Мичел на средбата со Димитров ја повторил поддршката од САД за членство во НАТО и ЕУ


       
Скопје, 13 септември, 2018 - 11:51 (META) 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска имаше средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел со кого разговарал за евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот, информираат од МНР.

Димитров ја потенцирал важноста од натамошна поддршка на САД во евроатлантските интеграции на Република Македонија и соработката заснована на стратешкото партнерство.

-Нашето заслужено членство во Алијансата, значително ќе придонесе кон градење на просперитетна и побезбедна Република Македонија, што ќе биде од значење и за целиот регион – му рекол Димитров на Мичел.

Помошник државниот секретар Мичел, повторно ја реафирмирал силната поддршка на САД за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

„Тој ги поздрави напорите на Република Македонија на тој пат, особено со конструктивната политика со соседите, како и постигнувањето на решение за спорот околу името со Грција. Во тој контекст, тој ги повтори очекувањата за успешен референдум и имплементација на Договорот со Грција, со цел заокружување на процесот на зачленување во НАТО и Европската Унија“, стои во соопштението од кабинетот на Димитров.