Општините ќе може да искористат 6,5 милиони евра за инфраструктура и градинки


       
Скопје, 13 август, 2018 - 9:34 (META) 

Општините ќе можат да аплицираат за 6,5 милиони евра за капитални проекти преку Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, информираат од Министерство за финансии. Општинските власти треба да подготват предлог-проекти со кои ќе аплицираат на јавниот повик, кој Министерството за финансии ќе го објави во септември и истиот ќе го спроведува.

Тој е поддржан од Светска банка со вкупен фонд од 81,1 милион евра и ИПА-грант средства за рурален развој од ЕУ во износ од 14,6 милиони евра. Целта на проектот е да ги подобри услугите кои ги дава општината на граѓаните, како и капацитетите на општинската администрација за имплементирање на проектите.

Во рамки на проектот се финансираат општински проекти како изградба и реконструкција на систем за водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, локална патна инфраструктура, енергетска ефикасност, изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и слични проекти.

– Илјадници граѓани во Македонија добиваат подобри услуги од својата општина благодарение на овој проект. Годишно, тоа се десетици километри нови или реконструирани локални улици, изградена или реконструирана водоводна мрежа, реконструирани речни корита, градинки, културни домови, општински згради итн. Ова се реални проекти, со реални вредности за граѓаните – вели министерот за финансии Драган Тевдовски.

Само преку овој проект, на годишно ниво – од јуни 2017 до јуни 2018 година, реализирани се 72 капитални проекта во 41 општина.