Дигитална библиотека и игри за деца достапни на новата апликација „Бокси“

Фото: Тимот на Бокси

„Бокси“ е првата детска апликација наменета за читање и слушање книги во Македонија. Како што информираат од младиот тим ентузијасти, кој ја креирал оваа апликација, таа е направена за да го разубавува светот на најмладите и конечно да ја разбуди љубовта кон литературата и читањето.

„Знаевме дека мора да ги споиме светот на игрите и светот на книгите. Тоа и го направивме. Со „Бокси“ дечињата можат да одберат свој аватар и да го уредуват со паричките собрани од секоја прочитана книга“, наведено е во соопштението.

Целта е да се направи времето поминато пред екрани да е корисно за децата. Над 200 наслови се дел од библиотеката на „Бокси“ и бројот континуирано расте. „Стела и Сани“, „Дневникот на едно шмокле“, „Ешка и Ешко“, „Јазовецот Итре“, „Мимбо Џимбо“ и уште многу други книгички можат да се пролистаат на апликацијата. Во иднина има план да се додадат уште повеќе едукативни содржини како лектири и едукативни квизови.

„Знаевме дека мора да има поубав и поинтересен начин да ги донесеме книгите поблиску до детскиот свет. „Бокси“ е модерен модел на креативен спој помеѓу учењето и забавата, веќе успешно применет на нордискиот пазар“, додаваат од тимот.

За аватарот има многу додатоци кои можат да го разубавуваат секој ден. Освен тоа, прочитаните книги им носат парички со кои што можат да добијат многу награди како Робакс картички, карти за кино и зоолошка, играчки и безброј други радости.

Апликацијата е веќе достапна и може да се преземе од App Store и Play Store. Компатибилна е и за мобилен телефон и за таблет. Корисниците на „Бокси“ ќе треба да платат за дигиталната библиотека и за игрите, 199 денари месечно.