Коѕиас: Нема доволно време Македонија во јуни да стане членка на НАТО


       
Атина, 18 април, 2018 - 13:57 (META) 

На следниот НАТО самит во јули, Македонија нема да стане членка, бидејќи временскиот период е краток, изрази шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за грчкото радио „247“.
Според Коѕиас, договорот треба да се ратификува на различни начини, а веќе е април.

– Тие сакаат да распишат референдум. За референдум во земјата пријател на север, потребни се два месеци. Само за референдумот ќе дојде јуни. А откако ќе се заврши со референдумот, договорот ќе треба да оди во Собранието, а и за тоа треба половина месец или еден месец. Откако ќе стигне во Собранието, ќе треба тоа да направи уставни измени. За да имаме договор ќе треба да се согласиме за уставни промени. Што значи ќе стигне есен – објасни шефот на грчката дипломатија.

Во однос на разговорите и точките за кои се преговара, Коѕиас, рече дека идентитетот е прашање на самоопределување, а за националноста ќе се користи новото име, односно во пасошите ќе стои „државјанин на таа и таа земја, државјанин на името за кое што ќе постои договор“.

– Идентитетот е прашање на самоопределување. Да го запомниме ова, затоа што не треба и ние да ги прекршуваме меѓународните закони – објасни Коѕиас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој не сакаше јавно да коментира дали двете страни се блиску до договор за името „Горна Македонија“. Рече дека од петте предлози на Нимиц, отфрлено е името „Република Македонија (Скопје)“, а Грција остава на нашата земја да ја одбере географската одредница.

– Од моментот кога има сложена географската одредница немаме проблем, но оваа сложена географска одредница, треба да е и за внатрешноста на земјата – рече шефот на грчката дипломатија.

Категорично „не“ е одговорот на Коѕијас на прашањето дали без ревизија на Уставот и ерга омнес, може да се постигне договор. Министерот за надворешни работи на Грција во интервјуто оваа негова позиција уште еднаш ја поткрепи со примерот со документите. Рече дека од кај нас ги слушнал аргументите дека Грција не ја засега ако една општина во допис до друга општина го користи името Република Македонија. На ова, одговорил дека постојат низа документи што ќе создадат проблеми во функционирањето, како на пример Уставот, доколку би се пратил во странство, а името што е вклучено нема да се смени и да биде новото, она за меѓународна употреба, туку ќе биде уставното, но преведено.

– Ако не постои ерга омнес и употреба за сите меѓународни, меѓудржавни, билатерални односи, во меѓународните организации, а и во внатрешноста на земјата, ќе инвестираме во кавги и несогласувања во следниот век, ова се обидувам да ѝ го објаснам на ПЈРМ. Ќе излегуваат документи, дозволи, дипломи во странство со внатрешното име, ние ќе ги бркаме дека го прекршуваат договорот, а тие ќе велат дека се случи по грешка и ако денес имаме кавга за тоа кое име се користи во меѓународните организации, тогаш ќе имаме секојдневна кавга што ќе биде ќорсокак и ќе ги влошува условите меѓу двете држави, рече шефот на грчката дипломатија, додавајќи дека Грција бара договор што нема да создава, туку ќе ги решава проблемите – рече тој.