!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вчера на Блаце фатен еден тон марихуана – најголема заплена досега


Скопје, 1 ноември, 2017 - 17:05 (META) 

Екипите на Царинската управа вчера заплениле околу еден тон марихуана, чија вредност се проценува на околу четири милиони евра, соопшти денеска директорот на Царината, Ѓоко Танаскоски, кој заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го посетија граничниот премин Блаце, каде беше запленета дрогата.

Станува збор за најголемо количество на запленета дрога во еден случај.

Марихуаната била пронајдена во товарно возило, кое било товарено во Косово, а крајната дестинација му била Турција, каде, според информациите на Царината и на полицијата, требало да заврши и марихуаната.

Возачот на камионот успеал да побегне откако вчера царинските службеници го известиле дека ќе извршат детален преглед на камионот и на товарот.

– По консултација со јавен обвинител, направен е детален преглед на полуприколката, која била товарена во Република Косово со отпадна хартија наменета за Република Турција. При прегледот, со отстранување на неколку бали хартија, во средишниот дел на приколката пронајдени се вкупно 839 пакувања завиткани во проѕирна најлонска фолија со различна тежина. Тие биле наполнети со растителна материја со зеленкаста боја, за која на тестер на дрога се покажа дека се работи за наркотична дрога, марихуана – изјави директорот на Царинската управа.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакна дека запленетата дрога покажува дека Владата и МВР се решителни во справувањето со криминалот и со корупцијата.


Запленети 16 килограми марихуана на Блаце


Скопје, 31 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

Двајца скопјани добија кривични пријави за трговија со дрога, поради обид во земјава да внесат речиси 16 килограми марихуана.

Тие на 28 октомври, на граничниот премин Блаце, се пријавиле за влез во Македонија од Косово. При прегледот на автомобилот „шкода октавија“ со кој патувале биле најдени 22 пакувања, односно 15 килограми и 725 грама марихуана.

Шверцерите рекле дека дрогата ја презеле од Косово и била наменета за Скопје, а тие требало само да ја транспортираат. За тоа им биле ветени 7.500 евра.

Вредноста на дрогата, при улична продажба на црниот нарко-пазар, се проценува на околу 80.000 евра.


На „Блаце“ запленети 22 килограми марихуана


Скопје, 15 август, 2017 - 13:06 (META) 

Вкупно 22 килограми марихуана скриени во џип биле откриени од цариниците на граничниот премин „Блаце“ завчера вечерта, соопшти Царинската управа на Република Македонија.

Околу 18.30 часот во неделата за влез во државата на граничниот премин „Блаце“ бил пријавен спортски теренец со бугарски таблички, управуван од бугарски државјанин, жител на селото Белаковец, Бугарија. Возачот рекол дека нема ништо за царинење, но цариниците го ставиле автомобилот на детална контрола, по што бил откриен специјално направен бункер по целата должина на левата и десната страна од подот. Во левиот дел од бункерот биле пронајдени 12 паковки а во десниот дел биле пронајдени уште 13 паковки со непозната зеленкаста тревкаста материја, за која по извршената проверка со тестер за дрога се утврдило дека е марихуана. Вкупната маса изнесувала околу 22 килограми.

Во разговорот со возачот било утврдено дека тој со косовски државјанин се договорил за надомест од 3.000 евра да ја превезе дрогата до Западна Европа.


На Блаце откриени 68,5 килограми марихуана


Скопје, 7 јануари, 2017 - 12:38 (META) 

Царинските инспектори завчера на граничниот премин Блаце пронашле околу 68,5 килограми марихуана при контрола на комбе во специјално направен бункер, соопшти денеска Царинската управа.

„Инспекторите завчера околу 22:30 часот на Блаце запреле комбинирано комбе (патничко-товарно) со хрватски регистарски ознаки, управувано од Б.К., хрватски државјанин. При преглед на возилото со царинско куче и рачен скенер, помеѓу задните седишта и делот наменет за товар, бил пронајден специјално направен бункер. Во бункерот биле сместени 39 опаковки со различна големина обвиткани со стреч фолија исполнети со марихуана со вкупна тежина од околу 68,5 килограми“, стопи во соопштението.

Од Царинската управа соопштуваат дека осомничениот Б.К. изјавил дека дрогата ја набавил од лице од Р. Албанија со намера да ја транспортира преку Македонија со крајна дестинација Германија, а за пренесувањето на марихуаната требал да добие парична награда. Цената на западноевропскиот пазар за каде била наменета запленетата марихуана се проценува на 200.000 евра, додека во малопродажба може да биде и двојно поголема.

Против сторителот, Царинската управа ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство, а сторителот ќе биде изведен пред надлежен судија на претходна постапка.


Одлуката за патување во Косово со лични карти стапи на сила


Скопје, 17 април, 2016 - 12:36 (META) 

Меѓудржавната спогодба на владите на Македонија и на Косово за условите за патување на државјаните на двете земји со лични карти, од денеска официјално стапи на сила.

Почетокот на одлуката денеска го означија македонскиот заменик-министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, дополнителниот заменик-министер, Митко Чавков, кои на граничниот премин Блаце се сретнаа со заменик-министерот за внатрешни работи на Косово, Валдет Хоџа.

За граѓаните на Македонија и на Косово да ја поминуваат границата со биометриски лични карти, беше договорено од страна на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи на Косово, Хашим Тачи, на средбата во Приштина на 8 февруари.


Сообраќајот кон Блаце е во прекин


Скопје, 1 мај, 2015 - 12:29 (META) 

Од 10 часот утринава, во прекин е сообраќајот во двата правци на магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце, поради сообраќајна несреќа во селото Визбегово, информираат од АМСМ.

Во сообраќајната несреќа учествувале камион „мерцедес“ и патничко возило „голф“, при што биле повредени четворица патници.

Сообраќајот се пренасочува.


Отворање контакт-центар на граничните полиции на Македонија и на Косово


Скопје, 23 јануари, 2015 - 9:59 (META) 

Министерката за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкуловска, денеска на граничниот премин Долно Блаце, заедно со својот косовски колега, Скендер Исени, ќе го отвори новиот заеднички контакт-центар на граничните полиции на двете земји.

На промовирањето на контакт-центарот ќе присуствува и амбасадорот на ОБСЕ во Република Македонија, Ралф Брет.