Попоски: Колку би било убаво Плевнелиев да беше како Желев пред 25 години


       
Скопје, 22 јануари, 2017 - 15:22 (META) 

Пред 25 години, првото признавање на независна и суверена Република Македонија дојде од Софија, а „потоа следеа сите други пријателства“, напиша денеска министерот за надворешни работи во оставка, Никола Попоски, на својот фејсбук-профил, изразувајќи „благодарност до Бугарија од Македонија“.

Попоски вели дека тогашниот претседател на Бугарија, Жељу Желев, имал демократско чувство и почит кон волјата на македонските граѓани, додавајќи дека било убаво таква широчина да покажел и доскорешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев.

„…(Жељу Желев н.з.) даде недвосмислена поддршка во тешки моменти за сосед како нас. Голем човек несомнено, кој ја заслужува сета наша почит. Тоа беа други времиња, други луѓе. Колку би било добро и оној кој до вчера ја имаше истата функција, Плевнелиев, да ја имаше истата широчина, визија и почит за волјата на граѓаните на соседна држава. Да покаже сила и мудрост и да одбере пораки на мир, подавање рака и одлучна поддршка за сите да бидеме во европското семејство час поскоро. Тоа сигурно е покорисно отколку гонење митови, креирање лажни закани и поттикнување фобии. На крајот на денот, сите сме луѓе кои сакаат спокојство, благодет во живеењето и почит од ближните. Баш такви какви што сме“, пишува Попоски на „Фејсбук“ и нагласува дека „лидерите се за да ни го покажат патот што нè води во тој правец и да нè поврзат“.

Република Бугарија на чело со тогашниот претседател Жељу Желев прва ја призна Македонија под нејзиното уставно име на 15 јануари 1992 година.

Росен Плевнелиев функцијата претседател на Бугарија ја извршуваше до денеска, кога должноста ја презеде новоизбраниот бугарски претседател Румен Радев.

Плевнелиев во своето последно интервју како претседател на Бугарија рече дека „Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот“.