По Кико на македонски, изработен е и аудиочитачот Хана на албански јазик

Извор: Кабинет на вицепремиерот Артан Груби

По промовирањето на аудиочитачот на македонски јазик – Кико, слепите лица и лицата со оштетен вид, чиј мајчин јазик е албанскиот, ја добија и албанската верзија – Хана, информираат од кабинетот на вицепремиерот Артан Груби.

И оваа апликација на албански јазик, налик на македонската, ќе овозможи пишаниот текст да се слушне и разбере во аудио верзија. За првпат, лицата со оштетен вид кои говорат албански јазик добија аудиочитач на мајчин јазик. „Хана“ ќе биде достапна за околу 5.000 слепи лица од регионот. „Хана“ ќе може да ја користат околу 5.000 слепи лица од регионот со мајчин албански јазик, но секако таа бројка е поголема ако се зема предвид и албанската дијаспора низ светот.

Првиот Заменик на Претседателот на Владата на РСМ, Артан Груби изрази големо задоволство за тоа што на слепите лица и лицата со оштетен вид од денеска значително ќе им се олесни секојдневниот живот.

„Заложбата на Владата на Република Северна Македонија е да создаде општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаков пристап до образование, вработување, здравство и еднаква заштита од секаква дискриминација. Во своите стратегии и политики, Владата има јасна заложба за подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост”, нагласи Груби.

Дигиталната апликација – аудио читач ќе биде бесплатна и достапна за сите корисници на Андроид системи под името RHVoice, мобилни телефони, десктоп компјутери или други електронски уреди. Откако ќе се инсталира апликацијата RHVoice, потребно е да се одбере „албански“ на листата со јазици, потоа да се кликне „инсталирај“ веднаш до називот Хана.

Користењето на аудио читачот како апликација е мултинаменска. Освен за слепите лица, продуктот ќе може да го користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро можат да ги разбираат во аудио формат.

На двете верзии од аудио читачот работеше тим составен од ИТ експерти од американска компанија специјализирана за изработка на говорни синтези со искуство на изработка на вакви продукти за неколку говорни подрачја, поддржани од локален и регионален тим од филолози и лингвисти од реномирани институции.