Внатрешната контрола на МВР работи на случајот со земање 20 евра мито по патник на „Блаце“

Фото: Министерство за внатрешни работи

Одделот за внатрешна контрола во координација со надлежното обвинителство уште од ноќеска интензивно работи на расчистување и санкционирање на случај со земање на мито од страна на полициски службеници на Граничниот премин Блаце, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши за ТВ21 изјави дека е уапсен началник на смена на граничниот премин Блаце, којшто со скриена камера е фатен како бара 20 евра за патници кои влегуваат во Македонија.

Скандалот го откри бизнисмен, кој се занимава со превоз на патници. Тој го обзнани случајот во емисијата „Стоп“ на ТВ Клан за притисокот што му се врши со барање мито за услуга која треба да биде бесплатна.

Случајот на македонскиот граничен премин уследува откако на Косово во изминатиот месец беа извршени апсења на цариници и полицајци на граничен премин кон Албанија.