Студентите на Бреинстер креираат апликација со која граѓаните ќе пријавуваат загадување во Скопје

Корисниците на Breathe.mk. ќе можат да поднесат извештаи за загадување на воздухот, со датум, време, локација во живо, ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот

Фото: Бреинстер

Со цел да се намали загадувањето и да се подобри квалитетот на воздухот во Скопје, студентите на македонската едукативно-технолошка организација Бреинстер (Brainster) викендов креираат апликација за детектирање и пријавување на загадувачите.

Во соработка со стартапот Air Care (Мој Воздух), Бреинстер организира два хакатона, на кои студентите ќе ја создадат платформата Breathe.mk. Оваа апликација што во иднина ќе ја користат граѓаните ќе овозможи следење и пријавување на загадување на воздухот, по што на терен ќе излезат инспектори за животна средина од Град Скопје, информираат од Бреинстер.

На првиот Air Care – хакатон, кој се одржува овој викенд (7 и 8 октомври) ќе биде креиран план за развој на продуктот, маркетинг стратегија и дизајн на платформата. На вториот хакатон, кој ќе се одржи на 28 и 29 октомври, студентите ќе работат на реализација на одбраниот дизајн, тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности.

Фото: Бреинстер

Алекс Долстра, иницијатор на Breathe.mk, го истакна значењето на оваа соработка во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје.

„Денеска го одбележуваме отпочнувањето на револуционерниот проект, Breathe.mk, кој има за цел да ја подобри борбата против загадувањето на воздухот во Скопје преку соработка помеѓу градот, институциите и нејзините граѓани. Со заедничката визија за дишење почист воздух, Breathe.mk ветува дека ќе донесе значајно подобрување на квалитетот на воздухот, со вклучување на градските инспектори и жителите, со здружени сили. Загадувањето на воздухот е глобална грижа, а Скопје не е исклучок. Признавајќи ја сериозноста на ова прашање, Градот Скопје зеде проактивен став со распоредување на широка мрежа од 220 станици за мониторинг на квалитетот на воздухот“, рече Долстра.

Преку апликацијата корисниците ќе можат да поднесуваат извештаи за загадување на воздухот само со оставање е-адреса или со регистрација на платформата. Идејата е пријавите да стигнат директно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје.

Корисниците на Breathe.mk. ќе можат да поднесат извештаи за загадување на воздухот, со датум, време, локација во живо, ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот.