Со апликацијата „Имерсиум“ поблиску до македонското културно наследство

Фото: Центар за социјални иновации „Блинк 42-21“

Голем број посетители вчера имаа можност да видат како е да се чекори по стапките на римскиот император Теодосиј за време на неговата прва посета на археолошкиот локалитет Стоби за која има записи дека се случила кон крајот на четвртиот век од нашата ера, наведено е во соопштението на Центарот за сицијални иновации „Блинк 42-21“. Оттаму информираат дека впечатливото искуство се случило благодарение на мобилната апликација „Имерсиум“ (Immersium), која до 25 ноември ќе биде промовирана во Стоби, а овозможува уникатно културолошкo искуство низ истражување, едукација и забава.

„Влезот е бесплатен и активностите се одвиваат од 8 до 15 часот. На вчерашната презентација на апликацијата се обратија директорот на Стоби, Спасе Перовски, Димитар Николовски, археолог во Стоби, Александар Меламед, претставник на делегацијата на ЕУ и Милан Танчески од „Блинк 42-21““, велат оттаму.

Апликацијата „Имерсиум“ овозможува нов начин на истражување на богатото културно наследство преку користење на современи технологии кои го ставаат посетителот во центарот на едно ново културолошко искуство.

Дигиталната апликација е продукт на двегодишен проект за кој соработуваа седум институции од пет балкански земји. Посетителите имаат можност да искусат дел од секојдневието на „стобјани“ преку кратки игри, аугментирана реалност, квизови и реконструкции.

„Преку апликацијата посетителот добива улога во самата приказна и можност за виртуелна интеракција со историските објекти и ликови додека го истражува локалитетот“, се додава во соопштението.

Ваквиот начин на пренесување на културното наследство има за цел да привлечe една нова генерација на посетители на археолошките локалитети кои бараат нови интерактивни доживувања преку користење на современи технологии.

„Новото време бара постојана адаптација, креативност и иновативни начини за да се
приближат вистинските вредности особено до новите генерации. Апликацијата e во функција во Словенија, Србија и Македонија, ја работевме со огромен ентузијазам и искрено се надеваме дека и други институции од земјава и од странство ќе се вклучат во овој бран“, се наведува во соопштението од Центарот за социјални медиуми „Блинк 42-21“.