Стејт департментот виде потчинети медиуми, напади врз новинари и недоверба на јавноста


       
Скопје, 23 април, 2018 - 11:47 (META) 

Бројни проблеми со закани и напади со новинари, медиуми потчинети на политиката и економските интереси и недоверба на јавноста во медиумите се дел од крупните проблеми што ги нотира извештајот за состојбата со човековите права за 2017 година за Македонија, подготвен од Стејт департментот на САД.

„Уставот обезбедува слобода на изразување, вклучително и на медиумите, но владиниот притисок на медиумите, неказнувањето на сторителите на насилство врз новинарите и другите вработени во медиумите, како и медиумски пазар поделен по линиите на политичките партии, се и понатаму проблем“, одбележува извештајот.

Пренесувајќи ја на почетокот на својата оценка и анкетата на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ за 2016 и 2017, во која се откри поразителниот факт дека само 5 отсто од граѓаните во потполност им веруваат на медиумите, Стејт департментот, потсетува и на реакцијата од 28 април на шест медиумски организации, меѓу кои и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Европската федерација на новинари, во која беше обвинета претходната влада дека не ги почитува слободата на изразување и слободата на медиумите и дека не презема мерки за заштита на новинарите.

Ограничен број медиумски чинители активно изразувале мноштво гледишта без одредени рестрикции, но медиумските куќи и известувањето и понатаму се поделени по политички линии, се вели во извештајот, во кој се цитираат и согледувањата на „Фридом хаус“ од 2 февруари 2017, дека многу приватни медиуми се во сопственост на бизнисмени, кои ги злоупотребуваат за своите комерцијални интереси или за да дојдат до придобивки од владата“.

Се наведува и извештајот на ЗНМ од април за медиумската ситуација до стапувањето на новата влада на сила, во која се зборува за обемно пренасочување на јавните пари од централно и локално ниво во медиумите. Во однос на новата влада, се вели дека од 22 август го прекинала владиното рекламирање, освен на социјалните мрежи, а на истото ги повикала и локалните власти, како и дека од 19 септември е укината радиодифузната такса.

Во извештајот се споменуваат и наводите експертите на Европската комисија од 14 септември минатата година каде се нагласува дека новинарите честопати не ги почитуваат етичките стандарди, наведувајќи ги и наводите за самоцензура и селективно известување од страна на некои новинари, што е резултат на коруптивни практики и недостиг на професионални вештини.

Се повторува и оценката за заканите лошите работни услови на новинарите и финансиската нестабилност на медиумските компании.

Во поглед на заканите и насилството врз новинарите, како „јасен сигнал за агресијата што се користи за замолкнување на новинарите“ се одбележува случајот од 7 јуни 2017 година, кога неидентификувани лица се заканија на Елида Зилбеари, главната уредничка на информативниот портал „Порталб“, кој е дел од „Метаморфозис“, по објавувањето на статија за злоупотреби од страна на Блерим Беџети во текот на неговото раководење со Општина Сарај. Истрагата за овој случај не е завршена до септември, се одбележува во извештајот.

Стејт Департментот потоа се осврнува на попречувањето на новинарите да си ги извршуваат професионалните обврски, вклучително и претепувањето на шестмина новинари во насилствата на 27 април во Собранието. Еден од нив, кој веројатно беше и најмногу натепан, беше и тогашниот новинар на агенцијата „Мета“ (проект на „Метаморфозис“), Димитар Тануров, чии искази ги пренесува Стејт Департментот во својот извештај.

„Димитар Тануров, новинар на независната агенција ,Мета’ кажа пред Комисијата за заштита на новинарите дека гневните демонстранти му се заканиле и му наредила да престане да фотографира во текот на демонстрацијата во парламентот. Според Тануров, кога ја видоа мојата новинарска легитимација и за кого работам, ме нарекоа предавник, ми го зедоа телефонот и продолжија да ме удираат и да ме клоцаат додека лежев на подот’“, наведува Стејт Департментот, кој ги спомеува и нападите врз репортерите на 27 февруари и 10 март на протестите на „За заедничка Македонија“.

Во поглед на навредата и клеветата, во извештајот се наведува дека до 23 ноември минатата година имало 39 процеси за нарушување на личниот углед против новинари, уредници или управители или сопственици на медиуми. Како што вели Стејт департментот, според некои уредници и сопственици, високите казни во постапките, дополнително ќе ја засилат самоцензурата.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.