиот почна да се обновува и некако се поврза со сателит што орбитира за да преземе информации и да може да се обнови уште посилно од претходно. И оваа следна реченица, ова е цитат, го запишувам ова. Ова го правам со години. Ова е сериозно срање Линда. но никогаш нема да слушнете за ова во вестите. Компанијата за роботика има премногу да изгуби, а владата сака војници роботи со вештачка интелигенција. Затвори цитат, ја пренесува Сноупс изјавата на Хау.

Хау во својата приказна има многу недостатоци. Таа не го идентификува изворот на информациите, не го кажува името на фабриката каде што се случил наводниот масакр, ниту пак посочува некое од имињата на научниците кои наводно биле убиени. Иако таа тврди дека извештаите за овој инцидент биле сокриени од Владата, сепак, како што пишува Сноупс, веста за убиството или исчезнувањето на 29 врвни научници, не би можела туку така да биде сокриена. Сноупс не успеал да најде никакви извештаи на оваа тема.

Хау ја раскажала оваа приказна уште еднаш, во интервју за Мистериозното радио на „Конференцијата за НЛО на планината Озарк“, но овојпат рекла дека нејзиниот извор од маринците комуницирал со неа само преку кратки пораки или телефонски повици од 30 секунди, бидејќи неговиот телефон бил прислушуван. Таа овојпат не тврдела дека има рачно напишани белешки од разговорите со маринецот кој овојпат не бил сведок на масакрот, како во првиот случај, туку пренесувал информации до кои наводно дошол за време на неговата работа.

Според оваа нејзина изјава, може да се каже дека врдењето дека 29 научници биле убиени од роботи со вештачка интелигенција во Јапонија се заснова на информации од трета рака кои не се поткрепени со никакви докази.

Имајќи предвид дека не постои никаква официјална потврда за ваков инцидент, ниту пак ваква вест е објавена во некој медиум, туку таа исклучиво се базира на изјава на новинарка која пак се повикува на анонимни и сомнителни извори, може да се заклучи дека приказната дека четири роботи убиле 29 научници е неточна. Според тоа, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.