УСС на УКИМ до студентите: Пријавете апликации за проекти и научни трудови

УКИМ
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Скопје / фото: Мета.мк

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) оваа година, заедно со комисијата за наука при УСС и УКИМ, отвораат јавен повик за поднесување на апликации за научни трудови и проекти наменет за студентите на УКИМ, информираат тие.

Студентите кои ќе се пријават треба да поднесат целосна апликација, која е потребно да содржи накратко образложена идеја за што ќе се работи во трудот/проектот, кои се целите, планиран период за изработка, детално планиран буџет и потпис од ментор/професор.

Поднесувањето на апликациите ќе трае до 03.12.2022, до 12 часот. Апликациите треба да се испраќаат на следниот меил: [email protected].

По испраќањето на апликациите, истите ќе бидат разгледувани од страна на комисијата за наука при УКИМ и УСС, каде потоа ќе бидат објавени оние на кои ќе им бидат прифатени проектите и научните трудови.

„Сакаме да напомене дека избраните научни трудови ќе бидат целосно финансирани, а избраните проекти ќе бидат ко-финансирани од УСС. Исто така, во текот на летниот семестар, ќе биде организирана и конференција на која ќе можат да бидат презентирани научните трудови и проекти“, информираат од УСС на УКИМ.

Овој повик е наменет до сите студенти на УКИМ, а тековно ќе бидат објавувани повици за поднесување апликации на конкретни теми.

„Она за кое ќе пробаме да се избориме оваа година е научните трудови и проекти да бидат презентирани и објавувани на меѓународни конференции, со цел и мотивот кај студентите да биде уште поголем за пишување и креирање на истите“, велат од УСС на УКИМ.

Со ваквиот потег од УСС веруваат дека ќе бидат иницијална точка која ќе биде двигател и стимул што повеќе да се даде внимание на научно- истражувачката дејност, но и се надеваат дека оваа иницијатива во иднина ќе биде и причина Министерството за образование и наука да одлучи да издвојува повеќе средства за научно-истражувачката дејност.