Два тима средношколци ќе одат во НАСА, за првпат жирито избра два победнички тима

Фото: NASA Space Apps Challenge - Skopje, N. Macedonia

За првпат во 10 годишното постоење на NASA Space Apps Challenge кај нас, жири комисијата во конкуренција на 5 тимови едногласно одлучи да избере два тима како прво пласирани, соопштија организаторите.

Оваа година, тимовите AERTH и YCCC-SPACE EAGLES подеднакво ги освоија гласовите на членовите на жирито со понудените решенија за предизвиците. Националното супер финале од 48-часовниот хакатон 2022 се одржа викендов во просториите на ИТ хабот Нетавил. И двата тима, со поддршка на Амбасадата на САД, заедно со нивните ментори ќе патуваат во Вселенскиот центар Кенеди на НАСА.

„И во двата случаи стануваше збор за високо-квалитетни и добро промислени проекти, иновативен пристап, голем обем на сработени активности за само 48-часа и високо ниво на тимска соработка во рамки на хакатонот“, истакнаа од ЊуМенс Бизнис Акцелератор.

Тимот AERTH креираше решение со чија помош корисниците можат да го следат, но и предвидуваат движењето на Меѓународната вселенска станица притоа учејќи многу интересни и значајни факти за силите кои влијаат на нејзината траекторија. За изработка на ова решение, тимот користеше знаења од математика, орбитална механика, физика и програмирање.

Тимот YCCC-SPACE EAGLES се фокусираше на изработка на интерактивна мобилна апликација и веб страна преку која можат да се истражуваат позициите и големините на кратерите на Месечината направени од земјотреси таканаречени moonquakes, преку податоци добиени од NASA добиени од сеизмички и геофизички податоци прибрани од инструментите кои ги имаат оставено астронаутите од Apollo мисиите.

И двете решенија вклучуваа изработки и на потребните 3D модели, во првиот случај на Месечината, а во вториот на Меѓународната Вселенска Станица.

Признанието за второ место отиде во рацете на тимот THE EXPOSERS, кои се првите учесници што заради нивото и квалитетот на нивните идеи, обемот на технички познавања, силна визија и функционално решение-прототип изработено во само 48-часа успеаја од младинската конкуренција рамноправно да се натпреваруваат со останатите тимови во категотијата 15+ и дури да освојат и пласман.

Најмладите учесници кои го оформија тимот THE EXPOSERS креираа прототип на сонда опремена со независен систем за напојување со енергија за да може да издржи и 60-дневни мисии која имаше задача да ја истражува планетата Венера. Во овој тим членуваа основците Бодан Николов (12) од QSI International School of Skopje, Миа Чаушевска (12) од NOVA International Schools и Јаков Здравевски (13) од IPS.

Во тимот AERTH членуваат средношколците Мирослав Мишоски, Илин Московски, Леонид Индов, Марио Блажевски, Матеј Крстески и Калин Јовановски на возраст од 16 и 17 години од СУГС „Раде Јовчевски Корџагин“. Ментор на тимот е Марко Лазетиќ од Машински факултет.

Во тимот YCCC-SPACE EAGLES пак членуваат средношколците Анди Ганиу, Ендрит Шаќири, Јасир Идризи, Кренар Ахмет и Дијар Селами на возраст од 17 и 18 години од училиштето  „Зеф Љуш Марку“ во Скопје кои исто така се членови и на младинскиот центар од општина Чаир. Ментор на тимот е Ндерим Нагавци.