Промовирана апликацијата „Сиборд“ за унапредување на инклузивноста на децата со попреченост

Фото: Принтскрин од видео на Јутјуб каналот „Intorduction to Cboard“

Претставништвото на УНИЦЕФ и партнерите, организацијата „Отворете ги прозорците“ во Северна Македонија денес го промовираа имплементирањето на дигиталната апликација и алатка за асистивна технологија, „Сиборд“, креирана за да им помогне на децата кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот за да можат да комуницираат и да ги искажат своите потреби, чувства и мисли.

Станува збор за бесплатна апликација со отворен изворен код, креирана со поддршка од Фондот за иновации на УНИЦЕФ. „Сиборд“ може да се користи на интернет или преку андроид мобилен уред или таблет, како помош за децата и возрасните кои се соочуваат со голем број говорни и јазични нарушувања, за да се олесни нивната комуникација со употреба на симболи, слики и пренос на текст во говор.

„Комуникацијата е во сржта на секоја интеракција меѓу луѓето. Децата кои имаат тешкотии со говорот често не успеваат да бидат разбрани, а тоа може да биде пречка во нивните секојдневни интеракции, развој, образование и социјална вклученост. Со Сиборд, децата добиваат глас, можност да проговорат, да учат, да се развиваат и да се изразат себеси, а со тоа и шанса да покажат што можат да постигнат,“ истакна Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ, која ги повика родителите, воспитувачите и наставниците да ја користат новата алатка со цел да се премостат бариерите кои оневозможуваат активно учество и инклузија на децата во пошироката заедница и во општеството.

Сиборд е асистивно технолошко решение за алтернативна и аугментативна
комуникација, односно комуникатор што може да се користи во различни средини, почнувајќи од семејството на детето и градинките, центрите за рана интервенција, училиштата, ресурсните центри и логопедските услуги и може особено да помогне во раниот детски развој и раната инклузија на децата со попреченост, почнувајќи од предучилишното образование и понатаму.

„Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со својата посветеност кон унапредување на системот за заштита на децата за да се овозможи сите деца, без оглед на нивните способности, средината од која доаѓаат, како и нивното образование и семејство, да добијат сеопфатна поддршка за развој на нивниот целосен потенцијал“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

„Сиборд“ првично е воведен во три земји во регионот, Хрватска, Црна Гора и
Србија. За воведувањето во Македонија се одговорни УНИЦЕФ и партнерите – организацијата „Отворете ги прозорците“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) кои  направија локализација на алатката на македонски и албански јазик и креираа нов глас за аудио читач на македонски јазик –
женскиот глас „Сузе“.

Досега повеќе од 170 стручни лица, вклучувајќи тимови за инклузија од десет градинки, наставници од предучилишни установи, терапевти, психолози, членови на телата за функционална проценка и специјални едукатори се запознале со примената на алтернативната и аугментативната комуникација, вклучувајќи го Сиборд, во работата со деца кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот и јазикот. Стручните лица кои ја тестирале апликацијата во пилот-фазата потврдуваат дека децата особено добро реагираат на опцијата за претворање на текст во говор,
дека покажуваат подобрување во опсегот на зборови и во изразувањето на своите потреби.

Апликацијата е достапна на повеќе од 30 јазици и има пристап до базата на податоци
Global Symbols која има над 20.000 симболи и која сега ги вклучува сетови со симболи за основенлексички фонд за македонски и албански јазик. Сетовите со симболи може  и да се експортираат од „Сиборд“ и да се испечатат за да се користат како дополнителен ресурс при работата со децата.

Дигиталната алатка може бесплатно да се преземе од „Google Play“ на андроид телефони или директно да се пристапи на страницата www.cboard.io.