!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Гутереш охрабрува за надминување на спорните прашања


       
Њујорк, 22 септември, 2017 - 19:08 (META) 

„Македонија е еден од најпозитивните примери за меѓукултурен, меѓурелигиски и меѓуетнички соживот. Ја цениме улогата што ја има вашата држава во регионот како фактор што го помага разбирањето и дијалогот меѓу државите. Македонија има голема поддршка од Обединетите нации и таа ќе продолжи и во иднина“, порачал генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на средбата со премиерот Зоран Заев во Њујорк.

Генералниот секретар на ОН, како што соопшти владината прес-служба, на средбата истакнал дека е важно Македонија да обезбеди развој и изразил „охрабрување за надминување на спорните прашања, во насока на обезбедување на стратешките евроатлантски цели на Македонија“.

Премиерот Заев на средбата нагласил дека Владата е силно посветена на потребните реформи за квалитетен живот на граѓаните и за отворање на перспективите на државата.

– Водиме инклузивни политики, ја градиме Македонија во едно општество за сите граѓани низ мултиетничка кохезија, развиваме добри односи со соседите, градиме пријателства на меѓународен план и се надеваме дека со тоа даваме позитивен пример за целиот регион. Договорот меѓу Република Македонија и Република Бугарија е доказ дека отворените прашања се надминуваат таму каде што постои политичка волја за тоа – рекол Заев, додавајќи дека интеграциите на Македонија во ЕУ и во НАТО се иднината на државата.

Заев истакнал дека Македонија ги поддржува активностите за реформа на Обединетите нации, што ги спроведува Гутереш, и го поканил генералниот секретар на ОН да го посети регионот и Македонија.