Заев: 100 компании ќе добијат финансиска помош од 9,2 милиони евра


Скопје, 1 август, 2018 - 16:49 (META) 

Над 100 компании ќе добијат вкупна финансиска помош од 9,2 милиони евра согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите за остварените резултати лани, информираше денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Во овие компании, лани работеле 14.000 вработени и биле отворени нови илјада работни места.

– Прв пат под исти услови домашните и странските компании ќе добиваат државна финансиска поддршка на транспарентен начин за остварените резултати. Сите компании кои аплицира и ги исполнија условите ќе мора да покажат документи и фактури за реализација на инвестицијата за да им биде доделена помошта – рече Заев.

Тој нагласи дека преку помошта што се нуди во трите столба директно во стопанството ќе бидат вратени 70 милиони евра.

На новинарско прашање во врска со ребаланс на буџетот, тој одговори дека „буџетот не покажува индиции за ребаланс“.

Во однос на нискиот процент на реализација на капитални инвестиции додаде дека очекува проектираното ниво да се оствари следните месеци. Премиерот оцени дека направените проектни документации, биле најголема слабост за потфрлањето на капиталните инвестиции.

„Дополнително на тие инвестиции кои што не се бележат со буџетот се патиштата и железничката инфраструктура. Тие се преку јавни претпријатија финансирани надвор од буџетот, а всушност најголем дел од капиталните инвестиции се патишта, железници и гасификација. Понатаму во буџетските рамки каде што ги броиме соопштените 16,5 проценти се во делот на другите видови капитални инвестиции, како изградба на полициски станици, амбуланти, училишта, градинки“, рече Заев.


„Макпетрол“ промовираше апликација за полесно наоѓање на бензинските станици


Скопје, 1 август, 2018 - 13:03 (META) 

Компанијата „Макпетрол“ промовираше апликација „Верна гоу“ (Verna Go) која на граѓаните и туристите ќе им даде сервисни информации за најблиската бензиска станица, услугите кои ги нуди, видовите на гориво кои ги има, цената на горивата и слично.

Таа е достапна за сите корисници на „андроид“ и „иос“, функционира и без користење на интернет, а достапна е на македонски, англиски и албански јазик.

„Со кликнување на една од бензинските станици се добива информација за тоа какви горива истата нуди и информација за дополнителни услуги што ги нуди избраната станица“, изјави Игор Јосифов, инженер-програмер во „Макпетрол“.


Министерството за економија промовираше апликација „Посети ја Македонија“


Скопје, 13 јули, 2018 - 15:51 (META) 

Министерство за економија ја промовираше апликацијата „Посети ја Македонија“ (visitmacedonia). Министерот Крешник Бектеши изјави дека апликацијата ги следи светските трендови за дигитализација и иновации во туристичката промоција, а има за цел да го привлече вниманието на туристите, посебно на транзитните.

„Нивната бројка не е за занемарување, само по Коридорот 10 низ нашата земја транзитираат во просек по 3,5 милиони туристи. Ако им покажеме содржини кои ќе ги привлечат бар малку да скршнат од нивната маршрута и да останат некој ден и во нашата земја, сме добиле многу“, истакна Бектеши на денешната прес-конференција.

Проектното решение го изработи „СИМТ“ и вклучува мобилна, веб-апликација и администраторска конзола на три јазици англиски, македонски и албански.

Целта на мобилната апликација, која е во завршна фаза и веќе може да се симне на „андроид“, а во процес на валидација е за „ајфон“, е да понуди брз пристап кон сите потребни информации за да го направи поудобен и поинтересен престојот на туристот во државата.

„Туристите ќе можат да пристапат до информации за објектите од интерес, од типот на споменици, музеи, ресторани, хотели, природни добра, археолошки наоѓалишта на својот мобилен уред и истите ќе му бидат дадени на располагање преку приказ на детали, слики, GPS координати преставени на интерактивна мапа, со оценки и коментари од останати корисници“, посочи Бектеши.

Во мобилната апликација е содржан и механизам за пребарување низ објектите по разни основи, а истите се организирани од аспект на близината на корисникот, според локацијата на уредот кој го користи. Освен тоа, апликацијата содржи и Планер на патување и Патнички дневник, кој претставува трага од патувањето на корисникот, а нуди можност за споделување на социјалните мрежи. Дневникот е воедно интерактивниот дел на оваа апликација и нешто по што апликацијата на нашата земја  се одделува од вакви слични апликации во светот.

Веб-апликацијата дополнително содржи простор за пријавување на угостителски објекти, културни обележја и сл. Имено, фирмите или други засегнати лица ќе можат да го пријават својот објект за истиот да влезе во системот на апликацијата и на тој начин да се промовира.


Пуштен во употреба првиот аудио-водич за археолошкиот локалитет „Стоби“


Неготино, 13 јули, 2018 - 12:38 (META) 

Националната установа за управување со археолошкиот локалитет „Стоби“, во соработка со софтверската компанија „Г6 солушн“ (G6 Solutions) од Скопје, го изработија првиот аудио-водич за археолошки локалитет во Македонија и истиот е во употреба од 12 јули 2018 година.

„Во чекор со најсовремените пристапи за управување со посетители при посета на археолошки локалитет, овој аудио-водич ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин“, се вели во соопштението на оваа Национална установа.

Археолошкиот локалитет „Стоби“ е едена од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и за потребите на посетителите, освен туристички водич кој е на располагање за посетителите на локалитетот, од сега, ќе може да се користи и мобилната апликација „Стоби аудио гајд“ (Stobi audio guide), на македонски и англиски јазик.

Апликацијата содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите ќе може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап.


Два тима победија на „Фин хакатонот“, ќе креираат веб-апликација и игри за буџетот


Скопје, 9 јули, 2018 - 9:36 (META) 

Два тима победија на „Фин хакатонот“ за креирање на веб-апликација, видео и мултимедијална игра за Граѓанскиот буџет, кој викендов се одвиваше во Министерството за финансии. Тие ќе го делат наградниот фонд од 1,5 милиони денари, а и двата тима ќе имаат можност да го развијат својот производ и да отворат сопствена фирма преку кој понатаму ќе го пласираат.

Тимот составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска Стојановски и Георги Михаилов имаа најдобра видео и мултимедијална игра. Најдобра веб-апликација пак, понуди тимот составен од Елена Андреева, Теди Пејоски, Елена Јовчевска, Каја Стоилеска, Александар Трпески и Александар Бака Марковски.

Двата тима ќе работат на развој на финални производи со Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој, кои наскоро ќе им станат достапни на граѓаните.

„Фин хакатонот“ е во организација на Министерството за финансии и Бирото за иновации и технолошки развој. Целта на предизвикот кој траеше 48 часа во Министерството за финансии е да се направат јавните финансии и буџетот подостапни за граѓаните преку идеи од самите граѓани.


„Демокраси лаб“ ја промовираше алатката за младински активизам „Импакт“


Скопје, 4 септември, 2017 - 14:21 (META) 

Здружението за унапредување на демократијата „Демокраси лаб“ ја пушти во употреба интернет-алатката за младински активизам „Импакт“, која има цел да им помогне на младите луѓе што сакаат да бидат активни и да преземат иницијативи во својата заедница.

„Импакт“ нуди интернет-курсеви, банка на идеи и мапа на волонтирање.

„Курсевите имаат цел да ги зајакнат основните вештини на младите луѓе за иницирање и за спроведување активности во нивните заедници. Банката на идеи има цел да ја поттикнува креативноста кај младите луѓе и да ги насочи кон различни активности со кои можат позитивно да влијаат врз нивната заедница. Мапата за волонтирање ги идентификува младинските организации, неформалните групи и невладините организации што работат со млади луѓе и кои се активни во нивните заедници“, велат од „Демокраси лаб“.

„Импакт“ се реализира со поддршка на Проектот за граѓанско учество на УСАИД во Македонија, кој го спроведува Институтот „Ист Вест менаџмент“.


МЗШВ изврши авионско снимање на целата територија


Скопје, 22 август, 2017 - 14:01 (META) 

Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од јуни до средината на август изврши авионско снимање на целата територија на Македонија, по втор пат после 2009 година, информираат оттаму.

Согласно европските регулативи и препораки, авионските снимки се основа за функционирање на Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП).

„Со просторната идентификација на земјишните парцели се определуваат границите и големината на обработливата површина за која земјоделците аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. На овој начин, ќе се овозможат прецизни контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции и фактичката состојба на терен“, информираат од МЗШВ.

Во рамките на процесот ќе бидат направени „ортофото“ карти, дигитален модел на теренот на целата држава и ќе биде направена иницијална дигитализација на земјоделските површини според употребата на земјиштето.

Новите просторни податоци ќе овозможат ажурирање на промените настанати на земјишните парцели во периодот помеѓу двете снимања.

Активностите на изработка на авионските снимки, „ортофото“ картите, дигиталниот модел на теренот, како и дигитализацијата на земјоделското земјиште финансиски е помогнато од страна на Европската Унија преку ИПА-фондовите.


Музејот на ВМРО на „Гугл“ стана „Музеј на жртвите на Жмроизмот“


Скопје, 17 јули, 2017 - 16:40 (META) 

Уште еден локалитет во Скопје доби ново име на апликацијата „мапи“ на светскиот интернет-гигант „Гугл“. Овојпат станува збор за Музејот на ВМРО. Доколку на мапата го пребарувате овој музеј, ќе ви прикаже „Музеј на жртвите на Жмроизмот/(Museum of the victims of Zhmroism)“, а дури потоа како втора опција се прикажува вистинското име.

Претходно на оваа апликација, големиот скопски плоштад Македонија, на англиски беше преименуван во „Плоштад Вардарска“. Апликацијата за подобро снаоѓање, особено на туристите, ги дава имињата на локациите и на македонски и на англиски јазик.

Сепак, зад овие измени на имињата не стои самиот „Гугл“, туку корисниците. Компанијата во јули минатата година им овозможи на корисниците да споделуваат и да едитираат локации за да ја подобри апликацијата „мапи“ и да ги обележи неозначените места. Едитираните локалитети по автоматизам не се појавуваат во апликацијата, туку чекаат да бидат верификувани од повеќе корисници.

Оттука, голема е веројатноста дека станува збор за герила-акција на повеќе корисници кои одлучиле да го прекрстат музејот изграден од претходната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Компанијата „Гугл“ минатата година соопшти дека повеќе од една милијарда лица ја користат апликацијата „мапи“ и сите тие имаат можност да едитираат и да придонесуваат за развој на истата.

Инаку, досега на микро-мрежата „Твитер“, хаштагот „Ж“ се користеше за поранешниот премиер Никола Груевски, а по објавувањето на бомбите, ВМРО-ДПМНЕ на оваа социјална мрежа беше именувана како „ЖМРО“.


ДИК: Избирачкиот список е заклучен, може да се пребарува само со матичен број


Скопје, 8 декември, 2016 - 12:43 (META) 

Во апликацијата на ДИК за проверка на граѓаните во избирачкиот список, единствената активна можност за пребарување на избирачите од вчера е само преку матичниот број на граѓаните. Дополнителните две опции за пребарување, преку адреса и име и преземе, повеќе не се активни.

Од ДИК за „Мета“ велат дека избирачкиот список за предвремените парламентарни избори в недела, на 11 декември, е заклучен и затоа единствено секој лично, преку матичниот број може да провери на кое гласачко место гласа.

– Не може да се пребарува по име и презиме и по адреса бидејќи избирачкиот список е заклучен, па оттука може само да се пристапи со внесување матичен број или тоа, со други зборови, значи дека ќе можете само вие лично да си проверите на кое гласачко место гласате, а да не може друг во ваше име да го стори тоа – вели портпаролката на ДИК, Аријета Џемаили.

Пред три дена ДИК соопшти дека имале технички проблеми со апликацијата за проверка на граѓаните во избирачкиот список. Од Комисијата тогаш наведоа дека техничките проблеми немаат никакви последици ниту влијание врз избирачкиот список, организацијата, како и врз спроведувањето на претстојното гласање за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.

ДИК избирачкиот список го заклучи на 28 ноември кога го одреди и изгледот на гласачкото ливче. Тогаш од Комисијата соопштија дека според избирачкиот список, на изборите кои се закажани за 11 декември право на глас ќе имаат 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија.

Државната изборна комисија во март оваа година ја промовираше новата апликација за проверка на граѓаните во избирачкиот список, со која освен според матичниот број, граѓаните можеа да ги проверуваат податоците и доколку внесат име и презиме или адреса на живеење. Оваа можност на апликацијата откри бројни недостатоци, нелогичности и контроверзии – десетици граѓани на иста адреса, непостоечки адреси, починати гласачи, двојни адреси и слично.


ДИК имала технички проблеми со апликацијата за проверка на граѓаните во избирачкиот список


Скопје, 5 декември, 2016 - 21:43 (META) 

Државната изборна комисија вечерва соопшти дека во текот на денешниот ден имале одредени технички проблеми со апликацијата за проверка на граѓаните во избирачкиот список.

„Информираме дека апликацијата за проверка на податоците во избирачкиот список за граѓаните кои ќе гласаат во избирачките места на територијата на Република Македонија веќе е функционална и достапна. Во текот на утрешниот ден ќе биде достапна и апликацијата за проверка на податоците во избирачкиот список за лицата кои ќе гласаат во дипломатско-конзуларните претставништва и во конзуларните канцеларии во странство“, стои во соопштението.

Од Комисијата наведуваат дека техничките проблеми немаат никакви последици ниту влијание врз избирачкиот список, организацијата, како и врз спроведувањето на претстојното гласање за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.